Достапни линкови

logo-print

Русија воздржана за ЕУФОР во БиХ


Советот за безбедност на Обединетите нации им го продолжи за уште една година мандатот на мировните сили на Европската унија во Босна и Херцеговина. За прв пат, Русија гласаше воздржано, што според некои дипломати, претставува опасна игра на Москва.

За продолжувањето на мандатот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина гласаа 14 земји.

Рускиот амбасадор во Светската организација Виталиј Чуркин изјави дека бил воздржан затоа што не биле земени предвид неговите забелешки на текстот на резолуцијата каде што се вели дека се поддржува интеграцијата на Босна и Херцеговина во евроатлантските структури.

Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин

Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин

Тој додаде дека граѓаните на таа земја не би требало да се туркаат во насока на Европската унија.

Чуркин смета дека за тоа дали Босна и Херцеговина ќе оди кон Европската унија треба да решат нејзините граѓани, а не тоа да биде дел од некаква мировна рамка.

Русија ја увезува лошата украинска атмосфера во едно прашање кое не е поврзано со Украина.

Во соопштението на Обединетите нации се наведува дека и Кина имала иста забелешка со препорака дека за дипломатската политика на една земја треба да решаваат нејзините граѓани, но оти кинескиот претставник сепак гласал за резолуцијата.

Аналитичарите сметаат дека руската воздржаност е рефлексија на тензиите меѓу Москва и Западот, главно поради украинската криза.

Амбасадорката на БиХ во ОН Мирсада Чолаковиќ

Амбасадорката на БиХ во ОН Мирсада Чолаковиќ

Филип Берто, член на француската мисија во Обединетите нации напиша дека Русија никогаш досега не се воздржала во врска со мировните сили на Европската унија во Босна и Херцеговина.

„Русија ја увезува лошата украинска атмосфера во едно прашање кое не е поврзано со Украина“, оценува Берто.

Еуфор е со мандат да ги смирува тензиите меѓу трите етнички групи во Босна и Херцеговина, Бошњаците, Србите и Хрватите, по тамошната граѓанска војна од 1992 до 1995 година.

Ова е за прв пат во изминативе 14 години гласањето за продолжување на мандатот на ЕУФОР да не биде едногласно.

ЕУФОР во 2004 година го презеде мандатот од СФОР, кои беа мировни сили на НАТО. Босанските Срби кои се поддржани од Русија и сакаат независна држава, според посматрачите, спречуваат секаков обид за зацврстување на државните институции.

Во минатата недела Соединетите Држави и Европската унија го поздравија германско-британскиот предлог со цел приближување на Босна кон членство во Унијата.

Се предлага одлагање на решавањето на сложеното прашање околу малцинските права и интензивно продолжување на економските реформи и во судството.

британскиот претставник Мајкл Татам

британскиот претставник Мајкл Татам

Ова е за прв пат во изминативе 14 години гласањето за продолжување на мандатот на ЕУФОР да не биде едногласно, изјави британскиот претставник Мајкл Татам. Според него, руската позиција била „цинична и жална“.

Високиот претставник на Обединетите нации за Босна и Херцеговина Валентин Инцко изјави дека е неопходно да се смени маѓепсаниот циклус на таканаречената „мило за драго“ политика и ги предупреди оние што се залагаат за отцепување дека нема да има менување на границите.

Инцко додаде дека Босна по изборите минатиот месец се соочува со решавачки четири години.

Амбасадорката на Босна во Обединетите нации Мирсада Чолаковиќ на седницата на Советот за безбедност изјави дека нејзината земја ќе работи за приближување кон Европската унија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG