Достапни линкови

Раѓеновиќ-Јовановиќ: Се градат кулиси, а не објекти


Сметам дека градбите од Скопје 2014 се неквалитетни и мислам дека тоа многу брзо ќе се види. За десет години сите ќе се чудиме како ќе изгледаат тие објекти, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Дали е добра вест за градот, тоа што иницијативата „Го сакаме ГТЦ“, најави протест на 28 декември за зачувување на стариот лик?

Да, мислам дека е добра вест и тоа е една од шансите и приликите да се проба повторно нешто да се направи. Асоцијацијата на архитекти го поддржува проектот на иницијативата „Го сакам ГТЦ“, што се најавува како новогодишна средба на 28 декември, пред влезот на Градски трговски центар. Во таа иницијатива, едни од главните во одборот се и архитекти коишто се и членови на Асоцијацијата на архитекти. Асоцијацијата се обидувала досега на сите легални начини и со сите легални средства да се обиде да го спаси сквернавењето на Градски трговски центар, сме се обратиле до Комората на овластени архитекти и инженери, чии што овластувања сите ги поседуваме за да можеме да работиме и најголем процент од членовите се архитекти. Значи сме се обратиле до Комората со барање да се одземат овластувањата на проектантите на ГТЦ во сè, според статутот на Комората, но одговор од нив никогаш не сме добиле. Уште во јуни поднесовме иницијатива за референдум до Општина Центар, на која што сè уште немаме одговор. Асоцијацијата се обиде, но за жал, нема соговорник. Најжално од сè е што не се почитува стручноста, затоа што со стручњаци и со професионалци мора да се разговара и да се полемизира, но никако не смеат да се игнорираат, а кај нас професионализмот и стручноста се исклучува од сите сфери на општеството.

Дали однапред се сомневате во неуспех или овој пат како Асоцијација ревносно и вистински ќе ги браните вашите ставови, со оглед дека за претходни проекти немаше некаков ефект?

Скоро сум сигурна дека стручноста повторно ќе се маргинализира и повторно нема да се почитува. Ќе ми биде драго да не сум во право за она што го говорам. Тоа се случува со години и самите кажавте дека тоа се случува со сите проекти. Гледаме што се случува со сите професии, гледаме што им се случува на лекарите, каде што е уште поопасно отколку во нашата професија, затоа што се работи за човечки животи и здравје. Ова што нам ни се случува е неповторлива и непоправлива грешка. Ние ги браниме своите ставови во нерамноправна битка, затоа што прво нема кој да нè сослуша, инструментот на делување не е во нашите раце. Битката е искрена, стручна, со најдобра намера и со голема надеж, но исходот е многу неизвесен. Можеби ќе се случи да треба да го браниме ГТЦ во моментот кога ќе дојдат машините да почнат да градат, да го окупираме објектот за да можеби тоа даде некаков резултат.

Дали сметате дека со доградбата на ГТЦ ќе се нанесе штета и ќе се избрише едно архитектонско обележје?

Ќе се нанесе огромна штета. Квалитетот мора да се почитува, а ГТЦ е сигурно несомнен квалитет. Што би рекол професор Чипан – „ГТЦ е симбиоза на животот и ГТЦ мора да остане автентичен и да се прогласи за културно наследство“.

Гледаме дека и новата фасада на владата е при крај и тука беше дискутабилно да се интервенира во фасадата. Дали беше испочитувано авторското право?

Авторското право во тој случај не беше воопшто почитувано. Објектот на владата не е помалку вреден од објектот на ГТЦ. Закон за авторски права постои кај нас, на објектот имаат права и сопствените што е нормално, но Законот за авторски права е толку недефиниран што остава простор за злоупотреба, што се случи со владата, каде што не се почитува никаква стручност. Тоа е одраз на една невоспитаност, необразованост и недоволна доза на самокритичност.

Постои ли излез од ваквата состојба, со ваша стратегија со која ќе се наметнете како професија чиј глас е клучен при градење важни објекти? Дали во вашата професија толку многу е навлезена политиката, со оглед на тоа што кога слушаме ставови тие се про или контра, а се добива впечаток дека поголемиот дел од фелата како да молчи?

Во архитектурата секаде во светот често има многу политика, бидејќи најчесто големите, капитални и значајни објекти ги градат државите и архитектурата е една од омилените алатки во рацете на политичарите, бидејќи е моќна и создава простор за луѓето. Потребно е многу знаење, многу чувство, многу слух, разбирање и умеење, да се препознае вистински квалитет и да се одбере вистински професионалец, што за жал кај нас не се случи и кога тоа ќе се направи умно, тогаш и влијанието на политиката не е страшно, туку може да донесе добра и квалитетна архитектура. Како што знаме, големите мецени низ историјата на уметноста главно биле луѓе со власт и со моќ, па знаеме во историјата на архитектурата и уметноста какви дела оставиле зад себе, значи знаеле да препознаат вистински квалитет. Кога партиската припадност или партиската неприпадност е единствен критериум за избор на проектант и за обликување на архитектонски објект, автоматски не можеме да имаме никаков квалитет во архитектурата. Нашето негодување не е од партиска припадност или од партиска неприпадност, единствен мотив за негодувањето е стручноста. Велите дека голем дел од фелата мочни, не сум сигурна дека тоа е баш така. Поголем дел од архитектите говорат гласно за сето ова. Најголем дел од архитектите што молчат мислам дека се архитектите што работат во институциите. Еве на пример Архитектонскиот факултет сè уште официјално како институција се нема огласено со сопствен став за проектот Скопје 2014-та, дел од професорите говорат гласно, но дел од професорите се и директно инволвирани во тој проект, а тие се оние кои создаваат нови кадри, кои воспитуваат млади луѓе. Не знам зошто тоа се случува? Можеби се залегнати во своите ровови на комодитет, можеби се премногу конформисти, можеби се премногу мудри и мислат дека молчењето е злато и на тој начин ги штитат своите институции и своите студенти, на крај за тоа ќе треба да ги прашате нив. Состојбата во архитектурата е генерално очајна, да се живее денеска како архитект е многу тешко, некогаш и невозможно. Оние првите, оние коишто работат во институциите се на некој начин во подобра состојба и имаат каква-таква сигурност која можеби не се спремни да ја изгубат, оние останатите коишто работат по приватни проектантски бироа, секојдневно се судираат со реалните проблеми и тешко живеат од својата работа, а тие се тие кои треба да бидат носители на архитектонската проектантска мисла. Значи да се живее од архитектура е многу тешко, се нема никаква сигурност и затоа мислам деканекои можеби се плашат за сопствената сигурност и мислам дека е најдобро нив да ги прашате за тоа.

Дали градот излезе надвор од деталниот урбанистички план и кои се последиците од натамошното ширење?

Градот не излезе од деталниот урбанистички план, со самото тоа што урбанистички план се прави така како што ним им одговара за сè да биде по план. Како што знаете малтене и дневно се менуваат закони за градење за да сè што се гради биде според закон, а последиците не само од понатамошната инвазија, туку и од досега сè што се случи, последиците се малтене нерешлив проблем.

Дали веќе наместо да продолжиме да градиме бетонски проекти, треба да почнеме да размислуваме за проекти од типот нови паркчиња, зелени површини, еко проекти, пречистителна станица за Вардар или филтри за воздухот?

Сигурно треба да размислуваме за тие работи, но простор за прочистување, зеленило и екологија во централното градско подрачје практично веќе и нема. Ние мора да обрнеме внимание на она што го имаме и да го негуваме, оти имаме многу, но сето тоа е запуштено и не му е доволно обрнато внимание, значи мораме да обрнеме внимание, покрај на тоа што рековте, и на училишта, на домови за деца, универзитети, музеи, театри, болници, тоа мора да се почитува и да се негува, едноставно не може општеството да функционира без тие објекти и без инфраструктура.

Асоцијацијата во неколку наврати излегува со критики за проектот Скопје 2014. Кои се вашите клучни забелешки?

Нашите клучни забелешки се дека архитектите не беа во можност да го видат проектот, единствено што беа во можност е да ја видат онаа 3Д анимација, што ја видоа сите. Проектот Скопје 2014-та не е одраз на стручна и естетска студија, туку едноставно е резултат на замисла на нарачателот. Тоа е резултат на кризата на општеството што го живееме секојдневно. Архитектурата не може да биде различна од општествениот момент којшто го живееме, тоа важи генерално и за архитектурата и за уметноста и за скулптурата. Тука има многу вткаено дневна политика од најразлични побуди и со најразлично мотиви за локална употреба и времена злоупотреба за манипулација. Да се биде архитект во ваква ситуација е многу страшно, тоа значи да се доживее пораз и чувството е многу лошо. Мене ми е жал што не успеавме да го спречиме и понекогаш си велам дека ако ја спречиме изградбата на ГТЦ, тоа ќе покаже дека тука некогаш постоеле некои луѓе коишто се бореле против ова и успеале да го сочуваат барем овој објект тука, како некоја енклава. Ние навистина се поистоветуваме со ГТЦ и мислам дека ако го спасиме ГТЦ, на некој начин ќе успееме да спасиме барем дел од себе.

Колку мислите дека станува збор за квалитетни градби, вклучувајќи го и материјалот?

Мислам дека станува збор за неквалитетни градби и мислам дека тоа многу брзо ќе се види. За десет години сите ќе се чудиме како ќе изгледаат тие објекти, особено што на старите објекти, што под етикета дека се прават енергетски ефикасни објекти, што апсолутно не е точно, се ставаат само стиропор фасади само на онаа страна што е видлива од улицата, затоа што имаат потреба да направат кулиса, а не да се направи објект, а другите фасади што не се видливи се останати такви какво што биле.

Му недостасува ли на Скопје панорамско тркало? Прашувам од естетски аспект.

Не му недостасува. Но, некогаш си мислам дека можеби треба да го направат панорамското тркало и треба да го направат споменикот на Мајка Тереза од Субрата Рој и мислам дека тогаш ќе ја доживееме кулминацијата на невкус и дека ќе ни носат студенти по психологија кои ќе доаѓаат тука на пракса, да изучуваат што тоа му се случи на овој народ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG