Достапни линкови

Продолжуваат протестите во САД


Во Соединетите Држави продолжија протестите по одлуката на големата порота да не покрене обвинување против полицаецот што го застрела црното момче Мајкл Браун во Фергусон во август годинава. Во ова предградие на Сент Луис има распоредено над две илјади припадници на Националната гарда.

Во извештаите од најновите протести во Фергусон се оценува дека тие биле помирни и повеќе контролирани од претходната ноќ кога големата порота ја соопшти одлуката дека нема доволно причини да биде покренато обвинување против полицаецот Дарен Вилсон.

Сепак, како што се наведува, демонстрантите запалиле едно полициско возило и извикувале пароли „Нема правда, нема мир“.

Во претходните нереди биле запалени десетина згради и автомобили, а биле уапсени шеесетина луѓе за грабеж, недозволено носење оружје и илегално собирање.

Полицаецот Дарен Вилсон изјави дека неговата совест била чиста и оти не можел да постапи никако поинаку од она како што постапил во конфронтацијата со Браун во август годинава.

Нередите биле пожестоки од оние по убиството на Браун во август годинава, но, како што оценуваат новинските агенции, многу помали од оние што следуваа по претепувањето на црнецот Родни Кинг пред две децении во Лос Анџелес.

Полицијата во Фергусон која неколку месеци се подготвуваше за соопштувањето на одлуката на големата порота призна дека била изненадена од насилните протести.

Гувернерот Џеј Никсон изјави дека за да не се повторат ваквите нереди на улиците во Фергусон, предградие на Сент Луис биле распоредени околу 2 илјади и 200 припадници на Националната гарда.

Американскиот претседател Барак Обама го осуди насилството поради ваквата судска одлука.

Протесни собири имаше и во неколку други американски градови. Во Њујорк демонстрантите маршираа на Тајмс Сквер, а во Хјустон дошло и до блиски средби меѓу учесниците на протестот и полицијата, но никој не бил приведен.

Дарен Вилсон

Дарен Вилсон

Во исто време полицаецот Дарен Вилсон изјави дека неговата совест била чиста и оти не можел да постапи никако поинаку од она како што постапил во конфронтацијата со Браун во август годинава.

Од друга страна, адвокатите на семејството Браун оценија дека одлуката на големата порота била пристрасна и донесена во процес во кој обвинителот имал судир на интереси и во кој полицаецот Вилсон не бил соодветно испрашуван.

Одлуката на поротата го префрли правниот акцент врз истрагата која е во тек на американското министерство за правда за тоа дали Вилсон му ги нарушил граѓанските права на Браун со тоа што намерно употребил прекумерна сила и дали полицијата во Фергусон систематски врши дискриминација.

Убиството на невооружениот Браун во предградие каде што главно живеат афроамериканци покрена национална дебата не само во врска со полициските ингеренции и употребата на огнено оружје, туку и со долготрајните расни тензии во Соединетите држави.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG