Достапни линкови

logo-print

Пировска - Младите немаат правилни сознанија за човековите права


Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Младите имаат основни познавања за човековите права, но сепак се жртви на предрасуди, стериотипи и често употребуваат говор на омраза, вели Уранија Пировска во разговор за Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Пировска, Хелсиншкиот комитет за човекови права неколкупати одржа обуки за млади на тема концептот за човекови права, недискриминација и толеранција на различностите. Каква е вашата оценка околу нивните познавања и свесноста за овие прашања?

Ова е веќе 36 школа за човекови права, којашто ја организираше Хелсиншкиот комитет. Она што кај нас се провлекува како заклучок е дека и покрај тоа што младите луѓе имаат основни познавања за човековите права, сепак се жртви на предрасуди, стереотипи и мошне често се и оние кои употребуваат говор на омраза. Од нашите податоци произлегува дека инцидентите сторени до омраза или делата од омраза се најчесто меѓу младите луѓе и тие најчесто се жртви. Оваа последна школа којашто ја одржавме сега во голем дел од работите беше очигледно дека не им се во потполност јасни или им се погрешно пренесени , ако се има предвид квалитетот на нашето образование. Исто така забележавме дека тие се жртви на системот, кога станува збор за поделеност меѓу младите од различни етнички заедници. Сепак сметам дека треба да пости во континуитет еден процес во кој младите луѓе ќе се запознаваат со тоа како функционираат институциите на системот и можеби и тоа претставува причина што мошне ретко младите луѓе се обраќаат за да побараат заштита на своите права.

Како според вас, би можело да се дојде со состојба свеста на младите да биде повисока во насока на прашањата за човековите права. Дали возрасните даваат добар пример за младите, во однос на почитувањето на човековите права?

Прво и основно за мене е квалитетот на образованието што го добиваат младите луѓе денес, сведоци сме на тоа дека се продуцираат наставни материјали коишто во голем дел во себе содржат стереотипи, предрасуди и мислам дека треба да се почне од таму. Во разговорите на младите многу често кога стануваше збор за дискриминација по основ на етничка припадност самите истакнуваат дека во нивните наставни содржини и покрај тоа што има лекции кои се однесуваат на културите, традициите, историјата на другите етнички заедници во Македонија, дека мошне често се случува нивните наставници самите влеат дека тие содржини треба да се прескокнат. Не зборуваме за тоа дека политичарите, луѓето коишто се наоѓаат на високи јавни, државни функции, многу често во своите говори, употребуваат говор на омраза. Ние живееме во омраза во коешто говорот на омраза е многу јасно изразен и е фокусиран кон одредени групи, според тоа целото општество влијае на тоа младите луѓе да немаат правилни разбирања и сознанија за човековите права и слободи.

Очекувате ли младите генерации во иднина да бидат повеќе свесни за овие теми?

Очекувам, но веќе кажав кои работи според мене треба да се сменат. Ние овие школи не ги одржуваме само да ги едуцираме за човековите права, туку да ги поттикнеме и на активизам, а кај нас недостасува младинскиот активизам.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG