Достапни линкови

Германија и руската експанзија на Балканот


Руското предупредување дека ќе забрани увоз на производи не само од Црна Гора, туку и од Македонија и Албанија дојде откако германскиот канцелар Ангела Меркел се изјасни против растечкото руско влијание во Западен Балкан. Таа смета дека ваквото однесување на Москва не треба да биде толерирано.

„Ова не е само за Украина. Ова е за Молдавија, за Грузија, но и за Србија и за земјите од Западен Балкан“, изјави деновиве во Сиднеј, германскиот канцелар Ангела Меркел.

Тоа беше за прв пат еден западен лидер да ја обвини Москва за мешање во регионот на Балканот, каде што земји како Србија, Црна Гора и Македонија се кандидати за членство во Европската унија.

Поранешните советски републики Молдавија и Грузија немаат таков статус, но имаат потпишано трговски договори со Европската унија. Русија има големо влијание врз овие земји благодарение на нејзината вмешаност во сепаратистичките територии во тие земји, тактика што е применета сега во Украина.

Меркел ја обвини Русија дека ја третира Украина како сфера на влијание, а не како соседна земја:

„По ужасите на двете светски војни и крајот на Студената војна, ова е предизвик за мирниот поредок на Европа“, изјави Меркел.

За само една година Русија од партнер се претвори во противник. Сега Берлин размислува како би можело да ја запре руската експанзија, особено на Балканот, регион во кој одделни држави се уште не се стабилни.

Taa оцени дека ваквото „застарено размислување“ на сфери на интерес не треба да биде толерирано.

„Уверена сум дека ваквите намери нема да успеат и покрај тоа што патот ќе биде долг и тежок и полн со назадувања“, рече Меркел.

Германскиот весник „Шпигел“ деновиве наведува дека нема да биде лесно да бидат запрени настојувањата на Путин да го зацврсти руското влијание на Балканот.

„За само една година Русија од партнер се претвори во противник. Сега Берлин размислува како би можело да ја запре руската експанзија, особено на Балканот, регион во кој одделни држави се уште не се стабилни“, наведува „Шпигел“.

Украинската криза беше предизвикана од масовните антивладини протести што избувнаа откако тогашното украинско раководство го одложи клучниот трговски договор со Европската унија по големиот притисок на Москва.

Претседателот Владимир Путин оцени дека договорот на Украина со Унијата ќе и наштети на руската економија. Според него, Москва била загрижена и за можното етничко чистење, односно дека Украина, како што изјави, би можела да заврши како неонацистичка држава.

Тој тогаш објасни дека неговата одлука да испрати сили на Крим и да го приклучи овој украински полуостров на Црно Море кон Русија било поради опасноста Украина да стане членка на НАТО.

Путин смета дека отцепувањето на Крим од Украина било подемократско отколку отцепувањето на Косово од Србија кое беше поддржано од Западот. Според него, на Крим беше одржан референдум, додека на Косово тоа било со парламентарна одлука. Путин минатиот месец беше пречекан со воена парада во Србија, што ги подгреа сомневањата за европските амбиции на таа земја.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG