Достапни линкови

АКСЦ – Една година автономија и креативен отпор


Со „Без концепт 2.0“ - групната изложба на македонски уметници, изведба на театарскиот перформанс „ЌЕ ИМА (ЛИ) ВОЈНА - рече уметникот“ на Ивана Атанасова, отворена музичка сесија и други активности в сабота, на 29 ноември, со почеток во 20 часот, онака како што доликува, ќе биде одбележана првата годишнина од формирањето на Автономно културно социјалниот центар како слободен, отворен, некомерцијален и непрофитен алтернативен простор за активизам и независна култура.

Идејата за еден ваков Автономно културно социјален центар, всушност, се роди од потребата во овој град да се создаде некаков слободен и финансиски независен простор за изразување, уметникување, за дебатирање и за општествено ангажирано делување.

Отвораме непријателски фронт на сè што значи политичка манипулација и теснопартиски интереси, на расизмот и на национализмот, на хомофобијата и сексизмот, на секаква верска нетолеранција или секој вид на експлоатација и насилство воопшто.

Ова ќе го забележи Ана Јовковска, во пресрет на одбележувањето на првата годишнина од формирањето и делувањето на Автономно културно социјален центар, што треба да се случи оваа сабота со почеток во 20 часот. Вели дека го формирале АКСЦ да биде слободна зона на креативниот отпор и алтернативен простор за независната култура и сцена и за активизмот во нашето општество.

Ана Јовковска

Ана Јовковска

„Ние сме организирани на некакви заеднички принципи и вредности, а тоа се слободата и еднаквоста, солидарноста и емпатијата, секогаш сме на страна на послабите и маргинализираните и на страната на прогресивните идеи, на природата, на живиот свет. Отвораме непријателски фронт на сè што значи политичка манипулација и теснопартиски интереси, на расизмот и на национализмот, на хомофобијата и сексизмот, на секаква верска нетолеранција или секој вид на експлоатација и насилство воопшто“, вели таа.

Се обидуваме да споделуваме некакви знаења и вештини. Да даваме знаења и да учиме од другите. Најважно е дека АКСЦ е некаква мрежа на запознавање на прекрасни луѓе и прогресивни идеи и сето тоа се прави волонтерски, значи од срце, без пари.

Јовковска, појаснувајќи го делувањето, ќе рече дека од старт кај нив нема хиерархија, дека одлуките ги носат сите заедно врз принцип на некаква директна демократија и дека особено им е важен принципот на самоодржливост и самоорганизација. Од таму таа смета дека АКСЦ во некоја рака е пионерски чекор во македонското општество и во Скопје, иако, како што забележува, такви центри во главните градови во државите од регионот и во Европа има и по неколку.

Истакнува дека во текот на изминатата година тие организирале 159 настани, што подразбира дека во просек скоро секој втори ден нешто се случувало во Центарот. Дека развиле и подржале разни иницијативи и дека дале простор на многу уметници и активисти.

Да останеме доследни до слободарскиот дух. Да останеме доследни до отворената култура. Да останеме доследни кон сите социјални теми кои што го тангираат ова општество.

„Се обидуваме да споделуваме некакви знаења и вештини. Да даваме знаења и да учиме од другите. Најважно е дека АКСЦ е некаква мрежа на запознавање на прекрасни луѓе и прогресивни идеи и сето тоа се прави волонтерски, значи од срце, без пари, што би се рекло дека Центарот е некомерцијален и непрофитен простор и тој опстојува исклучиво од ентузијазмот и од волонтерската работа на поединците, иако добредојдени се каков било вид на индивидуални донации кои ќе овозможат на некој начин полесно плаќање на сметките за кирија, вода, струја“, вели Јовковска.

Инаку, разноличната програмата за одбележување на првата годишнина на АКСЦ е правена со идеја многу луѓе да дојдат и да ѝ дадат поддршка на независната сцена и генерално на идејата за послободен свет. Така присутните ќе имаат можност да ги проследат „Без концепт 2.0“ - групната изложба на дела на македонски уметници кои досега изложувале во центарот, како Ѓорѓи Митревски, Ангел Миов, Маја Кировска, Ана Лазаревска, Марија Сотировска, Тони Димитров, Тино Сотировски, Ивана Пирковска, Иван Ивановски и Владимир Лукаш, потем театарскиот перформанс „ЌЕ ИМА (ЛИ) ВОЈНА - рече уметникот“ на Ивана Атанасова, целовечерната музичка сесија на Филип Димишковски – клавијатура, Александар Ников – електроникa и Димитар Ивановски – контрабас, во кој може да се вклучи секој кој ќе донесе инструмент и ќе има желба да свири и така со ред.

Покрај ова ќе биде прикажана и фото-ретроспектива на настаните кои се обистиниле во АКСЦ, а ќе има и штандови преку кои ќе се претстават различните иницијативи кои функционираат во Центарот како Unavision, Кооперативата за храна, Ленка и Солидарност.

Во оваа пригода АКСЦ за прв пат ќе објави и свој фанзин со најразлични литературни и политички текстови којшто ќе им биде делен на присутните на случувањето.

Од друга страна, со одбележувањето на својата прва годишнина токму на 29 ноември, АКСЦ ја дава и својата безрезервна поддршка и на традиционалниот интернационалниот ден „Не купувај ништо“ (buy nothing day), кој претставува своевиден протест против консумеризмот, а е една од вредностите за која овие млади луѓе се залагаат.

Инаку, паралелно со подготовките за одбележувањето на првата годишнина, во Центарот веќе започна серијата понеделнички проекции на документарни филмови на најразлични теми кои вообичаено ќе бидат проследени со дискусии, а Васко Цацановски знае да каже дека за нив во иднина најважно е да останат цврсто на вредностите забележани во Манифестот.

„Да останеме доследни до слободарскиот дух. Да останеме доследни до отворената култура. Да останеме доследни кон сите социјални теми кои што го тангираат ова општество“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG