Достапни линкови

Алма Идризи: Сакам да ја раздрмам свеста на луѓето


Преставувајќи ги едноподруго своите дела најнапред на реномираното Биенале во Велс, а потем и на прочуениот Есенски салон во Париз, македонската мултимедијална уметница Алма Идризи започна да го живее својот творечки сон. Следните постојки од нејзиниот исчекор на интернационалната уметничка сцена ќе бидат изложбите во Италија и во Полска.

Сево ова лично го доживувам како остварување на мојот сон. Ваквите претставувања се и силна мотивација за работа. Едноставно кога ми се даваат шанси да го изложам своето творештво покрај оние на други уметници од целиот свет тоа дополнително ме стимулира и ми кажува дека сум тргнала по вистинскиот пат.

Во секое мое изразување, без разлика дали се слики или фотографии, се трудам да предизвикам ментални вибрации кај луѓето. Мојата желба не е да станам позната уметница, туку, на некој начин, да допрам до нивната свест. Да ја раздрмам малце. Да се преиспитаат за нивните ставови. Пораката да биде јасно пренесена.

Ова првично ќе го забележи македонската уметница Алма Идризи по враќањето од Париз каде неодамна се престави на прочуениот Есенски салон. Нешто пред тоа, на почетокот на септември годинава, со четири свои фотографии, таа учествуваше и на реномираното Биенале во Велс, Велика Британија.

Говорејќи за себе како творец, Идризи нагласува дека нејзината првична мотивација е да допре до луѓето. Појаснува дека понекогаш уметноста знае да шокира или да предизвика различни реакции, но она што мора да го сториме е да проникнеме во себе. Да дознаеме што е она што не одбива, а што она што не привлекува. Дали сме искрени кон себе и дали можеби не сме се прифатиле себе си.

Кога не би верувала сигурно не би се бавела со уметност. Пред сè мора да се верува во она што го правиме за да бидеме успешни. Ако не веруваме нема да бидеме успешни ни во пораките доволно.

„Во секое мое изразување, без разлика дали се слики или фотографии, се трудам да предизвикам ментални вибрации кај луѓето. Мојата желба не е да станам позната уметница, туку, на некој начин, да допрам до нивната свест. Да ја раздрмам малце. Да се преиспитаат за нивните ставови. Пораката да биде јасно пренесена“, вели таа.

Младата девојка вели дека искрено им припаѓа на оние кои настојчиво веруваат дека уметноста може да го смени светот. Да го смени поведението на луѓето.

Се барам во сите области на уметноста. Во сликата, фотографијата, видеото. Преку секој медиум на различен начин успевам да се изразам. И тоа е она што ме мотивира уште повеќе во сите области да истражувам и да работам.

„Кога не би верувала сигурно не би се бавела со уметност. Пред сè мора да се верува во она што го правиме за да бидеме успешни. Ако не веруваме нема да бидеме успешни ни во пораките доволно. Независно дали ја приметуваме или не, уметноста е постојано околу нас, во секој момент, и затоа убедена сум дека нејзината моќ за смени нешто е најсилна“, вели таа.

Родена 1985 година во Скопје, Алма Идризи е мултимедијална уметница која твори во повеќе медиуми. Нејзините дела се претставени преку сликарството, цртежот, илустрацијата, видеото и дигиталната фотографија, а се бави и со мода и изработка на дизајн на накит.

Започнала да изложува во 2003 година во Музеј на современа уметност на Македонија, а потем следувале неколку самостојни и повеќе групни изложби и колонии во земјава и во странство.

Во изминативе три години учествуваше на неколку проекти за заштита на културното наследство во Република Македонија финансирани од амбасадата на САД, а нејзините дела се дел од повеќе јавни и приватни колекции кај нас, во соседна Албанија, на Косово, во Турција, Аргентина, Уругвај и Италија.

Нејзините интереси во уметноста се движат од примената на класичната уметност до современите начини на изразување. Таа не само што ги проучува, туку и особено милува да експериментира со материјалите и уметничките јазици.

Од таму не чуди кога вели дека таа првично била сликар. За да го изучува сликарството се обидувала да проникне во тајните на цртежот, на илустрациите, академски да ја изучува уметноста. Но, во еден момент почувствувала дека тоа не и е доволно и сакала да ги пробие границите. Се обидела со фотографија и потем предизвик и станало видеото. Така стигнала и до дизајнирањето на накитот со сознание дека така полесно се допира до обичниот човек – „тој така почнува постојано и секаде да носи парче уметност со себе“.

„Се барам во сите области на уметноста. Во сликата, фотографијата, видеото. Преку секој медиум на различен начин успевам да се изразам. И тоа е она што ме мотивира уште повеќе во сите области да истражувам и да работам. Не би сакала да се ограничам на едно нешто. Во последно време, особено по запишувањето на магистерските студии по фотографија, пронајдов многу интересни начини да ги комбинирам материјалите кој што ги употребувам во сликите и во овој медиум. Допирот на субјектот, односно човекот со таквите материјали и реакцијата нивна едноставно ме фасцинира“, вели уметницата.

Кон ова само уште информацијата дека на почетокот на декември годинава Алма Идризи најнапред ќе изложува во галеријата „Кобро“ во Полска, а неколку дена потоа нејзините дела ќе се најдат и на интернационалната изложба „Јас сум жена!“ која што е посветена на горливата тема - насилството врз жените и која што ќе се одржи во Италија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG