Достапни линкови

При добри актери, Куманово без театарски претстави


Министерството за култура на кумановскиот театар му одобрило само две претстави на македонски јазик, но прашање е дали освен премиери и уште две-три репризи ќе им се овозможи на кумановци да одат на претстави.

Кумановци сакаат да гледаат театарски претстави. Тие имаат сенс и критериум за театарот, но последните години се помалку имаат можност да одат на претстави, зашто кумановскиот театар е дезавуиран и запоставен од надлежните во државава. Љубителите на оваа уметност сметаат дека се ускратени и оштетени, а сцената на овој театар веќе не е атрактивно место каде што младите актери ќе можат да се докажуваат и развиваат. Затоа тие бегаат или во други театри во државава или пак некаде по светот.

Сметавме дека кумановци заслужуваат еден ваков вид театар. Но, дури не бевме до крај сигурни дека оваа претстава ќе го види светлото на денот.

Дека кумановци сакаат театар покажува и најновата претстава „Мајка храброст и нејзините деца“ од Бертолт Брехт, во режија на Звезда Ангеловска, во која улогите ги толкуваат Кети Дончевска Илиќ, Владо Дојчиновски, Горан Илиќ, Јасмина Василева, Сања Русеска и гостите Роберт Ристов, Марко Трајковиќ и Марко Богдановски. Главно млади, но и повозрасни театрољубители бараат билет повеќе, а салата е исполнета до последно место. Министерството за култура на кумановскиот театар му одобрило само две претстави на македонски јазик, но прашање е дали освен премиери и уште две-три репризи ќе им се овозможи на кумановци да одат на претстави. За состојбата во театарот Кети Дончевска Илиќ вели:

„Сметавме дека кумановци заслужуваат еден ваков вид театар. Но, дури не бевме до крај сигурни дека оваа претстава ќе го види светлото на денот. Но на наша упорност, со наши сили и режисерката, зашто ние тука се среќаваме со еден куп проблеми, некомплетиран актерски кадар, особено последните неколку години постојано и постојано имавме недостаток на машки актерски кадар,среќна сум што ја подготвивме претставата.“

Не осум месеци да нема претстава, секоја сезона имаше најмалку седум, а некогаш и осум премиери. Тоа не смее да се случи при здрави и прави глумци кои седат овде.

Како натурализирана кумановка Дончевска Илиќ за публиката вели дека е одлична. Тоа што најчесто бара комедии таа смета дека Театарот е тој што треба да и понуди разновиден репертоар, да се навикнуваат на сите жанрови.

За младите актери кои бегаат од Куманово оваа актерка забележува дека е разбирливо зашто тие по академијата сакаат да се испробуваат во сѐ и сешто, а овој театар тоа не им го нуди.

Познатата македонска актерка Шенка Колозова која својата кариера ја започнала во кумановскиот Театар се сеќава на тоа време.

„Не осум месеци да нема претстава, секоја сезона имаше најмалку седум,а некогаш и осум премиери. Тоа не смее да се случи при здрави и прави глумци кои седат овде. Знам дека кога дојдов овде бев многу млада и како глумец и по години, дојдов затоа што во тој период кумановски Театар беше со најмногу претстави,со многу ценети глумци и со многу публика.“

Публиката за состојбата во кумановскиот театар резигнирано забележува дека е жално ова што се случува.

„Многу е страшно тоа што во толку голем град нема театар. Реално има публика и има кој да доаѓа да гледа претставите. Сметам дека е голем недостаток да нема театар во Куманово.“

„Секако дека на Куманово му недостасува театар. Ги слушам постарите како со страст раскажуваат за времето кога овој театар постојано имал претстави и многу публика.“

Ова не е прво премрежје со кое се соочува кумановскиот театар. И во тие бурни времиња тој успевал да се избори и пак да застане на цврсти нозе, да се изнедрат успешни актери не само од Куманово, туку и од другите градови, кои во него работеле со задоволство, а потоа заминувале со најубави спомени. Меѓутоа, како што велат кумановци, тешко е да се претпостави дека партизацијата која задира во сите општествени пори овојпат театарот ќе ја „победи“.

Зградата е стара, во неа нема нормални услови за работа, но затоа секојдневно има нови вработувања на луѓе со партиска книшка, а без соодветно познавање и без развиена љубов за работа во културните институции. Ресорното министерство најавува и ветува дека кумановскиот театар ќе добие опрема. И како што кумановци на шега велат, можеби и тие партиски војници работејќи во театарот нешто ќе поднаучат, а овој театар повторно ќе си го добие своето место што си го заслужува.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG