Достапни линкови

Неопходни промени во Изборниот закон


Сегашниот изборен закон има недоследности и недоречености кои мора да се регулираат, велат експертите.

На изборниот закон му се неопходни промени, сметаат експерти, но и претставници на Народниот правобранител. Според нив, сегашниот изборен закон, колку е добар, има толку и недоследности и недоречености кои мора да се регулираат. Бедредин Ибраими, член на Државната изборна комисија, вели дека сериозен проблем е што државата не располага со централен регистар, односно централна евиденција за осудени лица.

Во државата да се воведе централен регистар на осудени лица за да може да имаме појасна слика и да се овозможи само на лицата кои не се осудувани да се натпреваруваат на изборите.
Бедредин Ибраими, член на ДИК.

„ДИК не е моќна, ниту компетентна, да бара од сите други судови. Една од препораките, а тоа треба и Народниот правобранител да го покрене, е иницијатива во државата да се воведе централен регистар на осудени лица за да може да имаме појасна слика и да се овозможи само на лицата кои не се осудувани да се натпреваруваат на изборите“, вели Ибраими.

Државниот завод за статистика сè уште е надлежен за организационо-техничка и методолошка обработка на податоците во избирачкиот список вели Ибраими, иако тоа требаше да премине во надлежност на ДИК.

Она што беше карактеристика на последните избори, лицата да се наоѓаат само на еден од избирачките списоци, што е по вина само на институциите, а не на лицата.
Зоран Билбилоски, државен советник кај Народниот правобранител.

„Во измените од 2009 година на изборниот законик, работата што ја водеше Државниот завод за статистика требаше да премине во ДИК. За жал и покрај големи инсистирања на ДИК, сè уште оваа работа ја води Државниот завод за статистика, каде што од одредени политички партии се изразува сомнеж дека Државниот завод за статистика како државен орган е под влијание на власта и не го води како што треба избирачкиот список. Се работи за една техничка мала работа. Софтверот кој го има ДЗС со тројца вработени да ги пренесе во ДИК и тоа пет години не може да го направи“, рече Ибраими.

Ибраими вели дека Народниот правобранител треба да укаже дека не смее оваа законска обврска да не биде пренесена пет години во надлежност на ДИК, а со тоа да се елиминираат и сомнежите на политичките партиите и граѓаните за точноста на податоците кои се внесуваат во избирачкиот список.

Зоран Билбилоски, државен советник кај Народниот правобранител на Република Македонија, рече дека постојат нормативни проблеми во делот граѓаните да го остварат со закон загарантираното право слободно да излезат и да гласаат.

„Најглавниот проблем е што кога некое лице ќе појде да гласа, добива сознание дека го нема во избирачкиот список, односно причината е неточноста и нецелосноста на избирачкиот список. Она што беше карактеристика на последните избори, лицата да се наоѓаат само на еден од избирачките списоци, што е по вина само на институциите, а не на лицата“, рече Билбилоски.

И тој вели дека мора да има промени во изборниот законик, бидејќи сите кои го следат изборниот процес наоѓале забелешки.

Во Охрид се одржа тркалезна маса каде претставници на различни институции во организација на Народниот правобранител на Македонија, дебатираа на тема „Заштита на уставните и законските права на граѓаните во постапките на извршување и остварување на избирачкото право“.

XS
SM
MD
LG