Достапни линкови

Неделковски со фотографии во манипулација во Музеј на Град Скопје


„Како за првпат/Фотографијата во манипулација“ е насловена четвртата самостојна изложба на Станко Неделковски, што од 2 декември се одржува во Музеј на град Скопје. Станува збор за постановка на која авторот ја разработува својата идеја за поврзување на старите аналогни технологии со нивната дигитална обработка.

Четириесет и три фотографии во дигитален печат создадени оваа година ќе бидат претставени на четвртата самостојна изложба „Како за првпат/Фотографијата во манипулација“ на Станко Неделковски, што од 2 декември се одржува во Музеј на град Скопје. Станува збор за идеја за поврзување на старите аналогни технологии со нивната дигитална обработка во некоја форма на калемење или вкрстување на главните чинители од овие два периода во историјата на фотографијата.

Сите фотографии ја имаат онаа патина, она чувство на стара фотографија снимена во денешно време. Фотографиите се снимени дигитално, потоа се обработени на компјутер, но таа обработка е колку да можат да се печатат.
Станко Неделковски, фотограф.

За таа цел Неделковски изработил сопствена направа составена од стар апарат, темна комора и дигитален примател на информациите создаден за да ја реализира саканата фотографска глетка.

„Идејата за ова изложба е да се спојат два медиуми, стариот медиум, аналогниот, и дигиталниот. Притоа употребив стар апарат кој е произведен некаде на почетокот на минатиот век и во една конструкција направена со темна комора поставив и дигитален фотоапарат кој ја фотографира сликата што ја нуди стариот апарат. Сите фотографии ја имаат онаа патина, она чувство на стара фотографија снимена во денешно време. Фотографиите се снимени дигитално, потоа се обработени на компјутер, но таа обработка е колку да можат да се печатат“, вели уметникот.

Тоа се фотографии кој не се допадливи на прв поглед. Не се фотографии какви што сите сакаат да фотографираат, туку снимки кои покажуваат пејзажи кои ретко кој ги забележува или едноставно не сака да ги види. Јас всушност тргнувам од друга страна – сакам она што никој не го забележува да се види на снимката.
Лазо Плавевски, куратор на изложбата.

Неделковски појаснува дека всушност станува збор за континуитет во неговото творештво со оглед на тоа што пред цела една декада, на изложбата „Скопје, денес како некогаш“, користел стари фотоапарати чии снимки ги ставал директно на фото хартија. Тргнувајќи од таа аналогија, овој пат се решил да направи нешто поново, при што сега фотографиите се многу поголеми и принтани се дигитално на специјална фотографска хартија со фотографска емулзија.

Инаку, во каталогот за изложбата ќе биде забележано дека „општиот впечаток за оваа серија дела е дека тие со сопствената примарност постојано говорат за баналноста на нашето секојдневие и нејзе јазично ја артикулираат“. Значи не станува збор за „среќни“ фотографии или за „пејзажи за опуштање“. Тие, како што пишува кураторот на изложбата Лазо Плавевски, „се некаква нова форма на неореалистичка глетка без човечки фигури. Неореализмот е преформулиран во јазична форма на глетката која - со што и да се занимава - постојано испорачува егзистенцијално згрчени социјални контексти“.

„Тоа се фотографии кој не се допадливи на прв поглед. Не се фотографии какви што сите сакаат да фотографираат, туку снимки кои покажуваат пејзажи кои ретко кој ги забележува или едноставно не сака да ги види. Јас всушност тргнувам од друга страна – сакам она што никој не го забележува да се види на снимката“, пишува Плавевски.

Роден 1969 година, Станимир Неделковски – Станко дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на одделот за Филмска и телевизиска камера. Работи како фотограф во Музеј на град Скопје, зад себе има три самостојни изложби („Фото роман за една изложба“ - 2001, „Скопје – денес како некогаш“ - 2004 и 2007 – на „Сараевска зима“ и „Разменување на погледи“ - 2011), а учествувал на бројни групни постановки во земјава („Фотомедија“, „Мостови“...), во Словенија и во Бугарија.

Запрашан за натамошните исчекори во светот на фотографијата, тој знае да каже дека има обичај да им се навраќа на веќе претставуваните идеи и да пројавува активен однос кон нив. Токму и затоа, вели дека не би било чудно наново да им се наврати на уметниците, уметноста (изложбата од пред три години во неговата матична установа) и да го презентира своето ново видување на нивните дела но овој пат во друг простор.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG