Достапни линкови

Путин - Голема грешка е економска блокада против источна Украина


Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Киев прави „голема грешка“ со воведувањето економска блокада против проруските региони во источна Украина. Зборувајќи на Самитот Г20 во австралискиот град Бризбејн, Путин рече дека со тоа се отсекуваат овие региони од остатокот од земјата и дека „украинската влада ја препушта контролата врз овие територии“. Тој најави дека планира да разговара за ова прашање со украинскиот претседател Петро Порошенко. Претседателот на Украина вчера издаде неколку декрети со кои се затвораат државните институции и банките во регионите на Доњецк и Луганск. Според едниот декрет, државните фирми, институции и организации треба да ја прекинат нивната работа во текот на неделата и да ги „евакуираат вработените со нивна дозвола и, каде што е можно, да се изнесе инвентарот и документите“.

„Украина веќе нема да ги финансира. Во тоа се вклучени училиштата, градинките и болниците“, се вели во декретот. Киев веќе го прекина државното финансирање на областите под контрола на сепаратистите, откако изборите што тие ги спроведоа во октомври, а кои Порошенко ги прогласи за нелегални.

XS
SM
MD
LG