Достапни линкови

Дневен печат - Бугарски пасоши и „бомба“ на СДСМ


Македонци добиваат бугарски пасоши, сомнеж за реекспорт на европски производи како македонски во Русија и „бомбата“ на СДСМ – дел од темите во дневните весници.

Еве како функционира Антикорупциската агенција на Косово: Дневник објавува дека 1.300 функционери се осомничени за корупција, од кои некои се носители на функции на различни нивоа!

Најмногу пасоши Бугарија им поделила на Македонци и на Руси.

Вечер и Дневник го објавуваат истражувањето на Европската канцеларија за статистика, Евростат, во кое се вели дека во 2012 година Бугарија им доделила свои државјанства на 1.700 странци, од кои над 96 отсто не се државјани на ЕУ. Најмногу пасоши Бугарија им поделила на Македонци и на Руси.

Заев, ајде вади ја бомбата!

„Прифатено барањето на православните Албанци во земјава, МПЦ дозволи богослужби на албански јазик“, насловува Дневник. Инаку, Вечер оди со наслов: „Синодот доброволно ќе се лустрира?“, па потсетува дека уште пред една година дедо Стефан потпишал дека „не бил кодош“.

Слободен печат, покрај другото, насловува: „Миленко се нафрли на покојниот син на Ацо Кабранов“, додавајќи дека иако од хајката што Неделковски ја води против Кабранов на својот интернет-портал се згрозува целата јавност, новинарските здруженија избегнуваат да реагираат за овие напади и чекаат претставки.

Утрински објави дека Русија ја обвинува Македонија за реекспорт на европско овошје и дека за два дена ќе се знае дали Македонија извезувала овошје и зеленчук од Европа и дека властите ќе преземеле законски мерки против евентуалните вмешани фирми. Исто така Утрински објави дека Агенцијата за храна забрани увоз на смрзнато пилешко месо од Холандија, Германија и Велика Британија каде што се појави нов вид на птичји грип.

Со крупен наслов „Заев, ајде вади ја бомбата!“, Вечер ја објавува реакцијата, во форма на писмено соопштение, на ВМРО-ДПМНЕ по најавите на Заев дека има „бомба“ по која Груевски ќе треба за три дена да поднесе оставка. Вечер и Дневник истражуваат до каде е процесот на одземање на мандатите на опозициските пратеници во Собранието: Дневник од свои извори во владејачката партија предвидува дека „Комисијата за мандатно-имунитетски прашања ќе препорача одземање на мандатите“, а Вечер, пак, од извори во СДСМ објавува дека доколку се случело пратениците од опозицијата да не се вратат во Собранието, за испразнетите места ќе мора догодина да се распишат делумни избори.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG