Достапни линкови

УБК без парламентарна контрола


Работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање е оставена на контрола на власта, што нема смисла, велат познавачите, затоа што не можат самите да се контролираат самите себе.

Во отсуство на опозицијата, а првпат во овој пратенички мандат, собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање без расправа, едногласно го донесе предлог деловникот за работа на оваа комисија.

Инаку за информација на јавноста, со оваа Комисија претседава и нејзин заменик се пратеници од редовите на опозицијата и повторно со жалење можеме да констатираме дека не присуствуваат од причини само за нив разбирливи.
Иван Иванов, пратеник.

Иван Иванов, кој со овластување на собранискиот спикер Трајко Вељаноски ја водеше комисијата рече дека е предложениот деловник за работа ќе им ја олесни работата на сите.

„Инаку за информација на јавноста, со оваа Комисија претседава и нејзин заменик се пратеници од редовите на опозицијата и повторно со жалење можеме да констатираме дека не присуствуваат од причини само за нив разбирливи.“

Но дали и колку оваа собраниска комисија има моќ да влијае и да ја контролира работата на Агенцијата и на Управата и од друга страна кој всушност ја контролира работата на комисијата? Поранешниот претседател на комисијата за надзор врз следењето на комуникации Тито Петковски вели дека денешната средба на оваа комисија е глумење на парламент, во отсуство на парламентарна демократија.

Парламентот составен од партиите на власта, на владејачките партии кого ќе контролираат? Ќе го контролираат Премиерот којшто ги поставил за пратеници или ќе ги контролираат министрите кои седат во раководството на политичките партии и коишто се на власт? Нема никаква смисла.
Тито Петковски, НСДП.

„Без присуство на опозиција нема парламентарна контрола. Парламентот составен од партиите на власта, на владејачките партии кого ќе контролираат? Ќе го контролираат Премиерот којшто ги поставил за пратеници или ќе ги контролираат министрите кои седат во раководството на политичките партии и коишто се на власт? Нема никаква смисла.“

Но дури и кога опозицијата била присутна во двете собраниски комисии кои се надлежни за надзор на следењето комуникации и работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање без расправа, искуството покажало дека комисиите немаат реална моќ да спречат евентуални злоупотреби во овластувањата на безбедносните служби.

Работата на службите е оставена на контрола во тој дел на милост и немилост на господа, не може тој кој е власт, самиот да се контролира себе си, тоа е основно правило.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор и поранешен разузнавач.

„Тие имаат право да ги следат состојбите и држат седници на комисиите, носат заклучоци кои потоа треба да ги верификува Парламентот, и во секој случај ако Комисијата забележи потреба за одговорност на некој функционер, таа одговорност ја утврдува собранието, меѓутоа до сега не се случило“, вели Петковски.

Поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров вели дека собраниската комисија има онолку можности за контрола на безбедносните служби колку што ќе и дозволи државата. Колку е општеството подемократско толку контролата е поголема, а механизмите се подобри и можат да се спроведат во практика, дециден е Пивоваров.

„Работата на Комисијата докаже дека иако имавме измени во законска форма, сепак тие не се доволни да имаме реална контрола. Работата на службите е оставена на контрола во тој дел на милост и немилост на господа, не може тој кој е власт, самиот да се контролира себе си, тоа е основно правило.“

Согласно предложениот деловник, комисијата за својата работа најмалку еднаш годишно ќе поднесува извештај до Собранието на Република Македонија. Комисијата има претседател, осум члена, заменик претседател и осум заменици членови. Таа разгледува прашања што се однесуваат на законитоста во спроведувањето на овластувањата на управата и агенцијата, методите и средствата што ги користат материјалната, кадровска и техничка опременост на двете институции и други прашања што се поврзани со нивната работа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG