Достапни линкови

logo-print

Јавниот долг расте со загрижувачко темпо


Од 2008 до 2014 година, јавниот долг се зголемил од 1,55 на речиси 4 милијарди евра, односно од 23 на 46,6 проценти од БДП-то.

Задолжувањето на Македонија расте со загрижувачко темпо. Не е најважно прашање колкав е јавниот долг на Македонија, туку за што се трошат парите од задолжувањето и каков ефект ќе има тоа задолжување врз растот на економијата, беше кажано на денешната јавна дебата на тема „Дали на среден и на долг рок јавниот долг на Република Македонија е одржлив?“, во организација на Институтот за социјална демократија „Прогрес“, Фондацијата Фридрих Еберт и меѓународниот центар Олоф Палме.

Од кого се задолжуваме, од каде ги црпиме парите, правиме ли стерилизација внатре или добиваме финансирање од надвор, која е цената на тоа финансирање? Има фискални критериуми. Во однос на ова да се влезе во анализа и тогаш може да дадеме конкретен одговор на ова прашање кое јас го ценам како најсуштинско прашање во однос на долгот.

Дел од дискутантите оценија дека долгот веќе достигнува загрижувачко ниво и треба да се работи на негово ограничување, додека други потенцираа дека Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа.

Според податоците на Министерството за финансии, јавниот долг на Македонија на крајот на септември годинава бил речиси четири милијарди евра, односно 46,6 проценти од БДП-то, додека државниот долг изнесувал 3,3 милијарди евра, односно 39,3 проценти од БДП-то. Од 2008 до 2014 година, јавниот долг се зголемил од 1,55 милијарди на речиси 4 милијарди евра, односно од 23 на 46,6 проценти од БДП-то.

Ако имате силно респектабилна и кредибилна власт којашто управува и со поголем долг, тоа не треба никого да загрижува и обратно, паники, критизерство, омаловажување, создавање слика на пропаст итн., сето тоа е лошо за властите и за јавните финансии.

На нашето прашање колкава е оптималната граница на јавниот долг, професор Абдулменаф Беџети вели дека растот на задолжувањето треба да биде помал од растот на економијата.

„Од кого се задолжуваме, од каде ги црпиме парите, правиме ли стерилизација внатре или добиваме финансирање од надвор, која е цената на тоа финансирање? Има фискални критериуми. Во однос на ова да се влезе во анализа и тогаш може да дадеме конкретен одговор на ова прашање кое јас го ценам како најсуштинско прашање во однос на долгот“, рече тој.

Ако овој исказ на Беџети се примени на состојбата со задолжувањето во Македонија се доаѓа до заклучок дека земјава е далеку од оптималното ниво на раст на задолжувањето. Не само што задолжувањето не расте побавно од економијата, туку тоа расте и побрзо.

Од друга страна, професор Снежана Костадиноска Милошеска вели дека во земјите од еврозоната долгот е удвоен од почетокот на економската и финансиска криза и оти помал долг од Македонија имаат само Естонија и Луксембург. Дали задолженоста на Македонија е висока или ниска зависи од економскиот раст, вели таа.

„Ако имате силно респектабилна и кредибилна власт којашто управува и со поголем долг, тоа не треба никого да загрижува и обратно, паники, критизерство, омаловажување, создавање слика на пропаст итн., сето тоа е лошо за властите и за јавните финансии, затоа што рејтингот што е нужен за излез на секоја земја на пазарот на капитал, било дома, било надвор е многу важна големина и тој е чувствителен на сите овие работи, затоа што знаете дека од тоа зависи цената на долгот“, рече таа.

Професор Никола Џамбазовски, пак, рече дека не може да се споредува нивото на долгот во развиените и неразвиените земји и земјите во развој, затоа што не е најважно колкав е долгот, туку колку е тој одржлив и го посочи примерот на Аргентина која во 2002 година банкротира, иако цела деценија претходно има долг понизок и од македонскиот.

Кире Наумов од СДСМ, пак, на споредбите на македонскиот јавен долг со тој на земјите од ЕУ гледа како на маркетиншки трик. Според него, Македонија треба да престане со понатамошно задолжување.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG