Достапни линкови

Стевковски септет со „7 stories“ и други музики во МОБ


Завршувајќи ја промотивната серија настапи за албумот „7 Stories“ започната лани во скопскиот Сули ан, ГОЦЕ СТЕВКОВСКИ СЕПТЕТ, овој четврток, на 27 ноември, во Салонот на МОБ, ќе одржи голем концерт на кој покрај веќе познатите композиции ќе бидат претставени и материјалите кои ќе се најдат на новиот, втор албум на оваа дружина на врвни македонски џез музичари.

Да се нафатиш да направиш џез концерт во голема сала во актуелниве услови на делување кај нас во Македонија е навистина неблагодарна и макотрпна работа од повеќе аспекти.

За целото време никако не можете да се ослободите од чувството дека сè сами мора да направите. Од организација, преку маркетинг, до изведбата...Инаку ништо. А тоа верувајте е пресериозна задача. Не е сеедно да се подготви таков материјал, а камоли друго.

Вака тапанарот, перкусионист и композитор Гоце Стевковски ќе ја почне приказната во пресрет на големиот концерт на својот септет што треба да се одржи овој четврток во Салонот на МОБ. Со овој настап, дружината на врвни инструменталисти во која што се Трајче Велков - труба, Кирил Кузманов - алт саксафон, Иван Иванов – тенор сакасафон и флејта (млади но веќе афирмирани музичари кои своето професионално образование го заокружиле на престижната Музичка академија во Грац, Австрија), искусниот Сашко Николовски – тромбон, сеприсутниот Дамир Имери – клавијатури ( обајцата членови на Биг бендот на МРТВ) и Александар Икономов – контрабас ( кој по Грац извесен период занаетот го печел и во клубовите на мегаполитот Њујорк), практично ќе ја заокружи промотивната патека за албумот „7 Stories“ зачната со ланскиот концерт во Сули ан во рамките на културната манифестација Скопско лето и потем разработувана на перформансите на џез фестивалите во Штип и во Прилеп.

Стевковски појаснува дека тие решиле годинава да се искачат една скала погоре и дека дошло времето да направат „голем концерт“ и тоа на сцена каква што е Македонската опера и балет и каде што многупати досега свиреле во разни комбинации и со разни проекти. Сепак, како што вели, едновремено самите морале да разврзат многу организациски и промотерски јазли за да дојдат до него.

Практично музичарите кои што се занимаваат со џез, а тие се малкумина на број, лутаат постојано барајќи некакви поголеми организации, поголеми разбирања за она што го прават но притоа вообичаено не наоѓаат разбирање, ниту соодветен одговор. И затоа на човек му доаѓа постојано да се прашува што се случува. Каде е тука проблемот.

„За целото време никако не можете да се ослободите од чувството дека сè сами мора да направите. Од организација, преку маркетинг, до изведбата...Инаку ништо. А тоа верувајте е пресериозна задача. Не е сеедно да се подготви таков материјал, а камоли друго. Треба да седнеш, да бидеш концентриран, фокусиран, да отсвириш, да направиш звучна слика, да направиш магија, цел филм, да ја кажеш филозофијата што ја имаш како творец...а ваму треба да се зафркаваш со мал милион ситници кои се, сепак, работа на некои други луѓе, најмалку наша.“

Во контекст на ова тромбонистот Сашко Николовски истакнува дека да се занимаваш со џез во Македонија е да го живееш тој начин на живот, тој стил, таа филозофија. Дополнува дека ние имаме каква-таква традиција, силен џез фестивал на кој дошле сите што вределе од светот на џезот, но дека притоа постои и еден голем парадокс – не постои реална џез сцена во земјава.

„Практично музичарите кои што се занимаваат со џез, а тие се малкумина на број, лутаат постојано барајќи некакви поголеми организации, поголеми разбирања за она што го прават но притоа вообичаено не наоѓаат разбирање, ниту соодветен одговор. И затоа на човек му доаѓа постојано да се прашува што се случува. Каде е тука проблемот.“

Стевковски, пак, од своја страна потенцира дека наспроти тоа што имаме еден голем Џез фестивал како Скопскиот и неколку помали, за жал нималку не можеме да говориме за џез сцена и за џез клима кај нас. Истакнува дека ако биде исклучено Радио Џез ФМ тогаш и да нема некое друго на кој се емитува тој тип на музика. Дека не постои ниту еден вистински џез клуб со континуирана програма, а конечно тука е и сознанието дека за „некомерцијалните изданија“ речиси и да нема место во весниците и воопшто во електронските медиуми кај нас. Затоа како што забележува ним и не им преостанува ништо друго освен вака директно да и се обраќаат на публиката. Да се грижат за сопствениот творечки развој и да се трудат да ги разбуричкаат работите.

„Ако нештото не го работиш, не го вежбаш, не го мислиш, ако секојдневно не го осознаваш, ако не се дружиш и комуницираш со луѓето, значи едноставно и се препушташ на летаргијата и може и тоа ниво што дотогаш си го достигнал како музичар, творец...да го оставиш да тапка во место. Да запреш, да нема повеќе никаков прогрес и да не знаеш каде да одиш понатаму. “

Инаку, наспроти сите поминати организациски сцили и харидби, членовите на септетот велат дека тие ентузијастички како и досега ќе го отсвират овој свој концерт и дека публиката во МОБ, покрај досегашните, ќе има можност да слушне и нови, досега необјавени композиции кои се планирани за следбеникот на „7 Stories“ - албумот чие објавување е планирано за средината на наредната година.

А до неговото обнародување само малечко потсетување на она што го забележа критиката за деби изданието на Гоце Стевковски септет.

Музикологот Тина Иванова го опиша како Опишан е како „албум кој носи нов здив на македонската џез-сцена, како издание кое претставува прекрасен спој на минатото и сегашноста, како музика која зрачи со оптимизам, која поседува романтичарски поглед со манири на заводливост и со мирис на вљубеност“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG