Достапни линкови

logo-print

Не е до пристапот, туку до волјата за компромис за името


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Возможно е да се водат паралелни преговори и за спорот за името и за членство во ЕУ, но тоа е тешко остварливо со оглед на тоа што Грција досега ги одбиваше таквите предлози.

По изјавата на новиот еврокомесар за преговори и проширување Јоханес Хан дека по дваесет години нерешавање на спорот за името можеби е потребен поинаков пристап, експертите се согласуваат дека тоа е возможно, но дека таквите идеи се тешко остварливи.

Тој подразбира, со два-три модалитети внатре, да се преговара паралелно и за името и за пристап кон ЕУ. Значи, преговорите течат, а ние паралелно преговараме и со Грција за името со тоа што нема да влезете во ЕУ ако претходно не го решите овој проблем, значи не се губи време кога се поминуваат поглавјата.

„Тој подразбира, со два-три модалитети внатре, да се преговара паралелно и за името и за пристап кон ЕУ. Значи, преговорите течат, а ние паралелно преговараме и со Грција за името со тоа што нема да влезете во ЕУ ако претходно не го решите овој проблем, значи не се губи време кога се поминуваат поглавјата“, вели професор Стево Пендаровски, член на советот за безбедносни прашања и НАТО на СДСМ.

Ваквиот предлог на поранешниот еврокомесар Филе веднаш беше одбиен од Грција, па оттука Пендаровски е убеден дека идејата на Хан нема да успее оти е веќе испробана.

Може посредникот да се смени, може да се смени форумот каде што се решава овој спор, начинот, но дефинитивно за решавање треба волја од двете страни.

И професор Беким Кадриу се согласува дека алтернативи секогаш постојат. Но, независно од тоа каков модел или формат на преговори би примениле, крајниот збор сепак го имаат двете засегнати страни. Без подготвеност на отстапки или на преминување преку црвените линии на Грција и Македонија, ништо не може да ни помогне да се реши овој долгогодишен спор, вели Кадриу.

„Може посредникот да се смени, може да се смени форумот каде што се решава овој спор, начинот, но дефинитивно за решавање треба волја од двете страни“, вели Кадриу.

Познато е дека покрај идејата на Филе за паралелни преговори за членство во Унијата и за спорот за името, во јавноста се отвори и дилемата за тоа дали засилен ангажман на некоја од земјите на Европската унија би можел да предизвика интензивирање на преговорите и евентуален компромис меѓу двете страни. Пендаровски повторува дека Унијата не може да биде неутрална, како што можат да Соединетите Држави со нивниот посредник, затоа што Грција е членка на Унијата, па оттука и поголема можност да влијае врз останатите земји членки.

„Јас не можам да видам дефинирана волја на германската надворешна политика да преземе таква улога. Дури и соопштението кое го читавме пред некој месец од средбата меѓу Меркел и Нимиц вели го поддржуваме процесот кај Нимиц. Воопшто не сугерираат, ниту меѓу редови, дека тие би можеле да направат некој друг процес или паралелен процес или тајна дипломатија“, вели Пендаровски.

Според Кадриу, пак, немањето на политичка волја кај двете страни да му стават крај на овој спор може да биде причина за губење на интересот кај Меѓународната заедница да помогне во решавањето на ова прашање.

„Јас сметам дека има место да се направи притисок и врз Грција и врз Македонија, но таков притисок нема моментално“, вели Кадриу.

Во меѓувреме, вчерашната рунда разговори во Њујорк заврши без конкретен напредок во преговорите. И додека медијаторот Метју Нимиц изјави дека било разговарано за некои стари идеи и на нивното допрецизирање, грчкиот преговарач Адамантиос Василакис најави дека нови идеи ќе има во следниот период, без да прецизира во кој месец тоа ќе се случи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG