Достапни линкови

Црни балони над Тетово - протест против загадувањето


Симболично во воздух беа пуштени црни балони, кои, според организаторите од движењето Еко Герила, ја отсликуваат состојбата со здравјето на тетовци поради загадениот воздух.

Околу илјада луѓе присуствуваа на протестот под мотото „Не молчи, крени го гласот - Воздух за Тетово“, на градскиот плоштад со што граѓаните јавно го искажаа незадоволството од постојаното загадување на воздухот во градот. Симболично во воздух беа пуштени црни балони, кои, според организаторите од движењето Еко Герила, ја отсликуваат состојбата со здравјето на тетовци поради загадениот воздух.

Го бараме воздухот кој не загадува поради алчноста на некои кои сакаат да создаваат милиони труејќи не нас, нашите деца, нашите родители, сè што е живо на ова место.

„Се собравме денес на овој плоштад за да бараме нешто што во другите земји би претставувало апсурд да се бара со протести. Она што и Господ го има дадено за сите негови суштества на Земјата, она без кое не можеме, се собравме тука за да го бараме нашиот воздух. Го бараме воздухот кој не загадува поради алчноста на некои кои сакаат да создаваат милиони труејќи не нас, нашите деца, нашите родители, сè што е живо на ова место. Ве повикувам да се подготвите на еден долг, макотрпен, исцрпувачки пат, но на еден пат кој ние мораме да го направиме зашто немаме други извори на воздух. Ние не можеме да го запреме дишењето, а тие можат да го запрат загадувањето“, истакна Аријанит Џафери од Еко Герила.

Мислам дека нивото на свеста на луѓето се крена на повисоко ниво зашто одлуката на Владата, по втор пат да му се даде продолжен рок на најголемиот загадувач во овој регион, мислам дека ги иритираше многу повеќе граѓаните.

За разлика од пред речиси една година кога на протестот имаше стотина учесници, денес нивната бројка беше поголема. Протестите следуваат по одлуката да се пролонгира рокот на фабриката Југохром за поставување филтри, што се смета за најголем загадувач. Движењето Еко Герила ќе ја оспори оваа одлука на Владата пред Уставен суд, вели Мерита Максути.

„Мислам дека нивото на свеста на луѓето се крена на повисоко ниво зашто одлуката на Владата, по втор пат да му се даде продолжен рок на најголемиот загадувач во овој регион, мислам дека ги иритираше многу повеќе граѓаните. Нема да заборавиме дека има и други загадувачи, ние сме загадувачи и нашата свест треба да се крене во врска со тоа. Знаеме дека и сообраќајот, градилиштата, дивите депонии - има многу причини за кои ние ќе треба да ги алармираме локалните или централните власти“, вели Мерита Максути.

Тетово и понатаму е прв на листата на градови каде загадувањето е далеку над дозволеното. Од 311 денови годинава, во 255 имало надминување на концентрацијата на штетните ПМ 10 честички во воздухот. Денес до пладне се евидентирани 474 ПМ 10 честички во воздухот или речиси десет пати над дозволените 50.

XS
SM
MD
LG