Достапни линкови

Пазете се! Доаѓа 13 Синедејс


Возбудлива и атрактивна филмска и музичка програма и работилница за визуелни ефекти, се само некои од многубројните содржини што ќе се случуваат на претстојното 13-то по ред издание на Фестивалот на европски филм СИНЕДЕЈС, кое ќе се одржи од 13 до 22 ноември во неколку киносали во Скопје. Мотото на годинешново случување за кое вообичаено се бара карта повеќе и кое како организатор го потпишува Младинскиот културен центар е „Пазете се! Доаѓа 13 СИНЕДЕЈС“.

Урбано Скопје од 13 до 22 ноември ќе живее како на филм. Во неколку киносали во градот и одбрани концертни простори ќе се случува Фестивалот на европски филм, манифестацијата која през годиниве нè навикна на заумно селектирана програма, несекојдневни творечки доживувања и чија заложба и натаму останува да ги шири видиците во однос на актуелната кинематографија на Стариот континент и да го тенчи вкусот на публиката. Уште повеќе, настанот кој се прима со нагласена љубопитност и за кој стана практика катадневно да се бара карта повеќе.

Детството, филм на Ричард Линклејтер.
Детството, филм на Ричард Линклејтер.

А, овој пат, пак, за актуелното издание чие мото е „Пазете се! Доаѓа 13 СИНЕДЕЈС“ од Младинскиот културен центар, организаторот на Фестивалот, со право најавуваат повеќе од 100 филмови во неколку програмски категории, преку 200 гости, 10 концерти или музички ноќи и пет работилници.

Во официјалната програма и во Сине-Балкан конкуренцијата имаме 15-тина филмови селектирани од големиот пријател на СИНЕДЕЈС и на Македонија – Берн Будер, филмови кои се дебитантски или втори остварувања на големите идни режисери на европските платна.
Златко Стефковски, директор на МКЦ.

„Во официјалната програма и во Сине-Балкан конкуренцијата имаме 15-тина филмови селектирани од големиот пријател на СИНЕДЕЈС и на Македонија – Берн Будер, филмови кои се дебитантски или втори остварувања на големите идни режисери на европските платна. Тоа се дела со автентични погледи за обид за зближување на различните конфесионалности, националности, генерации, па дури и со обид за зближување на ближните“, ќе рече Златко Стефковски, директор на МКЦ.

Ник Кејв, 20.000 дена на Земјата, постер за филмот.
Ник Кејв, 20.000 дена на Земјата, постер за филмот.

Тој појаснува дека во поглед на Гала програмата, „СИНЕДЕЈС повторно грми“, тврдејќи дека ниту еден Фестивал во Европа го нема тој одбир „за тие пари“. Истакнува дека публиката ќе има можност да ги види чудото од филм на Ричард Линклатер „Момчество“ сниман цели 12 години, потоа и „Најбараниот човек“ на Ентоан Корбијн, последниот филм на починатиот американски актер Филип Сејмур Хофман, а тука се и делата на Дејвид Кроненберг, браќата Дарден, Ларс Фон Трир, Мишел Гондри со екцентричната анимација посветена на Ноам Чомски, Вуди Ален и така со ред.

Продолжува и соработката со Тони Шариќ, директорот на фестивалот ДОРФ од Хрватска, кој за оваа пригода одбра дузина најнови музички документарци за програмата која го прави најголемиот исчекор досега. Имено, армијата верни следбеници дефинитивно нема да го пропушти филмот за една од култните фигури на светската музичка сцена „Ник Кејв: 20 илјади денови на Земјата“. Тука е и делото посветено на контроверзниот нигериски џез музичар, таткото на „афро битот“ и големиот борец за човекови права Фела Кути, насловено „Како го најдов Фела“, потем документарецот за еден од најзначајните британски бендови од крајот на 1990-те СТОУН РОУЗИС - „СТОУН РОУЗИС – Создадени од карпа“, па и оној посветен на „shoegaze движењето“ именуван „Прекрасната бучава“, тука е и оној посветен на Марко Брецељ, легендарниот пејач на словенечката легенда БУЛДОЖЕР и кантавтор и ентузијаст кој со многу нешта ја задолжи тамошната урбана сцена, а несомнено посебно внимание ќе предизвика и премиерата на музичкиот документарец на Љубица Поповска за македонскиот рок состав КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ - „Денот да е радосен“.

Овој пат, пак, ЗЕМЈА ВО ФОКУСОТ е Бразил, што подразбира дека публиката ќе има можност да проследи селекција на најрепрезентативните тамошни филмови како „City of God“ на големиот Фернандо Милереш, култниот „Bye, Bye Brasil“ на Карлос Диегеш или најпознатиот бразилски филм на сите времиња „Black Orpheus“ на Марсел Ками.

Ќе продолжи и традицијата на прикажување на кратки филмови на младите македонски автори (Гоце Кралевски, Антонио Аранѓеловиќ и Ана Опачиќ), а во придружната програма ќе биде организирана и голема Регионална работилница за филмска камера која (со импозантни 50.000 евра) е подржана од Европскиот фонд за поддршка на кината Еуромаж.

На СИНЕДЕЈС 2014 ќе гостува и Бојд Ван Хој од Холандија, еден од релевантните европски филмски критичари и авторот кој пишува за „Холивуд рипортер“, „Варајети“... и кој ќе одржи работилница за филмска критика.

Инаку, Фестивалот ќе ѝ биде домаќин и на Виржини Бурдан, светски познатата аниматорка и специјалист за визуелни ефекти. Таа со својот тим, во текот на долгата и плодна кариера, потпишала повеќе од 30-на филмови меѓу кои и извиканите „Икс мен“, „Хари Потер“, „Нарнија“, „Кодот на Да Винчи“ и други, а благодарение на соработката со македонската компанија за анимација и специјални ефекти во филм Фх3х ќе одржи работилница на тема „Успешното донесување одлуки во VFX дизајнот“.

Инаку, 13-от СИНЕДЕЈС официјално ќе биде отворен со копродукцијата „Споменик на Мајкл Џексон“ на Дарко Лунгулов, а наместо со филм ќе заврши со Концерт на филмска музика во кино „Милениум“ што ќе го изведе Оркестарот на Македонската филхармонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG