Достапни линкови

logo-print

Скопје гитар фестивал – 18 концерти, шест жици и една сцена


Со идеја да ги сплоти гитаристите без разлика на возраст, ниво на способност, етничка и уметничка позадина, од 5 до 7 декември, во Младинскиот културен центар, ќе се одржи првото издание на националниот „Скопје гитар фестивал“, манифестацијата во чии рамки е предвидено да се одржат 18 рок, џез, блуз и класични концерти, надополнети со неколку работилници за размена на искуства. Организатор на ова несекојдневно (суб)културно случување е новоформираното здружение „Бастет“.

СГФ џез квартет, АТОМ, Давид Нешковски трио, Љубомир Наќевски, Ади Имери, Томе Катавеновски, Тања Јанкова, Дукаѓин Исмаили, Филип Величковски, Бекир Сејфула, Миле Каровски, Немања Клинчаров, ИН Д МУД, Борче Наумовски, Бојан Петков, Миле Ѓорѓески, Дејан Лазаревски и Бојан Петковски се учесниците на првото издание на „Скопје гитар фестивал“, манифестацијата што ќе се одржи во деновите од претстојниот викенд и во чии рамки е предвидено да се одржат 18 рок, џез, блуз и класични концерти, надополнети со неколку работилници за размена на знаења и искуства.

Идејата за овој фестивал, како што вообичаено бива во вакви прилики, првенствено дојде од една наша лична креативна фрустрација.

„Идејата за овој фестивал, како што вообичаено бива во вакви прилики, првенствено дојде од една наша лична креативна фрустрација. Неколкумина колеги и јас забележавме дека подолг временски период се случува еден вид на игнорирање од страна на организаторите, продуцентите и најмногу на медиумите на цела една субкултура која што се развива и која што во моментов е доста потентна кај нас. Тоа е културата на гитаризмот, инструмент за кој мислам дека безрезервно е најпопуларен во овој миг во земјава и најмногу од неможноста некои од највиталните гласови на гитарата во Македонија да немаат каде да го искажат тоа на вистинскиот начин – подржани како што треба, во убава организација, со убав звук. Во едни нормални услови за настап“, вели Ади Имери, еден од членовите на новоформираното здружение на гитаристи „Бастет“, организаторот на случувањето.

Првата мисла ни беше да се собереме како Витезите на Округлата маса. Сите да бидеме еднакви, да го разбудиме интересот кај пошироката публика и да и кажеме дека вакво нешто постои и кај нас.

Тој дополнува дека овој фестивал со богата програма е наменет за оние кои свират, сакаат да свират или само уживаат слушајќи музика во која главната улога ја има гитарата и дека притоа во ниту еден момент не помислувале на жанровската шареноликост во програмата.

„Првата мисла ни беше да се собереме како Витезите на Округлата маса. Сите да бидеме еднакви, да го разбудиме интересот кај пошироката публика и да и кажеме дека вакво нешто постои и кај нас. Дека има и некаква друга понуда освен онаа за која што ќе го прочитаат и ќе видат нешто на меинстрим медиумите во Македонија. И затоа се собравме во ваков број, избравме артисти кои што свират во разни жанрови од џез, блуз, рок, експериментална музика, класика, што и да е, а меѓу другото поканивме и наши постари колеги како на пример професорите Јане Пенов и Тања Јанкова за да не охрабрат во намерите полесно да стигнеме до целта“, појаснува гитаристот.

Имери, истакнува дека ова е нивниот првичен исчекор направен од љубов и со добри намери по кој ќе следува евиденција на гитаристите во „Бастет“, нивно вмрежување, а со тоа, како што ќе рече, ќе се отворат и можности за идно збогатување на програмата со млади и перспективни инструменталисти.

Конечно, организаторите се со мисла „Скопје гитар фестивал“ да се одржува еднаш годишно, но нималку не ја кријат желбата манифестацијата националниот предзнак во иднина да го замени со меѓународен и фестивалот да израсне во значајно регионално музичко случување.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG