Достапни линкови

logo-print

Претстои долг судир меѓу Запад и Русија за Украина


Германија побара од НАТО да воспостави заедно со Русија систем за рано предупредување за да се спречи ризик од случајна воена ескалација меѓу двете страни. Се предвидува дека ќорсокакот меѓу Западот и Русија ќе трае подолго време.

И НАТО и Русија ги интензивираа воените вежби по московската анексија на украинскиот полуостров Крим.

Во меѓувреме, Русија ги засили нејзините патроли на воздушниот простор и на море околу Европа што, според оценките, претставува опасност за случаен воен судир.

Откако НАТО ја суспендира соработката со Русија шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер повторува дека има неколку можности за размена на информации меѓу двете страни во врска со нивните воени вежби и активности.

„Ако го гледаме конфликтот во источна Украина, ние сме должни да размислиме за тоа како не треба да дозволиме ситуацијата да ни излезе од контрола и да се препуштиме на воениот автоматизам. Политичката работа е неопходна, но исто така треба некои вести да бидат потврдени од независни канали“,

изјави Штајнмаер по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, кои дискутираа за украинската криза.

Ако го гледаме конфликтот во источна Украина, ние сме должни да размислиме за тоа како не треба да дозволиме ситуацијата да ни излезе од контрола и да се препуштиме на воениот автоматизам.

НАТО ги има затворено сите политички контакти на високо ниво со Русија, а амбасадорите на Алијансата и на Русија само два пати се сретнаа откако избувна кризата во Украина.

Еден дипломат изјави дека неколку земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Италија го поддржале предлогот за искористување на постојниот Совет НАТО Русија како механизам за спречување на ескалацијата.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека ќорсокакот меѓу Русија и Западот би можело да потрае подолго време:

„Промените што ги видовме во Европа може да биде нешто што нема за кратко време да не врати во нормална состојба. Јасно сакам да констатирам дека НАТО не бара конфронтација со Русија и не сака нова студена војна, но не можеме да правиме компромис што принципите за многу децении се основа за безбедноста и мирот во Европа“,

Изјави Столтенберг. НАТО неколкупати повтори дека нема планови да интервенира во Украина која не е членка на Алијансата.

Но, НАТО ги засили источноевропските сојузници, загрижени за натамошните руски намери.

НАТО реши да врши редовна ротација на сили во регионот во идната година и да воспостави привремени сили за брза реакција како претходница на новите единици од 5 илјади војници кои од 2016 година би можело брзо да влегуваат во воени акции.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG