Достапни линкови

Незадоволството од власта не мора да е партиски мотивирано


Студентите повикаа на нов марш. Премиерот оцени дека следниот пат ќе маршираат студенти од подмладокот на СДСМ и од невладините организации финансирани СОРОС.

Нов студентски марш ќе се одржи на 10 декември на кој повторно ќе се бара од Владата да го укине државниот испит, одлучи Студентскиот пленум. Студентите се против каков било модел на тестирање, без разлика дали се нарекува екстерен или државен испит, но и против промените во високото образование и лошите реформи. Тие ги повикаа сите граѓани идната среда да им се придружат на протестот кој е закажан во 12 часот на платото на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Со оглед на тоа дека институциите останаа некако глуви, цврсти и решени во намерата повторно да има државен испит, ние решивме уште еднаш, овојпат со надеж дека ќе биде помасовно, да излеземе на студентски марш кој ќе заврши пред Влада и уште еднаш јасно и гласно да ја испратиме нашата порака дека сме против било каква форма на државен испит.

„Со оглед на тоа дека институциите останаа некако глуви, цврсти и решени во намерата повторно да има државен испит, ние решивме уште еднаш, овојпат со надеж дека ќе биде помасовно, да излеземе на студентски марш кој ќе заврши пред Влада и уште еднаш јасно и гласно да ја испратиме нашата порака дека сме против било каква форма на државен испит. Нашата платформа е проширена, за да не не обвинуваат дека пукаме во празно со форсирање на терминот екстерно тестирање, ние генерално застануваме против честите измени во законот за високото образование и против лошите реформи“, вели Дејан Лутовски од Студентскиот пленум.

Премиерот Никола Груевски вчера изјави дека сега е познато оти станува збор за државен испит, а не за екстерно тестирање и според него тоа се два сосема различни концепта. Тој додаде дека државниот испит ги опфаќа идните, а не сегашните студенти и истакна дека на следниот протест ќе излезе помала група партиски мотивирани студенти од подмладокот на СДСМ и од невладините организации финансирани СОРОС, рече Премиерот.

Изјавата на премиерот може да се толкува од аспект дека било кој начин на изразување на незадоволство и противење на одлуките на власта е поттикнато од партиски причини, односно доаѓа од опозицијата и од ниту еден друг правец и дека израз на незадоволство и противење не може да дојде чисто од индивидуи или од некои групи во општеството кои не се поврзани партиски со опозицијата.

Дејан Лутовски вели дека е невозможно повеќе од 3.000 студенти, колку што имаше на минатиот протест, да бидат партиски послушници, додавајќи дека премиерот секогаш дава слични изјави кога се појавуваат автентични граѓански иницијативи.

„Самата изјава на премиерот е класичен политички маневар, кој досега многупати е виден секогаш кога се работи за автентична граѓанска иницијатива од било каков тип од која што властодршците во суштина стравуваат, бидејќи на некој начин им ја разнишува моќта“, вели Лутовски

Но, дали според ваквата изјава на премиерот, доколку на припадниците на СДСМ нешто им пречи во државава, тие не смеат да протестираат? Политичкиот аналитичар, Соња Стојадиновиќ, вели дека изјавата на премиерот може да се третира од аспект дека било какво незадоволство може да дојде исклучиво до приврзаниците на опозицијата.

„Изјавата на премиерот може да се толкува од аспект дека било кој начин на изразување на незадоволство и противење на одлуките на власта е поттикнато од партиски причини, односно доаѓа од опозицијата и од ниту еден друг правец и дека израз на незадоволство и противење не може да дојде чисто од индивидуи или од некои групи во општеството кои не се поврзани партиски со опозицијата, а се поврзани директно и имаат импликации од одлуките на власта“, вели Соња Стојадиновиќ.

Најавениот марш за идната среда ќе биде втор откако на 17 ноември над 3.000 студенти протестираа против воведување на екстерното тестирање.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG