Достапни линкови

Иван Наумовски – Нов херој на оперската сцена во Грац


Иван Наумовски, македонскиот баритон кој посетува Мастер студии на престижната Музичка академија во Грац, Австрија, ќе биде и најмладиот солист во екипата на оперетата „Веселата вдовица“ од Франц Лехар, што во режија на познатиот Французин Оливие Тамбози, премиерно ќе биде изведена в сабота, на 8 ноември. Наедно, показ за започнатиот успешен од на нашиот оперски пејач на интернационалната сцена се и поканата да биде почесен гостин на музичкиот натпревар на Академијата за уметност во Осло, Норвешка и улогите кои допрва го очекуваат на оперската сцена во градот каде што се усовршува.

По стапките на Ана и Игор Дурловски, Благој Нацовски и други оперски пејачи кои зад себе имаат убави интернационални кариери, тргнува уште еден македонски уметник. Станува збор за баритонот Иван Наумовски кој не само што е најмладиот студент на Мастер студии во класата на професорот Том Сол на Музичката академија во Грац, Австрија, туку оваа сабота ќе биде и најмладиот солист во екипата на оперетата „Веселата вдовица“ од Франц Лехар, што во тамошната прочуена градска оперска куќа како режисер ја потпишува славниот Оливие Тамбози од Франција.

Искрено на почеток ме изненади тоа што добив 14 претстави и една прекрасна улога со која што сите баритони во денешно време започнале. Првин мислев дека е голема среќа, но потоа кога го вратив малку филмот назад ми стана јасно дека тоа е само производ на мојата работа. Навистина многу се потрудив.
Иван Наумовски, баритон.

До оваа улога Наумовски стигна по успешните изведби на академската сцена, при што особено впечатливи биле неговите толкувања на Импресарио во „Вива ла Мама“ од Доницети и Мазето во Моцартовата „Дон Џовани“, по што пофалните зборови од критиката му обезбедиле дури 14 претстави од актуелната сезона на Операта во Грац.

Видно задоволен од таквиот след на настаните, а во пресрет на новата премиера, баритонот знае да каже дека е пресреќен што имал можност да учи од творец што има режирано во Метрополитен, насекаде по Европа и Америка, човек кој соработувал со диригентот Антонио Бабано или еден Дмитри Хворостовски.

Тоа е една многу добра и тешка улога. Улога која бара навистина многу труд од еден млад човек, но добро е што јас на оваа возраст ќе можам да кажам дека веќе сум ја имал отпеано. Згора ќе можам да се пофалам и тоа дека сум пеел нешто што по прв пат било изведено во Австрија.
Иван Наумовски, баритон.

„Искрено на почеток ме изненади тоа што добив 14 претстави и една прекрасна улога со која што сите баритони во денешно време започнале. Првин мислев дека е голема среќа, но потоа кога го вратив малку филмот назад ми стана јасно дека тоа е само производ на мојата работа. Навистина многу се потрудив. Се обидов да бидам најпрофесионален, онака како што ме учеше мојата мајка и професорка Марија Муратовска Наумовска и маестро Симон Трпчески со кого досега неколкупати сум настапувал. Тоа е тоа. Заслужено е. Заслужено е, но не ги кријам емоциите дека сум среќен. Ова е прекрасна прилика и не сум чул досега македонски баритон на оваа возраст да има дебитирано, да речеме, во Австрија, надвор од земјава воопшто. Јас сега, минатиот месец, само што наполнив 24 години“, вели Наумовски.

И, овде не завршува незапирливиот од на уметникот. На крајот на ноември тој ќе биде почесен гостин на музичкиот натпревар на Академијата за уметност во Осло, Норвешка, а веднаш потоа ќе ги започне пробите за комичната опера за деца „Пунчот на желбите“ од Елизабет Наске. Оваа современа опера инспирирана од романот на Микаел Енде за прв пат се поставува во Австрија, а главната улога на злобниот волшебник Ирвицер му е доверена токму на нашиот Иван Наумовски.

„Тоа е една многу добра и тешка улога. Улога која бара навистина многу труд од еден млад човек, но добро е што јас на оваа возраст ќе можам да кажам дека веќе сум ја имал отпеано. Згора ќе можам да се пофалам и тоа дека сум пеел нешто што по прв пат било изведено во Австрија. Праизведбата на операта била во Швајцарија, сега еве ја овде како проект на Музичката академија кој ќе заживее на сцената на градската опера, а потоа јас лично очекувам уште поголем успех со неа и изведби на повеќе сцени во земјата и во регионот“, вели пејачот.

Роден 1990 година, Иван Наумовски дипломирал со највисока оценка „cum laude” на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Марија Муратовска Наумовска.

Тој е добитник на голем број значајни награди и признанија на натпреварите во земјава и во странство, а настапувал со Оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија и учествувал на фестивалите и манифестациите како Скопско лето и Деновите на македонската музика. Посетувал мастер-класи кај еминентни уметници како Хелена Лазарска, Еленор Фалкенбург, Лидија Хорват Дуњко и Бригит Фасбендер.

Згора на тоа членувал во наградуваниот хор „Драган Шуплевски“ каде раководител е маестро Сашо Татарчевски, а од нашите диригенти соработувал и со Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев и Бисера Чадловска, додека концертниот подиум во рамките на Концертната турнеја низ Македонија го делел и со македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG