Достапни линкови

Едно чудо казни и давачки за државата


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Нови казни, нови даноци, нови давачки. Власта тврди дека се обидува да ја намали сивата економија, но критичарите сметаат дека сака да ги земе парите од фирмите и од граѓаните за да го нааполни буџетот.

„Зошто нè бркате??? Малку ли се 10 отсто данок што плаќав, сега сакате сите пари кои ги заработуваме како фриленсери да ни ги земете. Е, нема! Јас веќе си ги пакувам куферите.“

На удар ќе бидат оние кои работат за ситни пари, зашто решиле да си останат тука со име и презиме, без партиски книшки и бугарски пасоши. До кога вака?
коментар на граѓанин на социјалните мрежи.

„Тотално поразително, и тие малце пари од кои преживував сега ќе ги нема и ќе нема друг спас освен иселување.“

„Срамота за власта, сум бил за нив ама ова е претеризам и ќе морам да си го барам моето место негде надвор во посоодветно и поубаво општество од ова.“

Јас сум свој мајстор, често си работам дома сам, ако некој сака да ме казни дома, нека повели.
Анкетиран граѓанин.

„На удар ќе бидат оние кои работат за ситни пари, зашто решиле да си останат тука со име и презиме, без партиски книшки и бугарски пасоши. До кога вака?“

„Јас разбирам дека одлуката не е донесена против оние кои што работат како фриленсери, туку против хонорарците кои работат во невладините организации кои власта ги гледа како државни непријатели, ама најмногу ќе изгубат инженерите кои сами си го заработуваат лебот и не се на државна цицка.“

Како што на пример пазарџиите не ги регулираме со овој закон, така не ги регулираме и услугите што се даваат во домаќинството, што значи дека секој може да си повика водоводџија или хигиеничар во сопствениот дом да му заврши одредена услуга и тоа не го опфаќа овој закон.
Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Ова се само дел од негодувањата на социјалните мрежи по донесувањето на новите законски измени со кои се предвидува хонорарците чии месечни примања ја надминуваат минималната плата од 9.600 денари да плаќаат придонеси од 36 проценти на државата.

Но, ова не е сè, како што велат во топ шоп рекламите. Од следната година од својот џеб ќе треба да издвојат стотици евра за државата и луѓето кои се занимаваат со таканаречена нерегистрирана дејност, односно мајстори, занаетчии, луѓе кои од дома нудат некакви услуги или, пак, произведуваат одредени намирници наменети за продажба. Станува збор за околу 150 илјади луѓе кои според Државниот завод за статистика спаѓаат во групата на неформално вработени.

Фирмите веќе имаат фискални апарати кои беа во користење. Сега во име на борбата против сивата економија и следење на паричниот тек во бизнисот, не само што се бара осовременување на самиот апарат, туку задолжително фирмата треба да има два апарати, што е зголемување на трошоците за 100 отсто.
Арбен Халили. Стопанска комора на северозападна Македонија.

Доколку не го почитуваат законот којшто сè уште е во изработка, според најавата на Министерството за труд и социјална политика ќе плаќаат глоба од 3 илјади евра за физичко лице до 20 илјади евра за правни лица. Се очекува новото законско решение да влезе во собраниска процедура после Нова Година.

Граѓаните сметаат дека предлогот за лиценцирање на сите занаетчии ќе влијае и на домашниот буџет. Тие велат дека такво законско решение може да ги поскапи услугите, а дополнително најавените казни им влеваат страв.

„Дефектот на пример чини 100 денари, а којзнае колку ќе те казнат.“

Не знам колку е логично, бидејќи ние со дел од фирмите имаме редовна соработка, редовно ги сервисираме долговите, а законот од друга страна е ригиден и вели дека ако не издадеме задолжница за сите побарувања над 300 илјади денари, подлежиме на прекршочна одговорност.
Хари Ајцев, правник во Македонски Телеком.

„Јас сум свој мајстор, често си работам дома сам, ако некој сака да ме казни дома, нека повели“, велат граѓаните.

Тие додаваат не можат секогаш да си дозволат поправка од лиценцирана фирма.

„Ќе ја искомплицира малку работата, бидејќи сè уште тие лиценцирани фирми не се доволно достапни или се малку поскапи за стандардот.“

„За мала ситница треба фирма да викаме, тоа се мали работи“, велат анкетираните граѓани.

Не сме толку богата држава за да имаме толку казнени одредби затоа што ако сите се применат соодветно претпоставувам дека затворите би биле преполни, односно не би имало место.
Даница Миладинова, извршен директор на Здружението на правници.

Според Министерството за труд и социјална политика кое ги изготвува законските измени, целта е со нив да се намали бројот на непријавени работници и да се намали нелојалната конкуренција, како и заштита на потрошувачите. На првата јавна расправа, министерот Диме Спасов изјави дека законското решение ќе претрпи измени и дека молерите, електричарите, водоводџиите и хигиеничарите нема да бидат опфатени во законот.

„Практично ние ги опфаќаме поголемите дејности со конкретни исклучоци. Сите исклучоци не се опфаќаат, како што на пример пазарџиите не ги регулираме со овој закон, така не ги регулираме и услугите што се даваат во домаќинството, што значи дека секој може да си повика водоводџија или хигиеничар во сопствениот дом да му заврши одредена услуга и тоа не го опфаќа овој закон“, рече Спасов.

Кога луѓето ќе видат дека оние кои се многу високо на власт не се одговорни, нашето општество всушност ќе се претвори во општество на махери, односно на луѓе коишто се обидуваат да го заобиколат законот.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

Списокот со нови давачки следната година се зголемува и со зголемувањето на опфатот на фирми обврзници за плаќање на данок на додадена вредност. Според законските измени, се намалува прагот на фирмите што се задолжени да се регистрираат за плаќање на ДДВ – обврска да плаќаат ДДВ од 1 јануари ќе имаат сите со промет од над 16.000 евра, а досега имаа фирмите со промет поголем од 32.000 евра.

Според последните податоци на УЈП, во Македонија има околу 126 илјади правни лица и скоро 190.000 вршители на дејност. Од нив, досега регистрирани даночни обврзници за цели на ДДВ беа околу 34.000. Засега нема информации за колку точно ќе се зголеми бројот на даночни обврзници со новото законско решение. Лани, од даноци во буџетот биле собрани околу 900 милиони евра, од кои најголем дел, околу 650 милиони евра, од ДДВ.

Како очекувате еден граѓани којшто има навистина мали приходи, кога ќе го казните со огромна казна и не може да ја плати, да се однесува кон казнувачот? Тој е веднаш крајно инфериорен и сака да ја замени паричната казна со нешто друго коешто може да го плати, пари нема, ама послушност има.
Ванчо Узунов, СДСМ.

Дополнително, до 31 јануари 2015 година, сите фирми ќе треба да имаат поставено нови фискални каси со ГПРС уреди, преку кои Управата за јавни приходи во секој момент ќе може да го следи нивниот промет и нивните финансиски извештаи. Досега, според податоците на УЈП во првиот рок наменет за фирми кои имаат годишен промет над 16 илјади евра, го испочитувале помалку од една половина од фирмите.

Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека во време на криза и неликвидност, секоја нова давачка и инвестиција претставува товар за фирмите. Новите фискални каси, според Халили, освен што ги зголемуваат трошоците за фирмите, овозможат и нивно дополнително казнување.

Кога ќе се најави намалување на одредена даночна стапка, веднаш следи зголемување на друга или воведување на некоја нова давачка којашто треба да го надополни износот којшто ќе се изгуби од одредено законско решение или одлука на владата. Во тој склоп треба да се гледа и плаќањето на придонесите за хонорарите, зголемените казни или, пак, оданочувањето на таканаречените.
Слободан Најдовски, поранешен пратеник.

„Фирмите веќе имаат фискални апарати кои беа во користење. Сега во име на борбата против сивата економија и следење на паричниот тек во бизнисот, не само што се бара осовременување на самиот апарат, туку задолжително фирмата треба да има два апарати, што е зголемување на трошоците за 100 отсто“, вели тој.

Тој додава дека стравува оти тој апарат ќе биде причина да се казнуваат фирмите.

„Од друга страна, мислам дека е време владата да се насочи кон развојни политики за стопанството, отколку да донесува закони за вакви апарати коишто може да бидат дополнителна причина за казнување на фирмите и со тоа да се загрозуваат нивните активности“, вели тој.

Плаќањето на придонеси за хонорарната работа е лошо решение, бидејќи ако сакаше владата да го реши проблемот со непријавените работници и со хонорарните работници, тогаш има можност преку Инспекторатот за труд да ги решава таканаречените прикриени работни односи.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Халили смета дека е тешко една фирма да опстои во земјава, особено поради последните измени кои директно влијаат врз развојот на малите фирми.

„Намалувањето на прагот за ДДВ обврзници. Една мала фирма со скромни капацитети може лесно да го достигне и да стане ДДВ обврзник, а од друга страна да ги нема наплатено фактурите, а ќе мора да ѝ плати на државата. Значи директно се загрозува“, вели Халили.

Ако се покрене таква иницијатива, а сигурен сум дека ќе има таква иницијатива, Уставниот суд, според моето мислење, треба да се произнесе во полза на уставната одредба.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Списокот на давачки и проблеми за следната година е надграден и со задолжницата. Се отвораат и голем број нејаснотии и можности за изигрување на законот, кој предвидува по Нова Година сите компании да мораат да издаваат задолжници за секоја фактура над 300 илјади денари, посочуваат правниците. Тоа значи дека дури и кога фирмата купувач ќе плати за стоката или услугата уште истиот ден, фирмата продавач ќе мора да издаде задолжница која гарантира дека на одреден датум ќе може автоматски да ги наплати парите. Правниците на отворена расправа упатија низа забелешки на овој концепт.

„Не знам колку е логично, бидејќи ние со дел од фирмите имаме редовна соработка, редовно ги сервисираме долговите, а законот од друга страна е ригиден и вели дека ако не издадеме задолжница за сите побарувања над 300 илјади денари, подлежиме на прекршочна одговорност. Казните за правното лице се од 3000 до 5000 евра, а за одговорното лице 1000 евра“, изјави Хари Ајцев, правник во Македонски Телеком.

Даница Миладинова, извршен директор на Здружението на правници, вели дека како здружение имаат сериозни забелешки за предвидените санкции, од кои најригорозна е онаа која предвидува казна затвор доколку на денот кога треба да се наплати задолжницата немате доволно средства на сметката.

„Има други механизми, а тоа секако не е казната затвор. Не сме толку богата држава за да имаме толку казнени одредби затоа што ако сите се применат соодветно претпоставувам дека затворите би биле преполни, односно не би имало место“, вели таа.

Големите казни предвидени со новите законски решенија кои ќе стартуваат од следната година служат само за заплашување на стопанството и зголемена контрола врз него од страна на власта, сметат дел од аналитичарите. Тие велат дека веќе нема сфера за која нема казни.

За универзитетскиот професор Мирјана Најчевска, најголем дел од казните се дискриминаторски и нелогични.

„Кога луѓето ќе видат дека оние кои се многу високо на власт не се одговорни, нашето општество всушност ќе се претвори во општество на махери, односно на луѓе коишто се обидуваат да го заобиколат законот. Од друга страна, секое зголемување на бројот на прекршувања на законот значи и повеќе конфликти меѓу луѓето и тогаш влегуваме во еден затворен круг на градење на полициска држава“, вели Најчевска.

Потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов вели дека од година во година расте сумата што по основ на глоби и казни го полни буџетот, а така скроената казнена политика предизвикува страв кај сите.

„Како очекувате еден граѓани којшто има навистина мали приходи, кога ќе го казните со огромна казна и не може да ја плати, да се однесува кон казнувачот? Тој е веднаш крајно инфериорен и сака да ја замени паричната казна со нешто друго коешто може да го плати, пари нема, ама послушност има“, вели Узунов.

И даночењето на хонорарците и казните коишто се воведуваат и она таканареченото ставање во ред на занаетчиските услуги треба да се гледа во склоп на една даночна политика на оваа влада која служи исклучиво за полнење на државната каса, вели економскиот аналитичар и поранешен пратеник Слободан Најдовски. Тој објаснува дека тврдењето оти Македонија е земја со најниски даночни стапки е само пропаганден трик и дека Владата не може да го смени основното книговодственото правило дека левата и десната страна на билансите секогаш мора да бидат еднакви.

„Кога ќе се најави намалување на одредена даночна стапка, веднаш следи зголемување на друга или воведување на некоја нова давачка којашто треба да го надополни износот којшто ќе се изгуби од одредено законско решение или одлука на владата. Во тој склоп треба да се гледа и плаќањето на придонесите за хонорарите, зголемените казни или, пак, оданочувањето на таканаречените“, вели Најдовски.

Како пример за тоа тој посочува дека кога во 2006-та година беше намалена стапката на персонален данок, во исто време се прошири основицата на оданочување и стопанството доби поголемо оданочување наместо намалување.

Владата тврди дека со новите давачки кои од следната година ќе паднат на товар на стотици илјади граѓани се воведени со цел да се подобри борбата со сивата економија и да се стимулира вработувањето според европските практики, а воедно и дека ќе се намалат злоупотребите на работниот труд.

Политичкиот аналитичар Здравко Савески вели дека Владата усвојува мерки со кои наводно им излегува во пресрет на барањата на работниците, а кога подобро ќе се видат работите, излегува дека главниот мотив за тие измени е дополнителен прилив во буџетот.

„Плаќањето на придонеси за хонорарната работа е лошо решение, бидејќи ако сакаше владата да го реши проблемот со непријавените работници и со хонорарните работници, тогаш има можност преку Инспекторатот за труд да ги решава таканаречените прикриени работни односи, т.е. човек кој треба да е во редовен работен однос, газдата да го води како хонорарно вработен“, вели Савески.

Тој објаснува дека нема потреба од вакви масовни решавања на проблемот со злоупотреба на трудот, кога тоа можеше да се стори со веќе постојните законски норми со што се укажува дека грижата за работниците не е во прв план, туку внесување на нови средства во буџетот, вели тој.

„Со едно вакво решение владата си го обезбедува овој дел којшто нејзе ја интересира, а тоа се дополнителни буџетски средства. Притоа ги лишува работниците од можноста да имаат редовен работен однос и со тоа губат серија права“, вели Савески.

Со буџетот за 2015 година е предвидено државата да прибере 68 милиони евра повеќе од годинава по основ на придонеси. Ако се земе предвид дека околу 200.000 лица пријавуваат годишна даночна пријава за дополнителни приходи, грубите пресметки велат дека секој даночен обврзник ќе плати уште по околу 340 евра годишно.

Но токму државата ги ослободува од плаќање на придонеси хонорарците кои таа ги ангажира. Вештаците кои работат за судот, државните функционери кои добиваат хонорари за членување во разни државни комисии, потоа стечајни управници и поротници кои ги ангажира државата исто така ќе бидат ослободени од давачките за хонорарците. Ваквите одредби во законите се противуставни, сметаат аналитичарите.

Професор Осман Кадриу вели дека е дискутабилно што со овие новини не се опфаќаат сите структури на вработени лица.

„Законот прави обид да направи една дистинкција, една поделба на граѓаните по овој основ, од оваа гледна точка што не важи за сите исто, за сите структури на вработени лица не важи за сите исто, сметам дека во тој дел може да се доведе во прашање неговата уставност, а ако се покрене таква иницијатива, а сигурен сум дека ќе има таква иницијатива, Уставниот суд, според моето мислење, треба да се произнесе во полза на уставната одредба“, вели Кадриу.

Плаќањето придонеси на хонорарите е уште една избрзана селективна владина мерка, смета бизнис заедницата. Според бизнисменот Мендерес Кучи, нејасно е зошто Владата се иззема секогаш кога станува збор за полнење на државната каса. Тој објаснува дека таквите правила треба да важат и за Владата која е најголем работодавец, а со самото тоа и најголемите пари се вратат тука.

„Ние сме за одредени правила, но тие да важат подеднакво за сите чинители на економскиот живот во земјата“, вели Кучи.

Најдовски вели дека токму селективноста во носењето на оваа мерка укажува на дволична политика.

„Не сум убеден дека владата има за цел да ја сопре сивата економија, напротив, има единствено за цел да го извлече последниот денар од стопанските субјекти и да го префрли во државата каса. Владата сака да ја зајакнува својата улога на главен стопанственик во Република Македонија. Со извлекувањето на пари од стопанството и полнењето на државната каса, ја зголемува зависноста на стопанските субјекти и на граѓаните од политиката на владата. Создава едно чувство дека во оваа држава сè зависи од волјата на владините претставници“, вели Најдовски.

Кучи вели дека ако нешто недостасува во државната каса не треба тоа да се наплати од стопанството преку разни глоби кои што се однапред испланирани, односно власта предвидела колку стопанството треба да згреши за да се соберат пари во буџетот.

Халили, пак, истакнува дека честите намерни контроли во стопанството на некој начин ги забавуваат фирмите коишто сакаат да го развијат бизнисот.

Сите настојувања на владата кои се прикажуваат во наводна борба за справување со сивата економија се само нови начини за надополнување на дупките во буџетот, вели Најдовски.

Според проекциите на Министерството за финансии за следната година, се очекува од даноци и придонеси заедно да се слеат во буџетот вкупно околу 2,2 милијарди евра. Споредено со буџетот за оваа 2014 година, тоа е за 102,7 милиони евра повеќе. Толку очекува државата дополнителни приходи следната година од даноци, вклучувајќи ги и придонесите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG