Достапни линкови

logo-print

Кичевските основци смрзнуваат на школо


Протест на родители на ученици во Кичево поради тоа што нема греење во училиштата.

Протест на родители на ученици во Кичево поради тоа што нема греење во училиштата.

Нема греење во две кичевски основни училишта поради недостиг од нафта. Родителите обвинуваат за етничка дискриминација поради тоа што греење нема само во школите каде учат Македонци. Градоначалникот негира и го вперува прстот во претходното општинско раководство.

Кичевчанката Ангелина Стефаноска е сериозно загрижена за здравјето на своето дете, бидејќи во училиштето Кузман Јосифоски-Питу, каде што се школува, нема греење. Вели секој ден се враќа дома смрзнато, настинато, а не добила ниту одговор од наставниците кога ќе се реши проблемот.

Само поради здравствени проблеми на децата, нема греење, сакаме да им се обезбеди правото на образование. Само бараме решение за проблемот, ништо друго.

„Само поради здравствени проблеми на децата, нема греење, сакаме да им се обезбеди правото на образование. Само бараме решение за проблемот, ништо друго“, вели Стефаноска.

Средба на родителите со градоначалникот Фатмир Дехари.

Средба на родителите со градоначалникот Фатмир Дехари.

Бидејќи овој проблем трае веќе втора недела, реагираат и другите родители. Тие со претставниците на советите на родители се собраа на протест пред општинската зграда, со барање до градоначалникот Фатмир Дехари итно да го реши проблемот. Го обвинуваат Дехари дека врши етничка дискриминација во образованието, бидејќи од сите 5 во градот, само двете училишта „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Владимир Полежиноски“ во кои учат ученици од македонска националност немаат резерви од нафта.

Најмалку 5 години, училиштата во град Кичево се со блокирани жиро-сметки и не сме во состојба да можеме да ги снабдуваме. Доставивме барање до Владата и очекуваме позитивен одговор, да ни одобри да користиме 250 тони нафта од стоковите резерви за потребите на кичевските училишта.

„Значи некои школи имаат, некои немаат. Ние бараме за нашите деца, кога да бидат спремни за во школо, дали за два, за три, по пет дена, овде никој не кажува за колку време“.

„Нема нафта, нема затоплување, само овде требаше и наставниците да дојдат“, велат родителите.

Директорот на основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“, Орце Наумоски, вели дека навреме бил распишан тендер за набавка на нафта, но не се јавил ниту еден понудувач, најверојатно од страв да не му бидат исплатени парите.

„Блок дотацијата што ја добиваме за материјални трошоци оди целосно кај извршителот на фирмата што го блокираше училиштето, сметката е блокирана поради неплатени долгови за нафта веќе подолго време, околу 3 години“, вели директорот Наумоски.

Градоначалникот Дехари порачува да не се користат учениците за политички цели. Освен овие две, вели многу брзо без нафта ќе остане и училиштето Санде Штерјоски, каде учат деца и од албанска националност. Тој ги повикува државните институции да извршат контрола на финансиското работење на претходната локална гарнитура, која создала долгови од 100 милиони денари, што се причина за оваа состојба.

„Најмалку 5 години, училиштата во град Кичево се со блокирани жиро-сметки и не сме во состојба да можеме да ги снабдуваме. Доставивме барање до Владата и очекуваме позитивен одговор, да ни одобри да користиме 250 тони нафта од стоковите резерви за потребите на кичевските училишта“, вели Дехари.

Според коалицијата „Кичевчани за Кичево“ одговорноста за овој проблем треба да ја понесе градоначалникот, бидејќи блок дотациите во образованието се трошат за плати за наставниот кадар, а Дехари како ексградоначалник на поранешната општина Осломеј, којашто сега е во состав на Општина Кичево, вработувал просечно по еден наставник за тројца ученици.

Во Министерството за образование велат дека го знаат проблемот. Иако најавија, сепак не соопштија како ќе се решава овој проблем во кичевските училишта.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG