Достапни линкови

Лазаревска со „Внатрешни траги“ во Ку Ла


„Внатрешни траги“ е насловена изложбата на фотографии од последниот незавршен авторски проект на Ана Лазаревска, што од 4 до 11 декември, се одржува во независниот културен центар „Ку Ла“ во Скопје. Во делата, уметницата ја користи фотографијата за да пренесе моќни перформативни движења во стари, најчесто напуштени куќи, како спој помеѓу непредвидливата сегашност и враќањето кон минатото и предците.

Фотографијата отсекогаш била едно од основните средства за да се дисекцира времето на тенки исечоци, замрзнати во моментот; да се искуси; да се даде појавност на дејствие во кое се учествувало како набљудувач. Но, делата од „Внатрешни траги“ не претставуваат средба на фотографот со настанот, тука, авторката вообичаеното неинтервенирањето во дејствието го менува со нејзиното активно вклучување и како опсерватор и како носител преку својот перформанс.

Моето истражување главно се навраќа кон моето минато и минатото на моите предци. Го анализира времето и зборува за нашите генерации, она што било и она што ќе остане од сето тоа.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи историчарката на уметност Бојана Јанева Шемова во подолгиот текст од каталогот за изложбата „Внатрешни траги“ на Ана Лазаревска, што од 4 до 11 декемри, се одржува во независниот културен центар „Ку Ла“ во Скопје.

Овде фотографијата се појавува како сведок, медиум на мојата непредвидлива реакција која што ја документира ефемерноста на нештата.

Кураторката пишува дека станува збор за млада авторка чиј уметнички фокус е насочен кон истражувања поттикнати од личните искуства и нивната емоционална обоеност, па оттука медиумот во кој таа се изразува ја менува својата форма, во зависност од предметот на нејзиниот интерес. Вели дека во нејзините дела тивките минијатурни споменици од едно време – фамилијарните фотографии во рамката од огледало, покривките на масите, завесите на прозорците, украсните сликарии на ѕидовите, сите имаат и поинакво значење - сентиментално и имплицитно магично, дополнително назначено во соодносот на играта со светлината врз нив.

Лазаревска, пак, појаснува дека нејзиниот проект се состои од осум фотографии испринтани на платно и снимени во неколку села во Македонија. Започнала да ги работи на Креативниот викенд во Лазарополе каде со повеќе учесници направиле една интересна работилница за фотографија, продолжила да го развива на годинешната Галичка колонија и во текот на истражувањето отишла во Слепче, родното село на нејзината баба.

„Моето истражување главно се навраќа кон моето минато и минатото на моите предци. Го анализира времето и зборува за нашите генерации, она што било и она што ќе остане од сето тоа“, вели уметницата.

Таа дополнува дека земајќи ја куќата како сцена таква каква што е, без да помрдне ниту еден дел од неа, инстинктивно и интуитивно се изразила преку перформативни движења кои што ги документирала на фотографија.

„Ставајќи се во улога на перформер – автор, фотограф – документарист, поттикнав многу прашања врзани со меѓусебната релација на перформансот и фотографијата. Каде фотографијата го губи документарниот пристап, нејзиниот документарен карактер и кога станува уметничко дело. Тоа ми е главното прашање кое што го истражува овој проект. Овде фотографијата се појавува како сведок, медиум на мојата непредвидлива реакција која што ја документира ефемерноста на нештата“, потенцира Лазаревска.

Родена 1987 година во Скопје, Ана Лазаревска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот графички техники и графички дизајн во класата на професорот Мирко Вујисиќ. Во текот на студиите била вклучена во програмата ЦЕЕПУС за размена на студенти при што одреден временски период ја посетувала наставата на Академијата за ликовни уметности во Загреб, Хрватска и потем во Виена, Австрија. Во уметничката пракса, акцентот во творештвото го става врз сопствените чувства изразени преку перформансот, фотографијата и инсталацијата. Делата досега ги претставувала на повеќе групни постановки во земјава и во странство, а минатиот месец со дел од фотографиите од актуелната самостојна изложба, како дел од екипата одбрани македонски творци, учествуваше на Уметничкиот саем „Паратисимо“ што се одржа во Торино, Италија.

„Четири фотографии од овој проект беа изложени на „Паратисимо“, каде во рамките на четирите дена од Уметничкиот саем, имаа можност да ги видат над 80 илјади присутни на оваа голема европска културна манифестација. Имаше огромен интерес за она што го претставивме таму, некако луѓето застануваа, прашуваа за делата и беа искрено заинтригирани за она што е локално, македонско творештво“, ќе рече Лазаревска.

Инаку, не смее да се заборави, како што вели Лазаревска, дека на проектот сè уште се работи и дека оваа изложба „Внатрешни траги“ и не е финалното негово претставување. Таа планира да го доистражи со посета на уште неколку села и локалитети во Македонија и потем да им се препушти на некои од идеите за поставки на изложби како инсталации.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG