Достапни линкови

logo-print

Уметникот Ѓорѓе Јовановиќ со „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“


„Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ е насловена самостојната изложба на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, што од 14 до 28 ноември се одржува во Националната установа – Музеј на современа уметност во Скопје. Со својот најнов проект тој, со „пристап близок на деконструктивното и преку нагласен хумор, ја разголува продолжената оттуѓувачка моќ на некритички увезениот консумеризам чии крајни резултати се неговиот збунет јунак и амбиентот во којшто се движи“.

Проектот „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ ја следи линијата на светски распространетите пронајдоци кои на хумористичен начин го опсервираат и коментираат потрошувачкото општество и се рефлексија на хиперпродукцијата на индустриското општество. Ова ќе го забележи Ѓорѓе Јовановиќ за својата нова самостојна изложба што од 14 до 28 ноември се одржува во Музејот на современа уметност во Скопје.

Проектот е и обид да се пренесе тоа искуство на овој концепт на изуми во македонскиот контекст и преку нив да се промислат нашите навики, секојдневните акции, а во исто време тој е и обид да се опсервираат меѓучовечките односи и релации.

„Проектот е и обид да се пренесе тоа искуство на овој концепт на изуми во македонскиот контекст и преку нив да се промислат нашите навики, секојдневните акции, а во исто време тој е и обид да се опсервираат меѓучовечките односи и релации“, вели тој.

Уметникот дополнува дека неговите изуми се дизајнирани за да ги решат многубројните проблеми во секојдневниот живот, во домот, на работното место, во продавница и вели дека „тие секогаш се тука за да ни ги олеснат нашите потреби“.

Реални, но во исто време и надреални во својот изглед, тие се тука за да бидат мост помеѓу она што сме и она што сакаме да бидеме.

„Реални, но во исто време и надреални во својот изглед, тие се тука за да бидат мост помеѓу она што сме и она што сакаме да бидеме“, истакнува авторот.

Појаснува дека, на негова покана, дел од претставените изуми биле работени во соработка со други креативни луѓе, дизајнери, архитекти, писатели, како Небојша Гелевски, Владимир Лукаш, Дејан Ивановски и Никола Писарев. Вели дека на изложбата можат да се видат прототипите на овие изуми и потенцира дека нивната презентација се состои од кратки текстови, фотографии и од видео реклами кои се дело на Александар Алексовски.

„Сите луѓе што се вклучени во проектот несебично ја подржаа идејата. Сакам да напоменам и тоа дека во некои случаи тоа беше заеднички процес на работа – од идеја до реализација, додека кај дел од другите соработници на нивни сугестии јас ги изработував прототиповите. Се разбира, има и еден значаен дел каде јас сум комплетниот автор – од идеја до реализација“, вели тој.

Роден 1980 година во Скопје, Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности. Досега има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграција и дезинтеграција на современиот човек. Во своите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Во творештвото на Јовановиќ присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето нови вредности.

Тој работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.

Јовановиќ самостојно изложувал во Скопје, Белград, Њујорк и Грац, а за муралот „Каде плови овој брод?“ беше добитник на наградата за најуспешен автор и дело на 10-тото Биенале на млади уметници што се одржа во мај минатата година.

Со тоа тој ја продолжи убавата линија на признанија за сопственото творештво зачната со наградата „Денес“ за млад ликовен уметник во 2009 година, потем оние на Фестивалот за алтернативно видео и филм во Белград и Фестивалот за современи уметности АКТО, во Битола во 2012 година.

Инаку, авторот не крие дека би сакал оваа постановка по Скопје да ја види и публиката во регионов, па и онаа во Европа, и навестува натамошно продлабочување и разработка на актуелната творечка промисла.

„Ова е концепт кој секогаш може да се шири и надополнува. Затоа и сум сигурен дека ќе продолжам да ја следам оваа линија и еден од следните мои проекти да биде едно ново видување, односно дополнето, проширено, надградено издание на „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“, вели уметникот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG