Достапни линкови

Кривогаштани нестрпливо чека амбуланта


Жителите на Општина Кривогаштани, кога им треба итна помош, патуваат и по десетици километри до Прилеп. Се очекува наскоро тие ќе добијат амбуланта за брза помош.

Рубин Дивјакоски е жител на селото Крушеани, Општина Кривогаштани, па секогаш кога тој и членовите на семејството имаат потреба од итна медицинска помош патуваат до Прилеп. Од селото до градот има 22 километри, ги минуваат за 20-ина минути. Но, овој пат ова време било предолго, за итната терапија што требало да ја прими, бидејќи добил 5 убоди од стршлен. На пат кон градот, два пати изгубил свест, во паника, синот кој нема искуство во возење, едвај се обидувал да му помогне и на таткото и да го управува возилото. Медицинскиот персонал од Прилеп, иако нема надлежност да го покрива регионот, веднаш се упатиле кон Кривогаштани, ги пресретнале на половина пат. Го спасиле Дивјакоски од сигурна смрт.

Ми рекоа што побрзо ако можеш тргнувај, ако не значи ќе се сретнеме некаде на пат. За неполни 5 минути, ги изгубив видот, со дишењето имав голем проблем, не можев да дишам и на патот меѓу Славеј и Коњари, се сретнавме со итната помош.

„Ми рекоа што побрзо ако можеш тргнувај, ако не значи ќе се сретнеме некаде на пат. За неполни 5 минути, ги изгубив видот, со дишењето имав голем проблем, не можев да дишам и на патот меѓу Славеј и Коњари, се сретнавме со итната помош“, вели Дивјакоски.

Потреба од итна помош имаат и жителите на другите 11 населени места во општината. Реагираат граѓаните од сите возрасти. Велат живеат во страв поради сите современи болести.

Кривогаштани.

Кривогаштани.

„Би требало да има овде амбуланта за брза помош, да е поблиску, друго е два километра да треба да се поминат, друго е уште 20 км до Прилеп“, вели Гоце Придаенкоски од село Крушеани.

Планирано е да функционираат 4 екипи со доктор, медицинска сестра и возач, по принципот на другите служби за итна медицинска помош.

„Итна помош била потребна и во претходниот период, но ако побрзо се интервенира на таа тема, толку подобро ќе биде за целата општина, за да може жителите да бидат посигурни за своето здравје“, вели Рубинчо Станчески од Кривогаштани.

Локалната власт има решение за проблемот. Преземени се мерки во соработка со Министерството за здравство.

„Планирано е да функционираат 4 екипи со доктор, медицинска сестра и возач, по принципот на другите служби за итна медицинска помош. Завршен е тендерот за реновирање на просторот каде што ке биде сместена итната медицинска помош и се надеваме дека со оглед на динамиката на работа, би требало да почне со работа пред Нова година“, најавува градоначалникот Тони Заткоски.

Општината ќе ги покрие трошоците за реновирање на објектот, во вредност од 15 до 20 илјади евра. А, трошоците за опремување на службата, набавка на возила, вработувањата се обврска на Министерството за здравство.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG