Достапни линкови

Продолжување на преговорите со Иран


Во Виена истекува рокот за постигнување траен договор меѓу Иран и шестте светски сили за контроверзната иранска нуклеарна програма. Договорено е тие да бидат продолжени до 1 јули 2015 година.

Станува збор за гаранции од Техеран дека нема да развива програма за нуклеарно оружје за што за возврат ќе добие укинување на санкциите од Соединетите Држави и Европската унија.

Со оглед на тоа што некои прашања се сложени и важни, мислам дека ќе биде неопходно повеќе време.

Американскиот државен секретар, Џон Кери, и шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф разговарале и за можноста за продолжување на конечниот рок за постигнување договор.

Ова е прво официјално признавање од Вашингтон дека таканаречената „жестока дипломатија во последен момент“ можеби не е доволна за да се дојде до конечно решение.

Можеме да бидеме оптимисти за постигнување согласност. Можеби тоа нема да се случи на 24 ноември, но мислам дека има значителна политичка волја и решеност да се дојде до договор, иако е можно мало продолжување.

Иранските претставници исто така соопштија дека се разговарало за продолжување на рокот.

Но, иранските дипломати ја најавија можноста дека би можело да се свртат кон Москва и Пекинг за економска и дипломатска поддршка доколку не успеат разговорите во Виена.

Вчера таму пристигна и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој веднаш се сретна со иранскиот министер Џавад Зариф.

Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји денеска оцени дека е можно продолжување на рокот.

„Со оглед на тоа што некои прашања се сложени и важни, мислам дека ќе биде неопходно повеќе време“, рече кинескиот министер Ји за преговорите во кои од едната страна се Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и Соединетите Држави, а од другата Иран.

Шефот на британската дипломатија, Филип Хамонд, најави дека е неопходен поголем притисок врз Иран.

Всушност, сегашниот конечен рок, 24 ноември, за постигнување договор, беше договорен откако двете страни не успеаја да го сторат тоа на претходниот конечен рок во јуни годинава.

Покрај гаранциите дека Иранците не преговараат со цел да добијат време за да ја продолжат програмата за збогатување ураниум, администрацијата на претседателот Барак Обама, според посматрачите, сака да им покаже на скептиците во Конгресот дека е разумно да се разговара.

Како една од опциите се наведува дека Вашингтон од Техеран ќе бара извесна отстапка со цел да дојде до продолжување на разговорите во почетокот на декември кога Џон Кери ќе престојува во Европа на состонокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

Некои аналитичари се уверени дека е можен договор со Иран без оглед дали конечниот рок нема да биде испочитуван.

„Можеме да бидеме оптимисти за постигнување согласност. Можеби тоа нема да се случи на 24 ноември, но мислам дека има значителна политичка волја и решеност да се дојде до договор, иако е можно мало продолжување“, вели Келси Давенпорт од Асоцијацијата за контрола на оружјето.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG