Достапни линкови

Концептот е „Горна Македонија“


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Ако тој концепт е прифатлив, прифатлив е кај и да ја ставите одредницата, вели поранешниот министер за надворешни работи Љубомир Фрчкоски во пресрет на средбите на посредникот Нимиц со македонскиот и грчкиот преговарач во спорот за името.

Новиот македонски амбасадор во Соединетите Американски Држави и претставник во спорот за разликите за името, Васко Наумовски, ги има сите неопходни инструкции за ставовите и позициите на Република Македонија со кои ќе настапи на претстојната рунда разговори, велат од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во пресрет на средбата што ја закажа посредникот Метју Нимиц за идната среда во Њујорк.

Станува збор за прашање од толку голема важност што за истото има постојана, континуирана координација на државниот врв.
Кабинет на претседателот Ѓорге Иванов.

„Станува збор за прашање од толку голема важност што за истото има постојана, континуирана координација на државниот врв“, додаваат од Кабинетот на шефот на државата.

Некој тоа го убедил премиерот дека е голема разлика, всушност нема врска, се работи за концепт Горна Македонија, тоа е суштествената приказна и за нас. Ако тој концепт е прифатлив, прифатлив е кај и да ја ставите одредницата.
Љубомир Фрчкоски, поранешен министер за надворешни работи.

Инаку од ланската посета на Нимиц на Скопје и на Атина, пак, стана јасно дека едно од главните несогласувања, како што рече и самиот посредник, е местоположбата на географската одредница. Поранешниот министер за надворешни работи Љубомир Фрчкоски, поаѓајќи од тоа дека зборувал врз основа на претпоставки базирани на информациите што доаѓале од странците, вели дека апсолвирано било каде ќе се наоѓа одредницата, односно, како што додава, се работело за терминот Горна кој стоел пред зборот Македонија. Но, сепак, тој смета дека нема голема врска дали придавката ќе биде пред Република или пред името на држава.

Архивска фотографија: Средба на медијаторот Метју Нимиц со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Грција.
Архивска фотографија: Средба на медијаторот Метју Нимиц со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Грција.

„Некој тоа го убедил премиерот дека е голема разлика, всушност нема врска, се работи за концепт Горна Македонија, тоа е суштествената приказна и за нас. Ако тој концепт е прифатлив, прифатлив е кај и да ја ставите одредницата, значи насловот во основа е Горна Македонија, тоа нема идентитетски импликации за народот, бидејќи и во Горна Македонија и во Долна и во Источна и во Западна, живеат Македонци. Тоа за нас, како што ние се дефинираме, е доволно и јасно, ние сме биле и Социјалистичка и Федеративна и Народна и ваква и онаква Република Македонија и не е проблем“, вели Фрчкоски.

Прифаќање на придавка или додавка пред зборот Македонија, не пред зборот Република или по зборот Македонија, може во понатамошниот развој на состојбите да доведе до притисок да се користи придавка како горно-македонски или северно-македонски.
Сашо Клековски, политички аналитичар.

Според аналитичарот Сашо Клековски, каде ќе стои одредницата е важно само ако нема договор за содржината на името, односно, како што вели, одредување на идентитетот.

„Стравувањата кај дел од јавноста или аналитичарите се дека всушност нема да имаме цврсти гаранции за идентитетските прашања, ќе има одредени гаранции, меѓутоа нема да бидат најверојатно дадени написмено и во таква една ситуација прифаќање на придавка или додавка пред зборот Македонија, не пред зборот Република или по зборот Македонија, може во понатамошниот развој на состојбите да доведе до притисок да се користи придавка како горно-македонски или северно-македонски што ќе биде невозможно ако таа додавка или придавка биде пред Република или по Македонија“, вели Клековски.

Во последно време, пак, во јавноста има две главни сосема спротивставени гледишта за можноста за скоро решавање на проблемот. Имено, атмосферата дека решението за името е на дофат, меѓу другите ја погреа и австрискиот весник Дер Стандард, кој објави текст токму со таков наслов. Вчера, пак, шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмајер рече дека спорот не може да се реши во наредните две или четири седмици, иако Берлин притискал за што поскоро решавање на проблемот.

Последната средба на македонски и грчки претставници се одржа во септември во Њујорк, за време на Генерално собрание на Обединетите нации. По состанокот со грчкиот колега Евангелос Венизелос, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски рече дека кај Грција и понатаму немало интерес за активно да се работи на решавање на спорот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG