Достапни линкови

logo-print

Регионална соработка за враќање на раселените од Косово


Илустрација: Раселени лица од Косово.

Илустрација: Раселени лица од Косово.

Претставниците на владите на Србија, Црна Гора, Косово и Македонија се согласија еднаш месечно да се одржува состанок на работна група која ќе ги договара техничките прашања поврзани со раселените од Косово.

Иако постои позитивен напредок во соработката меѓу релевантните институции во регионот на Западен Балкан во врска со прашањето на раселените од Косово, постои потреба за понатамошно дејствување на сите овие чинители во размена на информации, признавање на официјални документи и заеднички активности за раселените лица. Ова е заклучокот од дводневната конференција на мисијата на ОБСЕ во Косово, чија цел е да се поддржат напорите за изнаоѓање трајни решенија за раселените од Косово.

Се надеваме дека во иднина динамиката на овој процес ќе се подобри, но и посветеноста на институциите исто така.

Претставниците на владите на Србија, Црна Гора, Косово и Македонија се согласија еднаш месечно да се одржува состанок на работна група која ќе ги договара техничките прашања поврзани со оваа проблематика, а со цел интензивирање на процесот кој според нив трае предолго време.

Илустрација: Раселени лица од Косово.

Илустрација: Раселени лица од Косово.

Оние луѓе кои се раселени од Косово не очекуваат одговор на големи политички прашања, не на статусни прашања и не ги интересираат разликите помеѓу политичките чинители. Нив ги интересираат одговорите на прашањата каде ќе живеат, од што, дали ќе имаат работа, дали ќе се безбедни, дали ќе имаат здравствено осигурување и каква ќе им биде иднината во следните пет, десет години.

„Мисијата на ОБСЕ во Косово работи долго време на ова прашање и тоа е голем дел од работата на оваа мисија на Косово. Вложуваме доста напори во воспоставувањето на подобри услови со цел враќање на раселените лица од Косово. ОБСЕ отсекогаш се обидува да воспостави клима на доверба која ќе им помогне на луѓето кои имаат желба да се вратат во своите домови. Се разбира дека тоа самите не го можеме и дека за успешноста на процесот потребен е придонесот на надлежните институции од регионот. Се надеваме дека во иднина динамиката на овој процес ќе се подобри, но и посветеноста на институциите исто така“, изјави Жан Клод Шлумберже, шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово.

Директорот на канцеларијата за Косово во Владата во Србија, Марко Ѓуриќ, истакна дека многу е тешко да се најдат средства кои ќе им овозможат подобри условно на раселените, но дека со заеднички напори на сите институции се создаваат предуслови да се одговори на сите клучни прашања на раселените.

„Оние луѓе кои се раселени од Косово не очекуваат одговор на големи политички прашања, не на статусни прашања и не ги интересираат разликите помеѓу политичките чинители. Нив ги интересираат одговорите на прашањата каде ќе живеат, од што, дали ќе имаат работа, дали ќе се безбедни, дали ќе имаат здравствено осигурување и каква ќе им биде иднината во следните пет, десет години. Наша одговорност е ним да им понудиме заокружени и целосни одговори на сите тие прашања“, рече Ѓуриќ.

Косовскиот министер за заедници и враќање Далибор Јефтиќ истакна дека враќањето на раселените е на исклучително ниско ниво.

„Земајќи го предвид бројот на раселени, имате под 10 проценти на оние кои се вратиле на Косово и постојат многу причини за една таква ситуација. Тоа на што ние треба да работиме во иднина е да создадеме подобри услови за нивно враќање и да ги отстраниме пречките кои доведуваат до нискиот процент на враќање на раселените“, изјави Јефтиќ.

Македонскиот заменик министер за труд и социјална политика Ибраим Ибраими нагласи дека не е доволно да се реши само проблемот со домувањето на овие лица, туку да се обезбедат и услови за нивна едукација, вработување и лична безбедност.

Во Македонија има 869 раселени лица, а заклучно со октомври оваа година, 150 од нив покажале желба за доброволно враќање дома. Поголемиот дел од нив, односно 618 пројавиле желба за да се интегрираат во македонското општество, а стотина ќе го регулираат својот статус во друга земја. Во извештајот на мисијата на ОБСЕ на оваа тема, се вели дека сè уште постојат празнини во примарното законодавство со недостатокот на специфични одредби кои се однесуваат на раселените и на повратниците. Безбедносните прашања, пак, и понатаму влијаеле и врз перцепцијата за безбедноста и врз процесот на враќање, особено ако се има предвид дека значителен број на инциденти биле регистрирани секој месец, како и тензии помеѓу заедниците што се враќаат и оние кои ги примаат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG