Достапни линкови

Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“


Со учество на тетарски трупи од Бразил, Франција и од Македонија, од 24 до 26 ноември, во Младинскиот културен центар во Скопје, во организација на здружението „Сенки и облаци“, ќе се одржи вториот Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, манифестацијата чија основна заложба е младите од нашата земја да се запознаат со поинаков театар, традиции и културни вредности, со различни начини на раскажување и игра.

„Животот на Северино”, приказната за проблемите на урбаниот живот и потребата за навраќање кон природата, на трупата Cia quase cinema“ од Сао Паоло, Бразил, „Пет забавни приказни”, интересен спој на кратки стории раскажани на магичен начин преку игра со свила и сенки на „Le Théàtre des Ombres“ од Тулуз, Франција и „Девојчето, змејот и црните облаци” на домашната театарската група „Сенки и Облаци”, се претставите кои што ќе бидат прикажани на второто издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, што од 24 до 26 ноември ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

Станува збор за манифестација зад која стои главно ентузијазмот на неформалната група на истомисленици собрани околу идејата за случувањето чија основна заложба е младите од нашава земја да се запознаат со поинаков театар, традиции и културни вредности и со различни начини на раскажување и игра.

Едноставно, бидејќи се работи за детски фестивал, намерата ни беше да ја избегнеме таа јазична бариера, па затоа мислам дека обете претстави ќе понудат пораки и естетика кои ќе допрат до срцата на сите што ќе дојдат да ги видат.
Круме Стефановски, од здружението „Сенки и облаци“, организаторот на овој фестивал.

„Се трудевме да одбереме претстави кои се сосема различни една од друга. И покрај тоа што се малку на број целта ни беше да се види целокупниот израз во овј вид на театар. Како и Французите, така и Бразилците оваа година ќе имаат само некој краток текст, кратко објаснување на сцените, а дејствието, играта ќе биде без зборови. Едноставно, бидејќи се работи за детски фестивал, намерата ни беше да ја избегнеме таа јазична бариера, па затоа мислам дека обете претстави ќе понудат пораки и естетика кои ќе допрат до срцата на сите што ќе дојдат да ги видат“, вели Круме Стефановски од здружението „Сенки и облаци“, организаторот на овој фестивал.

Стефановски е и автор на сторијата за претставата „Девојчето, змејот и црните облаци” чија премиерна изведба е планирана за понеделник, во 19.30 часот, по чинот на свеченото отворање на манифестацијата.

Тоа не се големи средства ниту доволни за да го организираме фестивалот, ама сепак се некаква помош. Тешко е времево за наоѓање на некакви спонзори, па гледаме дека ова случување нема да носи никаков приход и затоа останува да нашиот ентузијазам како и лани да го истераме до крај.
Круме Стефановски.

Говорејќи за проектот тој нагласува дека она што тие го подготвуваат е еден вид експеримент кој што досега е непознат во областа на театарот на сенки. Дополнува дека тоа е комбинација на „sand art“, цртање фигури на песок кои потем се проектираат на платно.

„Приказната е наша, изработката на фигурите, комплетното осмислување и начинот на изведба...така што искрено се радуваме на овој авторски производ кој што е нетипичен, кој што е доволно интересен, а и како тема е скокотлив бидејќи се работи на некаква матрица на некоја стара легенда. Испишавме текст кој што се однесува на една девојка која е главен лик во приказната и која тргнува да се бори против железарата која што го труе градот и така да го спаси својот пријател змејот“, потенцира уметникот.

За време на фестивалот ќе биде отворена изложба на фигури од театарот на сенки при што ќе бидат претставени делата изработени од Драгица Николовска, Јана Младенова и Ивона Ѓорѓиовска. Згора на тоа, во вторник и среда со почеток од 18 часот, е планирано да се одржат работилници за деца под менторство на девојките од „Колектив Ветерница“.

На нив децата ќе имаат можност да се запознаат со целиот процес на создавање на претстава со сенки, да креираат свое дело а манифестацијата ќе биде заокружена токму со презентација на претставата изработена на овие работилници.

Од друга страна и овојпат фоајето на кино „Фросина“ ќе биде декорирано со производите на „Lotus Lounge Chair“ и со специјалната декорација кои тие ја изработија за фестивалот. Притоа посетителите ќе имаат можност удобро да ги следат проекции на претстави од различни театри на сенки ширум светот.

И она што е особено важно, „Сонот на облачето“ и натаму останува манифестација позната по својот хуманитарен карактер бидејќи ќе во нејзиното одвивање ќе бидат вклучени одредени општествено маргинализирани групи како децата без родители од „СОС детско село“ и домот „11 октомври“, потем оние со даунов синдром од „Трисомија 21“, а за сите нив се обезбедени бесплатни билети за следење на претставите и превоз до местото на одржување на случувањето.

Инаку, и овојпат Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ е делумно подржан од Министерството за култура.

„Тоа не се големи средства ниту доволни за да го организираме фестивалот, ама сепак се некаква помош. Тешко е времево за наоѓање на некакви спонзори, па гледаме дека ова случување нема да носи никаков приход и затоа останува да нашиот ентузијазам како и лани да го истераме до крај. Да видиме задоволни деца, насмеани, да видиме убава дружба, убави претстави“, знае да каже Стефановски.

Кон ова само уште информацијата дека „Сенки и облаци“ се основани во 2005 како неформална група на истомисленици, кои истата година ја подготвија својата прва претстава на театар на сенки „Баш челик“. Влечејќи корени од Караџоз уметничката традиција (воведена за прв пат во Македонија од Турците пред повеќе векови) нивните претстави прераснуваат во модерна изведба со едукативни елементи. Проектите на групата се со различни тематики и техники. Тие имаат визија за општеството како место каде луѓето ќе го искусуваат животот преку уметностите и едукација преку забава. Нивната мисија е да ги поттикнат луѓето ширум светот, а особено младите, да користат креативни модели и алатки за пренесување напораки, подигнување на свеста и стекнување со животни вештини и способности.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG