Достапни линкови

Франција треба да ѝ испорача оружје на либанската армија


Саудиска Арабија и Франција потпишаа договор според кој Франција треба да ѝ испорача на либанската армија оружје во вредност од 3 милијарди долари. Шефот на француската дипломатија Лорен Фабиус денеска изјави дека договорот, финансиран од Саудиска Арабија, ќе им помогне на воените сили на Либан „да ја исполнат својата мисија за одбрана на територијата и борба против тероризмот“. Договорот беше најавен во декември минатата година, а се потпишува во време кога слабо опремената либанска армија се бори против милитантите од Исламската држава. Во тридневните борби меѓу владините сили и исламистичките милитанти во градот Триполи на северот на Либан минатиот месец загинаа најмалку 16 луѓе. Во август, либанската армија се судри и со борци на Исламската држава, но и со борци на Фронтот Ал Нусра, кој е дел од Ал Каеда. Милитантите потоа се повлекоа преку границата со Сирија, но со себе поведоа неколку десетици заробени либански војници и полицајци. Неколкумина од нив беа погубени.

XS
SM
MD
LG