Достапни линкови

Ќе има ли одговорност за утката со Субрата Рој?


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Ниту ќе има одговорност, ниту ќе влијае на владиниот рејтинг, коментираат аналитичари, откако се изјаловија плановите за инвестиции од контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, кој до пред неколку месеци беше пречекуван од државниот врв со сите почести.

Контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, и покрај обвинувањата за криминал во неговата земја, во Македонија се чини сè до минатата недела имаше посебен третман. Уште од неговото прво доаѓање го пречекуваа високи политички личности, кои до пред извесен период тврдеа и дека неговите планови за инвестиции во земјава се сигурни.

Морална одговорност мора да постои, инаку како би функционирал системот на демократија без морална одговорност.

Сега, откако Министерството за земјоделство соопшти дека го раскинува договорот со Рој за агрокомбинатот Џумајлија и дека ја активира банкарската гаранција од три милиони евра, се поставува прашањето каква би требало да биде одговорноста на високите владини претставници?

Поранешниот министер за финансии во владата на СДСМ, Никола Поповски, вели дека треба да се има одговорност бидејќи тие што преговараа, како што додава, тоа го правеле во името на сите нас, односно на државата.

Сè зависи од тоа како тоа ќе се интерпретира, сè зависи од тоа како луѓето ќе го перцепираат овој случај, дали како многу обиди на владата за реализирање на одредени инвестиции или ќе земат да го издвојат како некој посебен случај со таа една инвестиција.

„Морална одговорност мора да постои, инаку како би функционирал системот на демократија без морална одговорност. Второ, би морало да постои политичка одговорност, тие што се на власт, што влечат политички потези, што носат политички одлуки, доколку тие се неуспешни, треба да сносат последици, не може вие да носите неуспешни политички потези, а понатаму сè да продолжи по старо, и конечно откако сето ова ќе се заврши, не владата, затоа што таа власт сигурно нема да го направи, меѓутоа некој друг треба да види какви договори владата потпишала и во какви финансиски и други односи влегува во овој момент со Субрата Рој“, вели Поповски, кој сепак не очекува ваквиот епилог на бизнисот на Рој во Џумајлија да влијае на рејтингот на власта.

Тука, како што вели тој, има посебен систем, па ова нема да влијае врз оние што ја поддржуваат владата, а оние коишто не ја поддржуваат тоа го прават и без ваков исход на индиската инвестиција, смета Поповски.

И според Владимир Божиновски од Институтот за испитување на јавното мислење – Скопје, ова нема да има влијание врз владиниот рејтинг.

„Сè зависи од тоа како тоа ќе се интерпретира, сè зависи од тоа како луѓето ќе го перцепираат овој случај, дали како многу обиди на владата за реализирање на одредени инвестиции или ќе земат да го издвојат како некој посебен случај со таа една инвестиција“, вели Божиновски.

Инаку, кога Рој доаѓаше во Македонија покрај тоа што беше пречекуван како гостин од највисок ранг, се организираа и посебни забави, а лани дури со својот мировен фестивал го сефтоса новиот театар и советуваше владата преку закон да дефинира која е идеалната големина на едно семејство, а родителите што не ја следеле таа законска дефиниција да ги изгубеле сите придобивки и бенефиции за нивните деца, па дури и правото на глас. И синот на Субрата Рој, Сушанто, кој изјавуваше дека оваа и идната година граѓаните ќе виделе многу градби и активности од нивната компанија, доби македонско државјанство. Покрај за Џумајлија, тој најавуваше и милионска инвестицијаво Љубаништа и продукција за индиски филмови во Македонија. Рој велеше и дека ја избрал државава за инвестирање, оти барал земја без корупција и, како што рече, ја нашол Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG