Достапни линкови

logo-print

НАТО и Русија, блиски средби во воздухот


Со зголемените страхувања за можна ескалација на конфилктот во источна Украина, зачестија и нарушувањата на воздушниот простор на НАТО членките од руски воени авиони. Москва најавува воздушни патроли и во близина на брегот на Северна Америка.

Холандската влада соопшти дека два борбени авиона од типот Ф16 пресретнале руски товарен авион „Иљушин“ откако навлегол во меѓународниот воздушен простор северно од Естонија и Литванија без претходно да најави план на летање.

Холандските авиони се дел од патролата на НАТО која го контролира небото над балтичките држави по избувнувањето на кризата во Украина.

По блиската средба рускиот авион се упатил кон руската енклава Калининград, која се наоѓа меѓу земјите членки на НАТО, Полска и Литванија.

Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент оцени дека се неоправдани руските планови за испраќање бомбардери во воздушни патроли во близина на Северна Америка.

Руската агресија во Украина и нејзиното продолжување на операциите за дестабилизација на украинскиот исток драматично ја смени безбедносната ситуација во Европа. Ние се согласивме дека руските активности се целосно неприфатливи и ги кршат принципите на меѓународното право.

Портпаролот на Стејт департментот Џен Псаки изјави дека сегашната ситуација во подрачјето на западниот брег на Атлантикот не дозволува дополнителни летови на руски авиони.

Претходно рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека ваквите патроли би биле со цел да го обезбедат руското воено присуство во тој регион.

Изјавата на Шојгу дојде откако НАТО соопшти дека пораснал бројот на руски воени летови над Европа, од Балтикот до Португалија.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг оцени дека во изминатиот период имало голема невообичаена активност на руската авијација на небото над Европа.

Како одговор на тоа осум балтички и нордиски земји плус Британија се договорија за зацврстување на соработката:

„Руската агресија во Украина и нејзиното продолжување на операциите за дестабилизација на украинскиот исток драматично ја смени безбедносната ситуација во Европа. Ние се согласивме дека руските активности се целосно неприфатливи и ги кршат принципите на меѓународното право.“

Изјави министерката за одбрана на Норвешка Ине Ериксен Сориеде, наведувајќи дека најдобра мерка против најновите воздушни игри на Русија е поширока соработка на земјите од регионот.

Британскиот премиер Дејвид Камерон ја предупреди Русија дека нејзините акции во источна Украина се неприфатливи и би можело да резултираат со дополнителни санкции од Европската унија и Соединетите држави.

„Јас и натаму се надевам дека русите ќе ја видат смислата и ќе признаат ека треба да и допушти на Укарина да се развива како самостојна и слободна земја која може сама да избира. Ако Русија преземе позитивни чекори во врска со украинската слобода и одговорност тогаш би можело сегашните санкции да ги укиниме“.

рече Камерон на прес конференција во Австралија, ден пред почетокот на самитот на Г20 во Бризбејн на кој ќе учествува и рускиот претседател Владимир Путин. Официјална Москва и натаму демантира дека испраќа воена опрема и помош за проруските сепаратисти во источна Украина.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG