Достапни линкови

Петковски: Аферата Македонска банка е играчка за „бомбата“


Не знам дали по објавувањето на „бомбата“ Груевски ќе замине од власт, но аферите за Македонска банка и за Актор се обична играчка во споредба со фактите со кои располага Заев, вели претседателот на НСДП Тито Петковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Петковски, речиси два месеци во јавноста се подгреваат очекувањата околу објавувањето на бомбата што ја најави Заев. Како член на опозицискиот табор, сметате ли дека тоа е добра стратегија?

Па да, милам дека е добра стратегија, бидејќи има едно лошо искуство. Јас би ве навратил на аферата со Македонска банка и со Актор, класични корупциски афери, кои не предизвикаа голем интерес кај граѓаните, благодарејќи пред сè на медиумската блокада од страна на власта. Во една пристојно демократска земја, таков вид на скандал, таков вид на финансиска афера треба да предизвика оставка на премиерот и паѓање на владата. Кај нас тоа не се случи. Не знам што треба да се случи па корупцијата, што е знак на препознавање на оваа влада, да биде мерка на вредноста на нејзиното владеење, односно да престане да владее со државата. Ние сме во фаза на информирање на граѓаните, информирање за она што се случува реално во животот во Република Македонија, начинот на којшто владее, тоа е невидено, незабележано, не знам во Европа некаде, освен во Унгарија на Виктор Орбан, дали некаде има сличен режим како што е нашиот. Корупција, алчност, укинувањето на слободата на говорот, апсолутно суспендирање на демократијата, немање никаков вид на комуникација, дијалог, на ниту еден медиум не одат претставниците на власта за да можат да се соочат ставови, погледи, мислења, имате еден авторитарен режим којшто што самиот се храни, самиот од себе.

Зошто сега мислите дека ваквото долго најавување на објавувањето на бомбата, практично ќе ја урне таа медиумска блокада и тоа би стигнало до поширокиот дел на граѓаните?

Токму поради тоа што ние преку овие бројни трибини кои ги одржуваме секој ден ги информираме граѓаните. Не само што ги информираме за начинот на владеењето, нашите согледувања во таа сфера, туку пред сè и за алтернативната политика за да добиеме повеќе сојузници. Оваа власт може да се урне ако има многу сојузници. Ние одиме со единствена цел да се дознае реалноста, вистината за начинот на којшто во Република Македонија се владее и дефинитивно и дефинитивно сите оние маса на сознанија за корупцијата, алчноста, криминалот, моралните димензии на луѓето коишто ја водат денес Република Македонија, договорите коишто се прават во сферата не меѓуетничките односи, тие говорат за предавници, преговараат директно со Грција, со луѓе од најтесното раководство на Груевски, а глумат лудило дека не преговараат, не разговараат, сето тоа се информации коишто ќе треба да доведат до дискредитација конечно и делегитимација на власта. Но, не смее да се случи истото што се случи и со аферата Македонска банка и со аферата Актор.

Господине Петковски, ви кажал ли Заев што е содржината на бомбата?

Бомбата значи збир на различни документи и сознанија, докази, релевантни факти итн., за начинот на владеење, односно за бескрупулозноста на власта во сите сфери на животот. Се разбира ниту имам право, ниту имам мандат да ги кажувам деталите, но цврсто сум уверен дека тие се многу силни, јас му верувам на господин Заев, дека и она што не го знам, да речеме, дека исто така има таква силина како тоа што го знам.

Можно ли е она што го најавува Заев, дека Груевски после објавувањето на таквите докази би си заминал сам од власт за три дена.

Па, јас не знам. Претпоставувам дека убеденоста има основ. Ако ви кажам дека сознанието, односно аферата за Македонска банка и за Актор се обична играчка во споредба со фактите со кои располага Заев, па сами судете.

Која е другата стратегија на опозицискиот блок, освен објавувањето на бомбата?

Другата стратегија е алтернативната политика. Ние секаде говориме дека не треба да биде човек многу мудар, значи понудата што ја нудиме до работниците и до селаните, до работодавачите, до синдикатот, до здравствените, просветните работници, е алтернативната, значи на сите тие трибини ние кажуваме која е нашата политика, кој е нашиот одговор на владината политика во сферата на финансиите, даночната политика итн.

Дали има притисок од оние кои добија мандати за пратеници од вашата партија да ги прифатат мандатите?

Не, од НСДП немаше од самиот старт кога се определивме да не ги признаеме изборите, легитимитетот, ние ги вративме мандатите, значи собранието можеше веднаш да не ги прифати, да не ги верификува мандатите, до органите на партијата ја потврдија таа волја на нашите пратеници и до ден денеска немаме никаков проблем на тој план, ниту, пак, некој има артикулирано желба поинаку да се однесува надвор од утврдената, договорената политика.

Ве поддржуваат ли странците во одлуката за бојкотот?

Знаете, странците во принцип, говорам за европските институции, не признаваат бојкот како мерка на политичка борба, меѓутоа не ја ни негираат нејзината легитимност. Странците најмногу се заинтересирани во Република Македонија да има пристојно ниво на меѓуетнички односи, а нив диктатурата, умирањето на демократијата, човековите права и слободи, многу малку ги интересира, да речеме цврсто да застанат зад она што опозицијата го бара, независно што во извештаите на Европската комисија за прогресот на Македонија секоја година тие кажуваат што мислат за сите овие сфери на животот, бидејќи тие се поразителни, бидејќи не станува само збор за проблемот со името што веќе не сме почнале преговори со ЕУ, туку веќе се доведуваат во прашање елементарните, копенхагенските критериуми, и во сферата на корупцијата, на криминалот, владеењето на правото, слободното судство, медиумите итн., во сето тоа Македонија практично назадува. Странците тоа го кажуваат во секоја прилика, ако видовте неодамна и Волерс пред заминувањето изрази висок степен на загриженост за меѓуетничките односи во Македонија, бидејќи тоа е фундаментот на кој почива Македонија. Ако имаме стабилни меѓуетнички односи ќе имаме перспективна држава, а ако не, ќе дојде во прашање нејзиниот интегритет, суверенитет итн., бидејќи веќе почнаа да се артикулираат разни националистички барања со висока фреквенција, до инциденти, до убиства, кои за една мала држава како Македонија можат да бидат сериозна закана.

Господине Петковски, го споменавте проблемот со спорот за разликите за името. Во последно време има од неколку места, и од странски медиуми доаѓаат информации дека може да влезе во завршна фаза. Какви се вашите очекувања? Можно ли е да се очекува решение на проблемот во скоро време?

Не. Јас не верувам познавајќи го Груевски и мислам дека проектот за хеленизација на Македонија е грчки проект, што практично Самарас и Никола Груевски многу успешно го спроведуваат со единствена намера да останат што подолго на власт. Решавањето на проблемот со името практично ќе го делегитимира како сериозен политички играч, бидејќи целокупната негова политика и филозофијата на неговото владеење се темелеше на претпоставката на „името не го даваме“. Сите други се предавници кои разговараат на таа тема, а тој е свесен дека без компромис нема решение. Исто така е свесен дека ако се направи компромис, дека тој треба да го направи компромисот и практично ореолот на предавниците ќе биде адресиран директно на него, бидејќи тој и по дефиниција и ако треба да се оди на референдум за името, како што стои во нивната политичка програма, тој треба да даде предлог како треба да гласи името, односно како треба да гласи прашањето за референдум. Јас воопшто не сум оптимист, бидејќи тоа не му одговара, тоа е најсилната карта на којашто игра Груевски и најсилната карта на која досега го темели своето владеење е борба со сите предавници, како Дон Кихот со ветерниците.

Политичкиот блок на Албанците во Македонија во овој период е прилично затворен за опозицијата. ДУИ вообичаено ги повторува речиси истите ставови што се однесува до бојкотот на опозицијата, а со ДПА и во предизборието со Мендух Тачи имаше сериозни несогласувања. Има ли опозицијата контакти со политичките партии? Има ли практично партнер меѓу нив?

Објективно владеењето на Груевски и на Ахмети е како на двајца браќа близнаци, нивната политика се темели на многу слични основи. Јас сум цврсто убеден дека најсилната карта, најсилниот адут што го има Груевски во рака се Хашките случаи, бидејќи на противзаконски и на противуставен начин беше амнестирано водството на ОНА, Груевски сите тие предмети ги има во фиока и така го држи на тенок мраз Али Ахмети и ДУИ и доколку промовираат и артикулираат поинаква политика, тој може во секој момент да ги извади документите, бидејќи злосторствата против човештвото не застаруваат. Тоа е основната причина зошто ДУИ така верно, слугински се држи кон политиката на ВМРО-ДПМНЕ, а ние разговараме објективно и со ДУИ разговараме, а со ДПА не разговараме, бидејќи не работиме на слична бранова должина, но за нас многу посилни се контактите со албанските интелектуалци и она што сега се артикулира како нова можност за формирање на нова политичка партија и она што струшкиот градоначалник исто така го промовира како идеја, како некоја алтернатива. Тие за нас се многу поприфатливи политички идеи, отколку да речеме она што во политиката го практикува ДПА, а особено ДУИ.

Имате контакти со нив? Мислите на Беса и на Зијадин Села?

Да, да.

Беа споменувани и некакви докази кои би можеле да влијаат и на мултиетничкиот карактер на Македонија. Доволно ли се силни да го натераат Ахмети да излезе од владата?

Мислам дека најкраткиот пат за падот на Груевски е Ахмети. Излегувањето на Ахмети од владата ќе значи пад на Груевски, бидејќи неговата политика и политиката на Ахмети по дефиниција се националистички, популистички политики коишто имаат за цел да генерираат што повеќе националистички набој кај електоратот и да ги поддржат, а тие меѓу себе се антиподни, само го продлабочуваат јазот меѓу Македонците и Албанците, омразата се продлабочува, довербата се губи. Излегува владин партнер и кажува дека за случајот Монструм ќе бара помош од ФБИ, тоа веќе значи дека се нема доверба во сопствените институции и различна конотација околу политиката во сферата на образованието итн. Значи дали е тоа можно? Мислам дека е можно, бидејќи во секој случај, доколку Али Ахмети дојде во сознание за можноста владата да падне, а тој да остане на власт, веројатно дека кај него ќе предизвика чувство на потреба со силите коишто доаѓаат, со силите кои ќе ја преземат одговорноста да ја водат државата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG