Достапни линкови

Путин нема друга опција освен да остане на власт


Шест години Сергеј Колесников се нема сретнато лице во лице со рускиот претседател Владимир Путин. Но, и тогаш, како што вели овој биохемичар и бизнисмен, а порано и пријател на Путин, најмоќниот човек во Русија покажувал знаци на замор.

„И тогаш и сега секој во негова близина се обидуваше целата своја одговорност за носење одлуки да му ја префрли на Путин“, вели Колесников кој во деведесетите години од минатиот век во Санкт Петербург профитираше како добар пријател на Путин.

„Од друга страна, како што вели тој, еден човек не може долго време да носи толку многу одлуки“.

Доколку путиновата вертикала на моќ беше компанија, таа почнува да страда поради лошо раководење, додава Колесников, наведувајќи дека во Русија воопшто нема луѓе кои би можеле да ја преземат одговорноста за носење некакви одлуки.

„Тоа е последица од системот што самите го создадоа“, оценува 66 годишниот Колесников кој во 2010 година ја напушти Русија откако објави отворено писмо до тогашниот претседател Дмитри Медведев во кое обелодени дека парите за изградбата на раскошниот дворец на Црно Море одобрен од Путин биле тајно пренасочувани на други сметки.

Доколку се почувствува загрозен, тој е подготвен да ја повлече и нуклеарната карта. До пред извесно време беше глупава помислата дека во Украина, во Европа ќе имаме војна. Така сега е и со нуклеарното оружје. Можеби е неверојатно, но веќе не е бесмислено.

Колесников во интервју за Радио Слободна Европа вели дека ја продолжува потрагата по махинациите на најблиските соработници на Путин, кои се збогатиле до точката кога, како што потенцира, „парите немаат веќе никаква смисла“.

Меѓу неговите главни теми на интерес е Банката на Русија која Вашингтон ја нарече „лична банка на високите претставници на Руската федерација“ и која е под санкции на Соединетите држави и Европската унија поради инволвираноста на Москва во украинската криза.

И Колесников имал сметки во оваа бакна како косопственик на фармацевтската фирма Петромед која доби голем број владини тендери додека Путин бил помошник на тогашниот градоначалник на Санкт Петербург Анатолиј Собчак.

Но, тој и неговиот партнер Николај Шамалов, сега еден од најголемите акционери во Банката на Русија и под меѓународни санкции, тогаш морале голем дел од парите да ги пренасочуваат на сметки на Михаил Иванович, име под кое Путин е познат меѓу неговите бизнис партнери.

Колесников вели дека контроверзниот трет мандат како претседател јасно укажува дека по долги години на криминално дејствување, единствен начин на Путин да се спаси од суд е да остане на власт.

„Целиот синџир на владеење е изграден врз основа на корупција. Доколку власта ја преземат други партии или луѓе, тогаш сегашната власт се става во опасност да се најде во затвор“, вели Колесников кој смета дека и сегашната руска кампања во Украина не била мотивирана од империјалистичка носталгија туку од желбата на Путин да ја сокрие неговата корупција.

„Доколку се почувствува загрозен, тој е подготвен да ја повлече и нуклеарната карта. До пред извесно време беше глупава помислата дека во Украина, во Европа ќе имаме војна. Така сега е и со нуклеарното оружје. Можеби е неверојатно, но веќе не е бесмислено“, вели Колесников.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG