Достапни линкови

logo-print

Масовни вработувања во државна администрација


Државната управа на поранешна Југославија имала вработено околу 180 илјади луѓе, колку што се споменува дека сега е бројна целата администрација во Македонија.

За два месеца владата вработува повеќе од триста луѓе. Откако во октомври беше објавен оглас за вработување на 113 лица, деновиве генералниот секретаријат објави и нов со кој ќе се вработат уште 194 луѓе кои, како што појасни Груевски, ќе бидат од малите етнички заедници во согласност со Рамковниот договор.

Со масовно вработување уште повеќе ја зголемуваме администрацијата, го оптоваруваме буџетот на Република Македонија и нанесуваме, би рекол, голема штета.

Овие бројки всушност се само од големите владини огласи, а дополнително и повеќе министерства и други институции периодов имаат објавено огласи со кои бараат луѓе за вработувања.

Официјално бројката колку точно луѓе работат во моментов во администрацијата не се знае. Пред неколку години пак, различни министри лицитираа со повеќе бројки, па според Иво Ивановски во администрацијата тогаш имаше околу 115 илјади луѓе, а според Фатмир Бесими 180 илјади. Имаме енормно натрупување на кадар во администрацијата, оценува професорот Темелко Ристевски кој вели дека треба да се почитува Рамковниот договор, но вработувањата не треба да се реализираат на ваков начин.

Политиката на вработување е вклучена во стратегиите на политичките партии, како компонента за стабилизација на гласачкото тело, а не како компонента за исполнување на потребите за ефикасна администрација.

„Вработувањето треба да оди постепено како се ослободуваат места во јавната администрација, така поединечно по двајца, по тројца да се вработуваат луѓе, а никако вака масовно да се вработуваат. Со масовно вработување уште повеќе ја зголемуваме администрацијата, го оптоваруваме буџетот на Република Македонија и нанесуваме, би рекол, голема штета“, вели Ристевски.

Инаку вицепремиерот Муса Џафери летово оцени дека е незаконски што дел од примените според Рамковниот договор не работат, а да земаат плата. Тогаш рече и дека се работи за околу 1.200 луѓе кои ќе ги распоределе на работните места до март идната година. Според аналитичарот Алберт Муслиу во вакви економски услови вработувањата се користат како механизам за задоволувања на партиските активисти и членови на сите коалициски партнери.

„Политиката на вработување е вклучена во стратегиите на политичките партии, како компонента за стабилизација на гласачкото тело, а не како компонента за исполнување на потребите за ефикасна администрација“, вели Муслиу.

Во контекст на пренатрупаноста на администрацијата професорот Ристевски вели и дека според некои процени државната управа на поранешна Југославија имала вработено околу 180 илјади луѓе, колку што се споменува дека сега е бројна целата администрација во Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG