Достапни линкови

Неделен печат – Исламисти, напад врз владата и АФИС


Глобус и Република ја анализираат состојбата со радикалниот ислам во Македонија, а Фокус пишува за „изгубените“ АФИС системи за отпечатоци за лични карти и пасоши.

Глобус - САД, Балканот и џихадистите

Нашиот претседател надвор укажува на сериозноста на ситуацијата, ама дома имаме министерка за внатрешни работи која признава дека нема доволно сознанија за регрутација на блискоисточните „интернационалци“.

„САД, Балканот и џихадистите“ е тема што ја анализира најновиот он-лајн магазин Глобус и која во последно време сериозно го загрижува буквално целиот свет. Па, покрај другото, пишува дека меѓу балканските земји, само Косово и Босна и Херцеговина преземале пошироки мерки на обезбедување од вахабистичката опасност. Црна Гора стравува и ја признава својата сегашна немоќ. Во целата ситуација најзагрижени се Американците, забележува неделникот. Нашиот претседател надвор укажува на сериозноста на ситуацијата, ама дома имаме министерка за внатрешни работи која признава дека нема доволно сознанија за регрутација на блискоисточните „интернационалци“. Индиректно, ние признаваме дека имаме државна безбедност која е комплетно некомпетентна и во аут! - констатира Глобус, кој едновремено потсетува дека официјално, бројката на загинати македонски Албанци во Сирија и во Ирак се искачи на 12 лица.

Република – Исламски радикали и пукањето кон владата

Секоја сличност со некои радикални структури кои ги оживуваат големонационалните идеи и ги рециклираат проектите за поделби по етнички линии, можеби е случајна, но остава простор да се сомневаме дека некому сериозно му пречи стабилен и развиен Балкан.

Уводникот на Република се осврнува на истрелувањето врз Владата на два проектили, наведувајќи дека напад на влада и на владини институции не може да биде организиран и изведен од обични криминалци, туку од „крупни риби“. Авторот на уводникот ги посочува исламските радикали, за кои не е тајна, вели, дека ги има и кај нас, како можни изведувачи, и странските тајни служби како можни замешатели, со цел да ја дестабилизираат земјата. Авторот ја спомнува и ДУИ, која, како што пишува, со силна поддршка на САД и на ЕУ на времето, успеала да наметне ново толкување на Рамковниот договор, а на предвремените избори и да се врати на власт како задолжителен коалициски партнер поради најмногу освоени гласови во албанскиот блок. Република завршува со зборовите дека „секоја сличност со некои радикални структури кои ги оживуваат големонационалните идеи и ги рециклираат проектите за поделби по етнички линии, можеби е случајна, но остава простор да се сомневаме дека некому сериозно му пречи стабилен и развиен Балкан“.

Фокус - Досие АФИС

Фокус посветува втора анализа на таканареченото „Досие АФИС“, или на, како што пишува во насловот: „Образование и наука во служба на полицијата“. Па наведува дека освен еден АФИС-систем за отпечатоци за лични карти и пасоши, во МВР незаконито завршила и лабораторија за компјутерско-форензичка опрема наменета за Факултетот за безбедност, со која може да се следат сервери, компјутери и интернет-комуникација на приватни фирми, институции, политички партии... Од МВР за Фокус велат дека не ги интересира каде завршиле двата АФИС-система кои недостасуваат од набавката на Министерството за образование. Во МРТ немаат поим дека воопшто нарачале таква опрема!? Обвинителството е во тесно зашто мора да има разврска, а одговорни се највисоки владини функционери! - загатнува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG