Достапни линкови

Спортски конфликти со политичка боја


Не е тајна дека МЗТ е под капата на Општина Аеродром, односно градоначалникот Ивица Коневски, кој доаѓа од владејачката партија, додека Работнички е „милениче“ на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, кој е од опозицијата.

Прекинот на синоќешното дерби помеѓу вечните ривали во македонската клупска кошарка, Работнички и МЗТ Скопје, уште еднаш ги покрена прашањата за тоа колку политиката игра своја улога во спортот. Не е тајна дека МЗТ е под капата на Општина Аеродром, односно градоначалникот Ивица Коневски, кој доаѓа од владејачката партија, додека Работнички е „милениче“ на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, кој е од опозицијата.

Не можат судиите да бидат поголеми од тоа дерби, ретко има дерби во Македонија како што е Работнички–МЗТ, значи ние треба да го негуваме тоа, не да правиме такви ексцеси.
Марин Докузовски, тернер на Работнички.

Илустрација.
Илустрација.

Играчите на Работнички и тренерот Марин Докузовски решија да не го доиграат градското дерби, откако судиите одлучија домашните навивачи да ја напуштат салата во 27 минута од натпреварот. Докузовски веднаш потоа изјави дека нема повеќе кошарка во Македонија. Тој вели дека не може и не сака да коментира дали политиката има некаква врска во она што се случуваше на теренот, но за прв пат, според него, на дербито било мирно за разлика од порано кога со поголеми инциденти натпреварите се одигрувале.

Често сме сведоци на настани кои не отсликуваат спортски амбиент, туку повеќе политичките ривали сакаат да си ги одмеруваат своите сили на теренот.
Иван Атанасовски, претседател на институтот Глобал.

„Не ни е јасно на никого што се случи со судиите, зошто го прекинаа натпреварот и зошто ја испразнија салата, сепак ние играме кошарка за таа публика и кога прават проблеми ние сакаме да биде како што треба и да нема експресии, тогаш да се прават, меѓутоа на овој натпревар навистина не ми е јасно која им беше причината, ние играме за таа публика, не можат судиите да бидат поголеми од тоа дерби, ретко има дерби во Македонија како што е Работнички–МЗТ, значи ние треба да го негуваме тоа, не да правиме такви ексцеси“, вели Докузовски.

Претседателот на Работнички, Горан Геровски, изјави дека таква бламажа се нема случено во македонската кошарка и се шокирани од одлуката на судиите, која ја нарече скандал од невидени размери. Раководството на МЗТ, пак, обвини дека со таквите одлуки Работнички оди во пропаст. Воедно му порачаа на клубот да прекине со изговорите дека МЗТ морал да победи.

Професорот и претседател на институтот Глобал, Иван Атанасовски, вели дека целиот политички амбиент кој владее во земјата, многу често се рефлектира во најпопуларната област во едно општество - спортот.

„Често сме сведоци на настани кои не отсликуваат спортски амбиент, туку повеќе политичките ривали сакаат да си ги одмеруваат своите сили на теренот, а не самите актери и спортистите, значи во тој контекст, тоа политичко ривалство, време е и властите и опозицијата да си го префрлат на политичка сцена, таму каде што му е местото, а спортот и останатите сегменти кои се засегнати од тоа да си останат по страна“, вели Атанасовски.

Работнички пред прекинот имаше резултатска предност од шеснаесет поени, а сега на клубот му се заканува казна и префрлување во трета лига од наредната сезона.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG