Достапни линкови

Џон Меклафлин и „Д форт дајменшн“ на концерт во Скопје


Два дена по концертот во лондонскиот Ројал фестивал хол и во пресрет на перформансите во реномираниот виенски клуб „Порги и Бес“, легендарниот џез-фјужн гитарист Џон Меклафлин, оваа сабота, на 22 ноември, со својот состав „Д форт дајменшн“, ќе настапи во Скопје. Концертот во Универзална сала е во рамките на неговата актуелна промотивна европска турнеја за албумот „The Boston Record“ и како организатор го потпишува „Авалон продукција“.

Многу од музиката што денес се нарекува џез, не заслужува да го види светлото на денот. Тоа е „исполиран џез“, без страст, полн со клишеа и служи единствено како фон на секојдневните активности. Вообичаено се густира како филџан чај. Навистина е патетично. Срамотно. Јас сакам да видам крв на подиумот.

Вака 72- годишниот Џон Меклафлин, еден од најзначајните гитаристи на денешнината, во неодамнешното интервју за влијателниот британски месечник „Uncut“, патем правено во пресрет на актуелната европска турнеја со негова „Д форт дајменшн“ на која го промовираат новиот албум „The Boston Record“, ќе ја оцени состојбата во современиот џез. Без да навлегуваме во исправноста на неговите ставови едно е јасно -тој и покрај бремето на годините и ореолот што го има нема нималку намера да и се препушти на лагодноста на животот на музичка ѕвезда која направила се во кариерата и на која и останува само одвреме навреме да си го храни егото.

Многу од музиката што денес се нарекува џез, не заслужува да го види светлото на денот. Тоа е „исполиран џез“, без страст, полн со клишеа и служи единствено како фон на секојдневните активности.

А, богами, Меклафлин зад себе има биографија како ретко кој музичар воопшто на планетава Земја. Роден на 4 јануари 1942 година во англиското гратче Донкастер, тој комбинирајќи џез, фјужн, индиска и фламенко музика...израснал во еден од највлијателните инструменталисти на светот.

Гитара започнал да свири на петгодишна возраст, за да по членувањето во неколку британски состави во раните 1960-ти стигне до прочуениот „Тони Вилијамс - ЛАЈФТАИМ“ од каде безобрзирно „ќе го позајми“ непредвидливиот Мајлс Дејвис и ќе го направи гитарист во својот придружен состав во периодот кога ќе ги снима своите најиновативни дела – албумите „In A Silent Way“, „Bitches Brew“, „A Tribute to Jack Johnson“ и „On The Corner“.

Во почетокот на 1970-те, Меклафлин со виолинистот Џери Гудмен, клавијатуристот Јан Хамер, Рик Леир на бас и Били Кобам на тапани ја формираат „Махавишну оркестра“ , составот низ кој подоцна ќе поминат и Нарада Мајкл Валден, Жан Лик Понти и Гејл Моран, и кој се смета за еден од првите што умешно ги вкрсти електричниот џез и рок со влијанијата на источната, поточно индијската музичка традиција. Со класични албуми како"Between Nothingness and Eternity", „Аpocaliypse“ и „Visions of the Emerald Beyond“ овој период на делување на гитаристот мнозина го сметаат за негов личен креативен врв.

Од друга страна, познато е дека Меклафлин во една пригода „џемувал“ со ненадминатиот Џими Хендрикс, дека свирел со „Ролингстоунс“, потем и со Карлос Сантана, Вејн Шортер... дека бил еден од хероите на гитаристичкото трио во кое членуваа починатиот Пако де Лусиа, Лари Кориел и неговата „замена“ Ал ди Меола...и така со ред.

Во неговата биографија е запишано уште дека кратко со Тони Вилијамс и фамозниот басист Џеко Пасториус го имале „Трио од д доом“, дека листата на луѓето со кои ја делел сцената е толку долга што треба тон хартија да се испише сè, та дури и тоа дека соработувал со Филхармонијата од Лос Анџелес, дека ја напишал музиката за балетот „Кардци и поети“ и уште дека во 1986, заедно со Декстер Гордон, се појавил во филмот на Бернард Таверние - „Околу полноќ“.

Од таму, нималку не чуди што, според неговите колеги – фамозните Џеф Бек и Пет Метини, Џон Меклафлин е најдобриот гитарист на планетата Земја и што на листата на 100 најдобри гитаристи на сите времиња според американскиот магазин „Ролинг стоун“ тој се наоѓа на престижното 49 место.

Закир Хусаин, виртуозот на табла, за него ќе рече дека е еден од највлијателните музичари на нашето време, а култниот Френк Запа, меѓу другото, ќе забележи дека „човекот нашол начин како да ја користи гитарата како да е пушкомитралез“.

Конечно, Англичанецот кој се „скраси“ во Монако и кого во разни комбинации неколку пати сме го виделе и чуле во Македонија, овојпат ни доаѓа со „Д форт дајменшн“, составот во кој се сегашните соработници Гери Хасбент на клавијатури, Етиен Мбале на бас и Ранџит Баро на тапани.

Тие со себе ја носат музиката, инвенцијата и енергијата од своите две студиски објави „To The One“ и „Now Here This“, сето тоа убаво документирано на штотуку објавениот концертен материјал кој со убави зборови беше пречекан од музичката критика.

Инаку, оваа серија настапи Меклафлин ја подготвувааше и ја започна на Сараевскиот џез фестивал, а од останатите балкански центри свиреше во Белград и во Љубљана.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG