Достапни линкови

Студентите најавуваат нова стратегија против државниот испит


Студентите се противат на државен испит. Велат дека, иако биле доволно гласни, не биле слушнати од премиерот Никола Груевски и од министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Студентскиот пленум вечерва расправаше, односно нафрлаше идеи, како што се изјаснија неговите членови, околу тоа каква ќе им биде натамошната стратегија по одржувањето на масовниот марш на 17 ноември против екстерното тестирање, кое во меѓувреме стана државен испит. Петтиот пленум по ред и прв по протестите, студентите го свикаа бидејќи, како што велат, иако биле доволно гласни, не биле слушнати од премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Ние цврсто стоиме на ставот дека бараме потполно укинување на државниот испит. Не сме отворени за преговори во однос на форматот за државниот испит, туку бараме потполно укинување на истиот.

Студентите се сретнаа на платото пред универзитетот Свети Кирил и Методиј, а средбата ја продолжија во аулата на Правниот факултет, каде расправаа за наредните активности. Од Студентскиот пленум пред средбата изјавија дека ќе се разговара за неколку точки на дневниот ред.

Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

„Првата точка на дневниот ред се понатамошните активности на Студентскиот пленум затоа што борбата продолжува. Втора точка на дневниот ред е во однос на координацијата и мобилизацијата на студентите, како таа би се одвивала, како е најдобро за студентите да се одвива и третата точка на дневниот ред е како понатаму да се координираме со другите градови во однос на тоа, затоа што добивме информации дека и таму постои интерес и постои желба за изразување на студентското незадоволство токму против државниот испит како што е најавен“, изјави студентката Ана Нешовска.

Постои интерес[за протест] меѓу студентите, не би го најавила сега засега, меѓутоа ќе ги прашаме студентите што сакаат понатаму.

Од Студентскиот пленум уште еднаш потенцираа дека се против воведувањето на државен испит на универзитетите.

„Ние цврсто стоиме на ставот дека бараме потполно укинување на државниот испит. Не сме отворени за преговори во однос на форматот за државниот испит, туку бараме потполно укинување на истиот“, вели Нешовска.

Засега студентите не ја исклучуваат, ниту потврдуваат можноста за спроведување на уште еден протест.

„Постои интерес меѓу студентите, не би го најавила сега засега, меѓутоа ќе ги прашаме студентите што сакаат понатаму“, вели Нешовска од Студентскиот пленум.

Студентите најавија дека конкретните заклучоци од пленумот ќе ги соопштат утре во текот на денот, бидејќи се очекува средбата да трае до доцна во ноќта. Адеми претходно ја одби поканата од студентите да се сретне со нив, бидејќи, како што изјави, сè уште не бил формулиран концептот каков ќе биде државниот испит. Тој рече дека во првиот момент кога ќе имаат пишан концепт за тоа како ќе изгледа државниот испит ќе го сподели со сите заинтересирани страни. Според него, секако дека ќе биде отворена и дебата во која ќе можат да се вклучат сите, како и студентите кои побараа средба.

На тоа студентите порачаа дека Адеми бил тој кој прв побарал средба и сега немал храброст да се види со нив. Пленумот е против спроведувањето на државниот испит, бидејќи, според нив, тој се коси со автономијата на универзитетите, спротивен е на Уставот и на Болоњскиот процес на студирање и оценување.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG