Достапни линкови

Ботев: Моја одговорност како уметник е да поттикнам промислувања


Атанас Ботев.

Атанас Ботев.

„Дезинтеграции“ е насловена изложбата на македонскиот уметник Атанас Ботев, што од 29 октомври до 12 ноември, се одржува во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во Скопје. Со постановката, која патем предизвика бележито внимание кај културната јавност, овој визуелен номад кој својата естетска стратегија ја гради со демистификација на општествените феномени, всушност ни го предочува сиот апсурд на светот во кој битисаме, но и неопходноста на човекот да го конзумира апсурдот во борбата за преживување и опстанок.

Живееме во општество со постојани превирања и турбуленции, па оттаму се создава плодна почва за критичка уметност.

Насловот Дезинтеграции совршено го отсликува светот во којшто живееме. Делата се коментар на таквите состојби. Перспективите не се воопшто светли. Човекот безмилосно и неодговорно ги троши природните ресурси заборавајќи дека немаме резервна планета.

Вака, ликовниот уметник Атанас Ботев ќе го започне своето појаснување на насловот на неговата 11-та самостојна изложба „Дезинтеграции“, што од 29 октомври до 12 ноември, се одржува во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во Скопје.

Иако не можам коренито да ги променам работите, моја одговорност како уметник, како личност, како човек, е да посочам на проблемите, да поттикнам прашања, дискусии, промислувања.

„Насловот Дезинтеграции совршено го отсликува светот во којшто живееме. Делата се коментар на таквите состојби. Перспективите не се воопшто светли. Човекот безмилосно и неодговорно ги троши природните ресурси заборавајќи дека немаме резервна планета. Светскиот полицаец генерира проблеми на глобално ниво, остварувајќи ја полека, но сигурно антиутописката визијата на Орвел, Замјатин и Хаксли во пракса. Јазот помеѓу класните разлики никогаш не бил поголем. Материјална и духовна сиромаштија, тероризам, морален и духовен пад, војни, еколошка катастрофа, феноменот на социјалните мрежи којшто афирмира егзибиционизам и воајеризам. Во светлото на ваквите настани не ми преостанува друго освен да ги коментирам, да го искажам својот критички став во форма на слика, цртеж или нешто сосема трето“, вели Ботев.

Уметникот дополнува дека Западниот свет полека тоне во декаденција и на пат е да се убие себеси. Вели дека „тоа можеби и не е така лошо“ и дека „исчезнувањето на човечката раса претставува можност оваа планета да преживее“.

За првпат се впуштив во реализација на големи формати што претставуваше вистински предизвик. Стилски, делата варираат, а тоа е резултат на мојата номадска природа да не се закотвувам на едно место. Сакам да се впуштам во неистражените предели на моето несвесно.

„Се разбира, ова е само метафора. Не сакам да звучам песимистички. Искра надеж секогаш постои. Впрочем, хуморот е неизоставна компонента во моите дела. Иако не можам коренито да ги променам работите, моја одговорност како уметник, како личност, како човек, е да посочам на проблемите, да поттикнам прашања, дискусии, промислувања. Од друга страна, се случува масовно освестување и никогаш не биле побројни активистите, анархистите и уметниците кои жестоко реагираат на светските неправди пркосејќи му на естаблишментот со сите расположиви средства. Се развива еколошката свест, се менуваат прехранбените навики, луѓето се враќаат кон природата. Ова сигурно не е најдобриот од сите можни светови, но само него го имаме, нели?“, вели уметникот.

Инаку, Атанас Ботев, според ликовниот јазик што го користи во своите дела, е визуелен номад. Тој спојува повеќе техники и медиуми (сликарство, цртеж, графика, колаж, фотографија, плакат, стрип, инсталација) при што секој елемент е во функција на флуидност во креирањето на делото. Говорејќи за новините во своето творештво, тој забележува дека по прв пат се впуштил во реализација на големи формати.

„За првпат се впуштив во реализација на големи формати што претставуваше вистински предизвик. Стилски, делата варираат, а тоа е резултат на мојата номадска природа да не се закотвувам на едно место. Сакам да се впуштам во неистражените предели на моето несвесно. Експериментирањето подразбира ризик, но само на тој начин уметникот еволуира и доаѓа до нови откритија. Во сликите се сублимирани три актуелни значајни сегменти: манипулативната политика на Вујко Сем кој ги креира светските процеси и ги генерира конфликтите, лицемерниот и арогантен однос на Европа кон балканските земји и социјалната неправда. Цртежите се поделени во две серии: „Град“ е посветена на пероните од Старата железничка станица коишто беа урнати пред една година. Кога ги погледнав урнатините се фасцинирав од дебелината на челичните арматури со којашто биле градени. Не е ни чудо што го издржале скопскиот земјотрес. Процесот на уривање го документирав со фотографии коишто подоцна ги транспонирав во серија на цртежи со перманентен маркер во коишто ја овековечив љубовната игра на бетонот и челикот - синоними за Град. Останатите цртежи ја следат постмодерната наративната линија и во нив се опфатени темите: поп култура, сексуалност, религија, цензура, Пи-ар“, вели Ботев.

Во некои од делата на актуелната постановка Ботев по прв пат посега и по нестандардните медиуми – пенкало и маркер.

„Пенкалото нуди широк распон на цртачки методи, дозволува создавање на бројни валерски односи, суптилно сенчање итн. Процесот на опсесивно исцртување на мрежести структури од илјадници паралелни линии е напорен, но истовремено претставува своевидна визуелна мантра. Чувствувам како да сум го апсолвирал пенкалото до неговите крајни изразни можности. Од една страна ова беше инцидентна авантура во којашто ги тестирав своите нерви, а од друга страна сакав да го подигнам цртањето со пенкалото на друго ниво“, вели Ботев.

Конечно, запрашан дали би сакал прашањата и пораките од „Дезинтеграции“ да ги сподели со што поголем број љубители на уметноста и самомислечки луѓе, уметникот истакнува дека би било убаво оваа сага да продолжи и да ја видат што поголем број на луѓе затоа што постановката всушност се бави со универзални теми коишто ги засегаат сите во светот, како што се политиката, материјалната и духовна сиромаштија, војните, тероризмот, еколошките катастрофи, феноменот на социјалните мрежи итн.

„Мојата задача завршува во оној момент кога ќе го нацртам, насликам делото. Понатаму тоа продолжува да живее, а неговиот живот го вдахнува реципиентот, значи публиката. А, што се однесува до реакциите на оваа изложба, јас искрено сум задоволен. Имаше фантастичен фидбек и луѓето навистина беа засегнати од она што е прикажано“, вели уметникот.

Роден 1973 година, Атанас Ботев дипломирал и магистрирал графика и графички дизајн на Факултетот за ликовни уметност во Скопје. Работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје и за своето творештво добитник е на повеќе награди и признанија како наградата Остен на 40 Светска галерија на цртеж во 2012 година, Годишната награда за млад ликовен уметник „Денес“ и други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG