Достапни линкови

Неделен печат - Проектили кон владата и стратегија на опозицијата


Глобус пишува за молкот за неодамнешниот напад врз владата, а Република и Фокус го анализираат однесувањето на главната опозициска партија – СДСМ.

Глобус - Рејтинзите и ракетите меѓусебно се исклучуваат

Цел е нападот што поскоро да се заборави, да го покрие прашина. Причините се сосема јасни: не одат заедно белосветските успеси, недостижно највисоките рејтинзи на партиите и на нивните лидери со тајното гранатирање на владината палата. Рејтинзите и ракетите меѓусебно се исклучуваат.
Глобус.

Дали нешто официјално сме слушнале за можните извршители и за причините за истрелување на две гранати во зградата на Владата, уште пред десетина дена? Не. „Молчи власта, молчи народот! Молкот станува сè погласен“, како да ни дава одговор авторот на колумната „Таленти“ во он-лајн магазинот Глобус. За гласниот молк пишува авторот, додавајќи дека ракетниот напад врз грдото лице на „раскошната“ барокна фасада зад која од осиромашениот народ се кријат тајните на власта - беше и продолжува да биде табу тема. Цел е нападот што поскоро да се заборави, да го покрие прашина. Причините се сосема јасни: не одат заедно белосветските успеси, недостижно највисоките рејтинзи на партиите и на нивните лидери со тајното гранатирање на владината палата. Рејтинзите и ракетите меѓусебно се исклучуваат, пишува Глобус.

Република – Имало поголеми ’кленови‘ од Заев?

Прашањето не е што Брисел и Вашингтон прават за демократијата во Македонија и зошто ја толерираат диктатурата на режимот на ДПМНЕ, туку што прави СДСМ да ги привлече Европа, САД и НАТО да ѝ помогнат на Македонија да се демократизира.
Фокус.

Со навредлив речик во насловот „Имало поголеми ’кленови‘ од Заев?“, уводникот на главниот и одговорен уредник на Република ги анализира последиците од потврдувањето на одлуката на опозицијата да не се враќа во Собранието, заклучувајќи дека со тоа опозицијата ќе ја трансформира „жешката есен“ во „зимски сон“. Лидерот на опозицијата, продолжува Република, по шест месеци анализа заклучи дека неговата партија најдобро функционира кога не прави ништо. Ултиматумот „не се враќаме во Собранието без техничка влада“ е само изговор што го одржува во позицијата која за него досега беше идеална. Авторот на уводникот ова го објаснува со тоа дека „повлекувањето во глувчешка дупка“ ги поштедило опозиционерите од вистинска битка за власт за која, очигледно, вели, раководството нема капацитет. А најголемиот противник на Заев не му е власта, туку, како што смета неделникот, сопственото членство, односно оние жртвени јагниња што конечно се освестиле дека единствениот што ќе ќари од нивната слепа послушност, ќе биде тој и никој друг.

Фокус - СДСМ никако да излезе од сенката на ДПМНЕ

И Фокус ја анализира работата на СДСМ, за кој во насловот вели дека „СДСМ никако да излезе од сенката на ДПМНЕ“, па прашува „Кога Заев ќе го надрасне популизмот на Груевски?“ Прашањето не е што Брисел и Вашингтон прават за демократијата во Македонија и зошто ја толерираат диктатурата на режимот на ДПМНЕ, туку што прави СДСМ да ги привлече Европа, САД и НАТО да ѝ помогнат на Македонија да се демократизира, повторно прашува авторот на анализата во Фокус, додавајќи: „Освен празната евроатлантска реторика, која не им недостига ниту на шампионите на власта, ништо особено!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG