Достапни линкови

logo-print

Младинските и студентските движења во земјава, и покрај бројните проблеми, скоро и не се забележуваат, а кај студентите доминира општа незаинтересираност и чувство на безнадежност дека можат нешто да променат.

Студентите во Македонија долго време се соочуваат со висока невработеност, низок студентски стандард, катастрофални услови во студентските домови, корупција на универзитетите и, како што велат, последниот студентски проблем е екстерното тестирање во високото образование.

Македонските студенти ги знаат сите овие примери, посебно последните протести во Белград. Точно знаат што се случувало, како тие се организирани, но сепак тука владее стравот. Што ако ми се случи нешто, што ако некој ми се закани, што ако изгубам соба, што ако ми се одмазди професорот за моето гласно зборување?

Во земјава младинските и студентските движења и активизмот, и покрај бројните проблеми, скоро и не се забележуваат, а кај студентите доминира општа незаинтересираност и чувство на безнадежност дека можат нешто да променат. Тоа го потврдуваат и самите студенти, како и истражувањата и анкетите.

Слабо информирани за инструментите преку кои можат да ги остварат своите права и да побараат подобри услови, студентите немаа организирано ниту еден протест без разлика на нивната состојбата и на нивните барања. Единствените масовни студентски протести се случија во 1997 година, кога тогашните студенти се противеа на воведувањето албански јазик на Педагошката академија. Деновиве, по подолго време, околу 200 студенти протестираа во Скопје против воведување екстерно тестирање на универзитетите.

Толку време сме биле под турско ропство што едноставно луѓето се научени да не се борат за своите права. Мислам дека студентите треба да бидат похрабри.

И додека во соседството и во другите европски земји студентите и младите на повеќе начини се обидуваат да побараат подобри услови, во Македонија тие рамнодушно ги набљудуваат состојбите. Рубин Јовановски, студент на трета година на Електро–техничкиот факултет во Скопје, вели дека студентите во Македонија добро знаат како се организирани нивните врсници и во соседството и во останатите европски земји, но смета дека засега тие не се подготвени да се жртвуваат за своите права и за она што им припаѓа.

„Македонските студенти ги знаат сите овие примери, посебно последните протести во Белград. Точно знаат што се случувало, како тие се организирани, но сепак тука владее стравот. Што ако ми се случи нешто, што ако некој ми се закани, што ако изгубам соба, што ако ми се одмазди професорот за моето гласно зборување? Тоа се работи кои никако не можеме да ги надминеме и да ги заборавиме, дури и да се жртвуваме да бидеме казнети за тоа што ќе го кажеме. Ние немаме традиција да се бориме, остануваме глуви на проблемите и велиме остави некој друг ќе среди за тебе“, вели тој.

И неговиот колега, Бојан Матовски, од Факултетот за електротехника го дели мислењето дека и покрај тоа што студентите се наоѓаат во лоша состојба, кај нив постои страв да го искажат своето незадоволство, бидејќи молчењето за проблемите е дел од традицијата во нашата земја.

„Многу фактори играат улога за ваквата состојба. Толку време сме биле под турско ропство што едноставно луѓето се научени да не се борат за своите права. Мислам дека студентите треба да бидат похрабри“, вели тој.

Драган Милевски од студентското движење „Слободен индекс“, посочува дека лошата состојба кај младите е последица на синдромот на македонскиот народ, кој е навикнат да се помирува и да се адаптира на состојбите во општеството, без да бара нивна промена.

Ние се водиме по поговорката „Наведната глава сабја не ја сече“ и се помируваме со состојбите, наместо да реагираме да се променат.

„Ние се водиме по поговорката „Наведната глава сабја не ја сече“ и се помируваме со состојбите, наместо да реагираме да се променат. Така функционира нашето општество. Конформизам и конзумеризам. Секој гледа да се протне по полесниот пат и тоа е главниот проблем. Истовремено имаме мрзеливост и страв и тоа е комбинација од тие три фактори. Страв од последици и мрзеливост која се рефлектира во политичката неписменост. Студентите не си ги познаваат ниту правата, ниту, пак, се заинтересирани да ги знаат. Многу едноставно е да се информираш за своите права и обврски и за тоа кои се твоите методи за да се избориш за подобри состојби, ама тоа е. Имаме апатија, политичка неписменост и незаинтересираност и редно е да престанеме да бараме оправдувања и изговори зошто ситуацијата е таква. Едноставно во нас е одговорноста“, вели Милевски.

Она што малку ми даде надеж, тоа се последните случувања во однос на екстерното тестирање, кога веќе маса на студенти го кренаа својот глас и тоа на некој начин беше кај мене таа искра надеж дека може да почне едно вистинско студентско движење.

Неинформираноста е главната причина за апатијата и пасивноста кај студентите, вели Благица Петрова од студентското списание „Излез“. Таа објаснува дека студентите не знаат како да реагираат на проблемите во даден момент, ниту, пак, кому да се обратат, бидејќи не ги познаваат доволно телата кои функционираат како нивни сервиси.

Постојат студентски медиуми коишто можат да ги користат како алатка. Јас не можам да кажам дека расте апатијата кај студентите, напротив. Денес се нудат нови алтернативни алатки за комуницирање и за пренесување на информации, социјалните медиуми се тука во прашање. За тоа сведочи иницијативата „Операција студентски дом“. Со само една фотографија успеаја не само Министерството, туку и премиерот да го натераат да говори за овој проблем.

„Ние во „Излез“ функционираме по девизата „неинформираноста е мајка на униформираноста“. И токму поради тоа сметам дека неинформираноста е нивниот најголем проблем и причина за пасивноста. Друг проблем којшто го гледам овде е традицијата и она на кое што секогаш нè учеле да се тргнеме на страна и да очекуваме некој друг да ни ја заврши работата. Наместо да сфатиме дека ние како граѓани на оваа земја, не само што имаме права, туку имаме и одредени одговорности, а тоа е да говориме гласно и да го искажуваме своето мислење. Тоа е клуч за подобро високо образование и за општеството генерално“, вели Петрова.

Професорката на Филозофскиот факултет во Скопје, Татјана Стојановска – Иванова, вели дека во последните 20 години во Македонија постои класична студентска апатија. Според неа, во Македонија нема студентска авангарда која е носител на продуктивни општествени промени, а студентите немо ги следат своите проблеми и дури го поддржуваат она што се случува во македонското студентско движење.

„Ако се направи една социолошка анализа има неколку причини. Прво е тоа што сите овие години не се појави студентски лидер, кој навистина во вистинската смисла на зборот ќе се наметне кај студентската популација и којшто нема да има партиска обоеност и нема да ги гледа индивидуалните егоистични интереси. Од друга страна, политиката премногу се инволвираше кај студентите и ние гледаме дека секој избор на студентски лидер е поврзан на директен или индиректен начин со политичкиот дискурс. Исто така постои и моментот на страв, а дури имавме и една апсурдна ситуација кога студентите штрајкуваа против своите професори кога тие излегоа против законот кој ја нарушува автономијата на универзитетите, иако не знаеја за што протестираат и тоа беше една трагична ситуација“, вели Стојановска-Иванова.

Протестите за екстерното влеваат надеж

Младинскиот образовен Форум во 2012 година направи истражување на студентите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, чии резултати покажаа дека 68 проценти од студентите се свесни дека постојат проблеми во високото образование, но сметаат дека не постојат механизми за промена. 24 отсто, пак, велат дека нивните колеги се премногу пасивни.

Но, за професорката Татјана Стојановска – Иванова последните протести пред Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кога околу 200 студенти протестираа против воведувањето на екстерното тестирање во високото образование, се надеж дека во Македонија е можно да се формира критична маса и вистинско студентско движење.

„Она што малку ми даде надеж, тоа се последните случувања во однос на екстерното тестирање, кога веќе маса на студенти го кренаа својот глас и тоа на некој начин беше кај мене таа искра надеж дека може да почне едно вистинско студентско движење“, вели таа.

И студентите со оптимизам гледаат на последните протести против екстерното тестирање. За нив тоа претставува можност да се појави ново студентско организирање и работите да се помрднат од мртва точка. Рубин Јовановски вели дека ова е одличен пример, бидејќи досега не е забележано такво организирање кај студентите. Тој очекува приказната за последните собири и натаму да се раскажува и таа треба да биде мотив и инспирација за решавање и на другите проблеми. Сепак, тој посочува дека проблем при студентското организирање е тоа што Студентскиот парламент на УКИМ, како студентска организација е тотално глува за проблемите на студентите.

„Во моментов имаме добар пример, кога студентите се собраа пред ректоратот и кажаа дека екстерното тестирање не треба да се воведе и дека се против тоа. Проблем при студентското организирање, посебно на УКИМ е тоа што единствената организација која е легитимна да ги претставува, ја има потребната инфраструктура и има канцеларии на секој факултет е тотално глува за потребите на студентите. Студентскиот парламент на УКИМ воопшто нема никаква изјава, проект или настан каде што кажува дека е тука да ги брани студентите. Се што СПУКМ направил, а не направил многу е во насока на нарушување на автономијата на универзитетот, на заборавање на студентската борба, имаат еден куп ветување дека ќе се борат за да ги подобрат условите во студентските домови, но ништо од тоа се нема случено и останува само на празни ветувања. Исто така постојат многу докази и многу индикации дека Студентскиот парламент на УКИМ е партиско тело, составено од партиски кадри и всушност ја изработуваат задачата за која таму се поставени, а не онаа која вистински треба да ја работат“, вели Јовановски.

Состојбата може да се промени, убеден е Драган Милевски од студентската организација „Слободен индекс“. Тој смета дека студентите треба да ги пронајдат вистинските методи и да направат квалитетна стратегија. Дебатирање, учество на студентските пленуми, формирање на работни групи, кои освен анализа на правните аспекти, ќе организираат и протести, а кога е потребни дури и блокади, вели Милевски.

„Значи треба да се процени каква е ситуацијата и кој механизам е најдобро во моментот да се искористи. Протестите кај нас генерално не функционираат како метод, меѓутоа се супер меѓучекор. Ако ги следиме искуствата од Србија, Хрватска, Косово и слично, ќе видиме дека блокадата е најфункционален метод, меѓутоа кај нас мислам дека, не рано, туку ние не сме подготвени на такви премногу радикални методи, така што треба да се оди чекор по чекор, меѓутоа ако во одреден временски период се види дека одреден механизам не вродува со плод, тогаш треба да се промени механизмот и да се радикализира, да се бараат постојано нови начини. Дефинитивно мислам дека еден од главните чекори е блокада и кон тоа треба да се пристапи, бидејќи ако цело време шеташ по улица ним ништо не им значи. Треба да се удри по парите, ним им значат парите и времето, така што со блокирање, а Универзитетите на кого друг му припаѓаат ако не на студентите и ако студентите ги преземат факултетите, заедно со наставниот кадар, и на наставниот кадар не му оди во прилог екстерното тестирање, затоа што директно удира по нивниот кредибилитет како наставен кадар. Значи, ем е нарушена автономијата, ем некој сака додатно нив да ги тестира, така што треба заедно да се солидаризираат и наставниот кадар и студентите и заедно да изнајдат начин да се изборат со ова“, вели тој.

Благица Петрова, пак, смета дека апатијата кај студентите се намалува и наместо кон протести, тие повеќе треба да се насочат кон медиумите каде гласно ќе зборуваат за нивните проблеми.

„Постојат студентски медиуми коишто можат да ги користат како алатка. Јас не можам да кажам дека расте апатијата кај студентите, напротив. Денес се нудат нови алтернативни алатки за комуницирање и за пренесување на информации, социјалните медиуми се тука во прашање. За тоа сведочи иницијативата „Операција студентски дом“. Со само една фотографија успеаја не само Министерството, туку и премиерот да го натераат да говори за овој проблем“, вели Петрова.

Неизбежен проблем за секое студентско движење во Македонија е инволвираноста на политичките партии, смета професорката Татјана Стојановска – Иванова, која вели дека тоа се случува од осамостојувањето на земјата до денес, бидејќи, според неа, голем процент од членовите на студентските организации, истовремено се и членови на подмладоците на политичките партии.

„Поголемиот дел од студентите кои се членови на студентски организации се членови на подмладоците на политичките партии и на некој начин тие го ставаат партиското пред студентското, односно партиските интереси пред студентските за коишто тие всушност се залагаат. Толку години ние исклучиво се занимаваме со таа партиска инволвираност и потребни се студенти коишто потполно политиката ќе ја тргнат на страна и ќе се грижат за студентските интереси и права“, вели таа.

Рубин Јовановски вели дека скоро секое студентско дејствување е соочено со етикетирање дека е организирано од страна на некоја поличка партија.

„Владее мислење дека ако една организација е составена од членови на една политичка партија, тогаш ако правиш нешто различно од таа организација, веднаш си етикетиран дека си член на другата партија. На последните неколку собири и протести јавно се кажа дека ние не сме членови на ниедна политичка партија, иако еден од интернет порталите обележа неколку студенти дека биле членови на политичка партија, што не е забрането“, вели тој.

Драган Милевски, пак, коментира дека студентите не треба да губат време во објаснување и оправдување дали припаѓаат на некоја политичка партија.

„Не треба да се губи време бидејќи е дефокусирање да се правдаш дали си или не си од некоја партија, делата зборуваат на крај. Можеби ќе звучи малку себично, меѓутоа треба да се утврдат сите што членуваат со партиски ангажман, значи луѓе што се партиски инволвирани да немаат право на организирање. Присуство секако никој не може да им забрани, но за да не ја дискредитираат организацијата, не би требало според мене да учествуваат во организирање на тие активности“, вели Милевски, додавајќи дека во моментов студентите треба да се солидаризираат и да размислуваат на следните чекори со кои младите ќе обезбедат подобар статус во општеството.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG