Достапни линкови

logo-print

Дејан Иванов – Маргуш со Космички пејзажи во Мала станица


„Космички пејзажи“ е именувана осмата самостојна изложба на ликовниот уметник Дејан Иванов – Маргуш што од 18 ноември до 8 декември се одржува во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица во Скопје. Изложени се осум слики за кои кустосот Љупчо Маленко во каталогот ќе забележи дека „се целосно потопени во флуидот на една благо нагласена метафизичка атмосфера“.

По безмалку осум месеци од мартовската изложба „Морски гребени“ во Галерија 8, академскиот сликар Дејан Иванов Маргуш еве го и со неговата осма самостојна постановка. Тој, во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица, од 18 ноември до 8 декември, на ликовната публика ѝ нуди осум нови дела од циклусот насловен „Космички пејзажи“.

Се обидувам да пренесам порака до луѓето дека нам ни треба поголема свесност за екологијата. Затоа и ги работам тие пејзажи за кои сметам дека полека самите ги уништуваме.

За неговите слики, кураторот на изложбата, вишиот кустос Љупчо Маленко, во текстот за каталогот ќе забележи дека „се целосно потопени во флуидот на една благо нагласена метафизичка атмосфера“. Тој појаснува дека тие не се експеримент на гол конструктивизам, туку добиваат една семантична длабочина која ја симболизира тивката радост и спокој на битието којшто го интерноризирало просторот- времето во себе. Овде не станува збор за произволна опсервација, вели Маленко, и дополнува дека „ако повнимателно се загледаме ќе забележиме дека мотивот на сликите на Иванов е композициски така поставен, што сугерира некаков засолнат простор во кој едвај трепери како стишан одблесок играта на светлото во миг издвоен од брзиот временски тек на минливоста“. Намерно или случајно, заклучува тој, во херметизмот на сликите на Дејан Иванов – Маргуш го препознаваме императивот кој Маларме го поставуваше во поезијата, а кој важи за секој вид херметичка уметност, односно да се сугерира наместо да се именува“.

Песокот и другите синтетички материјали што ги употребувам му даваат друг ефект. Даваат некоја друга димензија и мислам дека сликарството за мене е подобро кога е побогата сликата.

Уметникот, пак, од своја страна вели дека „Космички пејзажи“, како следбеници на идејата зачната со „Морски гребени“, се резултат на неговата преокупација со климатските промени на Земјата и замислата како всушност би можела да биде површината на другите планети.

„Се обидувам да пренесам порака до луѓето дека нам ни треба поголема свесност за екологијата. Затоа и ги работам тие пејзажи за кои сметам дека полека самите ги уништуваме. И ова е една моја сугестија до народот дека треба да престанеме да бегаме од себе, од сопствената планета. Не мислам дека е добро тоа што интересот исклучиво го фокусираме кон Марс и другите небески тела таму барајќи нови светови, нов живот, а едновремено со сите сили како да се трудиме Земјата да си ја уништиме ние самите. Дури ми се чини дека и во тоа посегање по другите светови како да е скриена и нашата потајна желба да ги уништиме и нив“, истакнува Дејан Иванов Маргуш.

Говорејќи за сопственото творештво, уметникот знае да забележи дека неговите дела се работени во комбинирана техника на повеќе медиуми при што бележито е дека во процесот на експеримент користи и природни и синтетички материјали.

„Јас пред сè ја практикувам структурата. Тоа значи дека сакам делото да е и материјално побогато. Не да се потпира само бојата на класичниот начин на работа. Песокот и другите синтетички материјали што ги употребувам му даваат друг ефект. Даваат некоја друга димензија и мислам дека сликарството за мене е подобро кога е побогата сликата“, вели тој.

Роден 1979 година во Скопје, Дејан Иванов дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорите Рубенс Корубин и Јован Шумковски. Зад себе има осум самостојни изложби, а сем во родниот град се претставувал и во Куманово, Прилеп, Струмица и во Белград, соседна Србија. Член е на ДЛУМ од 2005 година, учесник на сите изложби на здружението, а неговите дела биле претставувани и на колективни постановки во Хрватска, Франција и во САД.

Маргуш работи и витражи и мозаици и за сопственото творештво добитник е на наградата „Димитар Пандилов“ за мал формат во 2012 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG