Достапни линкови

Попоски - со партнерски однос со ЕУ до членство


Министерот за надворешни работи Никола Попоски по средбата во Брисел со новиот комесар за преговори за проширување Јоханес Хан, изјави дека првата средба ја искористиле за еден отворен разговор за извештајот за напредок, јави дописникот на РСЕ од Брисел. Попоски вели дека го запознал Хан со акцискиот план кој земјата го има подготвено за надминување на предизвиците и верува дека ќе има партнерски однос меѓу Македонија и ЕУ кој ќе доведе до следниот стадиум бидејќи и Комисијата и Македонија имаат желба да се отпочне со претпристапни преговори. Попоски вели дека единствена пречка за тоа останува блокадата, односно немањето на консензус во Советот за отпочнување на преговори и спорот за името. Министерот вели дека остануваат да бидат активни и конструктивни во тој дел бидејќи и македонски интерес е да се отстрани блокадата, за да земјата стане членка на ЕУ. Попоски вели дека со ЕУ ќе продолжат со партнерскиот однос и со разговорите за можните предлози за уставни измени, оти, како што вели, тоа е најдобриот рецепт за постигнување успех.

И Хан потврди дека на средбата со Попоски се разговарало за извештајот за напредокот и за работите кои треба да се направат, како и за уставните измени и за прашањето за името.

„Се согласивме да продолжиме и да ја обезбедиме потребната помош на нашите одделенија за да разговараме за прашања во однос на уставните измени, што може да влијаат на перцепцијата и на нивно прифаќање во Европската унија. Затоа, важно е што имавме директна размена на мислења, па се договоривме да ги интензивираме ваквите односи“, вели Хан.

Што се однесува до прашањето за името за кое се разговара во рамките на ОН, Хан вели дека е важно и ЕУ да има поактивна улога, но дека засега не може да каже нешто повеќе или помалку за тоа, но вели дека Македонија е на врвот на неговата агенда. Тој вели дека кога било објавено дека нема да има проширување следните пет години, тоа не значи дека нема да има преговори.

XS
SM
MD
LG