Достапни линкови

logo-print

Шешељ најави соборување на актуелната власт


Поранешниот српски ултранационалистички лидер Воислав Шешељ денеска се врати во Белград, откако Хашкиот суд за воени злосторства нареди негово условно ослободување од притвор поради здравствени причини. По доаѓањето во Белград, 60-годишниот Шешељ најави соборување на актуелната власт. Тој отиде во седиштето на неговата Српска радикална странка, откако на аеродромот во Белград беше пречекан од стотици поддржувачи, по што изјави дека ќе ги собори претседателот Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ, за кои рече дека се „одметници и српски предавници“. Судот во Хаг го ослободи Шешељ и му дозволи да побара медицински третман во Србија. Нему му е забрането да влијае врз жртвите или сведоците во процесот против него и мора да се врати во Трибуналот кога тоа ќе биде побарано. Српските доктори, кои неодамна го посетија Шешељ во Хаг, соопштија дека тој боледува од рак на дебелото црево кој се проширил и на црниот дроб. Тој беше во притвор во Хаг од 2003 година и ја чека пресудата од долготрајниот процес против него. Шешељ е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војните во поранешна Југославија во 90-тите години од минатиот век. Тој пристигна во Белград со редовна авионска линија од Амстердам.

XS
SM
MD
LG