Достапни линкови

„Младите да си останат дома“ - најкоментирано


Студентски марш во Скопје.

Студентски марш во Скопје.

Пораката на пратеникот Николоски младите да си седат дома, наместо да се иселуваат и протестот на студентите, привлекле многу коментари на нашата интернет страница.

Веќе десетина дена, почитувани, не престанувате да испраќате коментари како реакција на пораката од пратеникот од владејачката партија, Александар Николоски, во скопската гимназија „Корчагин“, младите да си останат дома, зашто тука ќе постигнеле најмногу успех.

Просто е шокантно некој во 21 век да се дрзнува да им го „преведува“ светот на другите и толку да го потценува капацитетот на целата популација

Сања, на пример, смета дека е просто шокантно некој во 21 век да се дрзнува да им го „преведува“ светот на другите и толку да го потценува капацитетот на целата популација. Ти-на се прашува како може пратеникот да зборува дека бројката на иселени лица е на најниско ниво, кога, вели, од Македонија се иселиле најмалку 300 илјади луѓе во последниве десет години.

Дебата за вклученоста на средношколците во граѓански иницијативи. Нора Алити и Александар Николоски, пратеници и Дејан Андонов од МИМ.

Дебата за вклученоста на средношколците во граѓански иницијативи. Нора Алити и Александар Николоски, пратеници и Дејан Андонов од МИМ.

Александар, кој живеел веќе една година во странство му порачува дека за таа година си го обезбедил тоа што, како што напишал, „99,99% од моите другари нема да можат уште 100 години“. Има уште неколку коментари на наши млади луѓе, кои пишуваат од странство и ги демантираат ставовите на пратеникот Николоски, а Горан, во врска со апелот за останување во земјава, прашува: „Каде тука? Во штабот на ДПМНЕ? Во нацистичка Германија ако не си Германец немало работа, а овде ако не си од „комитетот“ аминуван, тешко тебе!“ Дац препорачува секој кој може да си го фаќа патот, зашто после ДПМНЕ само пепел ќе останел во државава, а Ивана кажува за своите пријатели во Канада кои, вели, „дишат со полни гради, слободен, интелигентен, инспиративен воздух и кои знаат дека со својот труд и знаење можат да си обезбедат место во тоа општество, а тука со тоа можеш само да се сликаш зашто постојат луѓе како тебе и твоите идиотски изјави, и уште полошо, дела“.

До тебе и до сите партиски апаратчици, треба да знаете дека организатори се студентите и не барај организатори и вештерки како твоите налогодавци.

По студентските протести против екстерното тестирање, Трајко пишува дека на оваа влада треба да ѝ се порача дека „не сме глувци за тестирање“, а Бони му одговара на Тони, кој смета дека тие што протестирале се денгубовци на кои не им се учи: „До тебе и до сите партиски апаратчици, треба да знаете дека организатори се студентите и не барај организатори и вештерки како твоите налогодавци. Организатори се оние илјадници во државава кои сè уште мислат со своја глава и на крајот ќе победат“. Има доста коментари и во врска со информацијата дека од 1 јануари хонорарците ќе мора да плаќаат придонеси, а дека од тоа се изземени избраните и именуваните функционери, чиј заеднички именител е, како што напишал Јанко, „Срамота! Мизерија! Немаат ни трошка срам!“. МК Обсервер, пак, коментира: „Сè се враќа, сè се плаќа, ќе се сетиме на „заштитените видови“ кога ќе почне сезоната на отворен лов (избори)!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG