Достапни линкови

logo-print

Невработеноста на младите е проблем за сите етнички заедници


Каја Корхонен, од Калеви Сорса Фондацијата од Финска.

Каја Корхонен, од Калеви Сорса Фондацијата од Финска.

Во обидот да се промовираат вредностите на мултикултурализмот, но и да се поддржи демократскиот развој на мултиетничка Македонија, кон платформата за мултикултурализам се вклучи и фондацијата Калеви Сорса од Финска. За важноста на проектот, но и за потребата од итни мерки со кои ќе се надмине проблемот со невработеноста кај младите, во разговор за Радио Слободна Европа, зборува, Каја Корхонен, од Калеви Сорса Фондацијата.

Госпоѓо Корхонен, вашата организација е вклучена во проектот за младинската невработеност и мултикултурализмот заедно со неколку други невладини организации во Македонија. Какви се вашите искуства со ваквите проекти и кои се очекувањата конкретно од овој?

Ова е всушност трет проект во Македонија. Почнавме во 2008 година и оттогаш ги надградуваме нашите проекти според искуствата што ги имаме од претходните. Проектот е всушност поддршка на демократијата во мултиетничка Македонија и е во соработка со фондацијата Фридрих Еберт во Скопје. Ние сме мала организација од Финска и во моменотот не работиме во некоја друга земја на Балканост, освен во вашата.

Која е целта на овој проект во кој сте вклучени и што сакате да постигнете со него?

Очекуваме дека младите луѓе ќе ги зајакнат своите капацитети и дека ќе успееме да создадеме одржлива соработка меѓу различните етничките групи и организации.

Имаме различни активности. Направивме обуки за тренери за мултикултурализам, а пред една година ја основавме младинската платформа за мултикултурализам која е платформа на различни политички младински организации и која е отворена за сите организации кои ги почитуваат вредностите на мултикултурализмот и кои сакаат го промовираат мултикултурното општество тука во Македонија. И секако тука сме да ги поддржиме младите и нивните активности во таа насока.

Во Македонија постои голем процент на млади луѓе кои не се вработени, според последните податоци на Светската Банка тој процент изнесува 50 отсто. Како според вас може да се подобри оваа ситуација?

Дефинитивно дека младите луѓе не се виновни за ваквата слика. Се надеваме дека ќе видиме политики кои ќе ги направат политичките лидери и кои ќе можат да ја подобрат ситуацијата. Секако тие вклучуваат економски и социјални политики, но и посебна стратегија која ќе биде посветена на ова прашање.

Дали според вас предрасудите по етничка основа се една од причините кои придонесуваат за високата невработеност кај младите?

Искрено мислам дека и тоа се случува. Но исто така мислам дека проблемот со невработеноста на младите е заеднички проблем за сите етнички заедници.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG