Достапни линкови

Поделени коментари за сè - од името до спортот


Архивска фотографија: Посредникот во разговорите за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц.
Архивска фотографија: Посредникот во разговорите за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц.

Анализите за „името“, владината коалицијата и спортот привлекле најмногу спротивставени коментари.

Веројатно скорешната најавена средба на Нимиц со новиот македонски преговарач, амбасадорот во САД, Васко Наумовски ќе предизвика повеќе ваши коментари, засега Зоки од Скопје реагира на нашиот избор да го консултираме професорот Фрчковски околу местото на географската одредница во нашето име, за што тој вели дека според информациите од странците, нејзиното место било определено: станува збор за терминот Горна кој би стоел пред зборот Македонија. Зоки, не без гнев коментира: „Многу знае, многу кажува, само нема збор од македонските национални интереси“.

Владината коалиција е на стаклени нозе и ДУИ стана заложник на ДПМНЕ. Единствен излез е да се формира влада на национално единство.
Коментар на читател.

Пиле смета дека со додавката Горна би се прекинал континуитетот на македонската државност по АСНОМ и дека додавката „Горна“ би направило збрка со кратенката, која би имплицирала дека станува збор за „грчка Македонија“. Активниот Пиле реагира и на неделното интервју со Муса Џафери, вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, кој покрај другото вели дека во една коалиција се нормални извесни недоразбирања, а дека стабилноста на коалицијата е релативна работа. Имено, Пиле смета дека владината коалиција била на стаклени нозе и дека ДУИ станала заложник на ДПМНЕ. Единствен излез е да се формира влада на национално единство, го повторува Пиле својот познат став.

Битно е минатото (античко) и сегашноста (барокна, розова со странски кредити), кому му е гајле за иднината, исто ни се фаќа!
Коментар на читател.

Незабеган им се потсмева на битолските студенти, кои на разгледници затворени во таканаречена временска капсула ги напишале своите желби во каква Македонија сакаат да живеат и ќе ги чуваат следните 15 години. Тој со иронија коментира дека тоа било џабе зашто и во 2030 година Груевски и неговата партија пак ќе биле на власт. „Само губат време“, пишува Незабеган. „Битно е минатото (античко) и сегашноста (барокна, розова со странски кредити), кому му е гајле за иднината, исто ни се фаќа!“, извикува Незабеган.

Кај нас спортот одамна е бојосан со политичко-партиски бои, како и сè друго, впрочем, па и коментарите на двајца навивачи на Работнички и на МЗТ очигледно се со таков превез. Јас смета дека било нелогично што биле испразнети само трибините со навивачите на Работнички, а Реален, пак, нагаѓа дека играчите на Работнички можеби од страв не се вратиле на паркетот, инаку разликата ќе била уште повеќе стопена.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG